Кукавицата го одбројува векот, што е со човекот?!

ТЕАТАР

КОН “ГОСПОДАРОТ НА КУКАВИЦАТА ОД ВЕНКО АНДОНОВСКИ; РЕЖИЈА АНДРЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ; ПРОДУКЦИЈА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

Глобалното е добро, глобалното е наше, глобалното е единствено, небитно е што е ваше… Борбата на малиот против Големиот на Давид со Голијат, во кој малиот губи , а големиот добива во која ситното е се поситно, а крупното се укрупнува додека не не поклопи и по можност не не изеде…

Оваа сериозна тема за дилема која го поткрепува апсурдот на модерните времиња, во Театарот и неговото искривено перцептивно глеање и тоа како може да не насмее и тоа до солзи, што од смеа, што од болка…

Најверојатно, на ова помислувал авторот Венко Андоновски пишувајќи ја пиесата, “Господарот на кукавицата”, во која одбројувајќи ни го времето заедно со европскиот и светскиот часовник, ни нуди сепак ограничено дваипол часовно весело, но и замислувачко чувство на припадност.

Оваа приказна која се одвива во една единствена куќа во Галичник и во дувлото на полтронството и себегубењето “сандалијата# ни Скопје, се движи помеѓу стамениот, автохтон дух на Никодин алијас Рубенс Муратовски, кој по својата “обична” мудрост и моќ за трансформација, се разбира, во границите на она што му го дозволува достоинството, ни укажува дека глупоста сепак може да биде минлива, а желбата за своето останува макар и во трошки во нашата душа, наспроти ликовите како што се Серафим алијас Атанас Атанасовски, Серафимка или Жаклина Петровска, Херувим на Валентин Костадиновски, Министерот со Едмонд Сотир, #екипа која се би дала да слугува на Големата идеја на Другиот…

Се разбира, оваа нишка би била скоро трагична доколку со својот ракопис, режисерот Андреј Цветановски не ја довел до гротескна бурлескност преку сцени во кои и буквално застанува здивот од смеење.

Во тоа, сесрдно му помагаат и актерите, овие (не само) претходно набројаните туку и Илија Илиоски, преку неговиот Арангелче, или персонифицираната душа на Никодим, кој својата кроткост ја пренесува суптилно на моменти многу комично, но на моменти замислувачки, а тука се и Косте на Столе Мицов, епизодата на лекарот Зорица Нушева, Роберт Ристов со неколкуте ролји, мајстор Доксе на Крсте Јовановски, Ердан Максут кој исто така има неколку ликови, Мојца на Тања Мицков, како и палетата невести на Никодим, Ева Скендеровска, Билјана Ристов и Кристина Лазовска, за лепезата да ја заокружи Јелена Жугиќ како Времето и Никодимка…

Сите тие без исклучок го даваат својот максимум, актерски и професионално во гротескно исцртаната слика на Душата на светот која иако искарикирана и подјадена сепак стои…
За комплетирањето на целосната слика во најновата премиера на Театарот комедија заслуга имаат и сценографите, Милан Несторов и Сергеј Светозарев, костимографот Александар Ношпал, неговата асистентка Марта Дојчиновска а и музиката на Оливер Јосифовски.

Единствена замерка за комплетниот впечаток во кој не втурнува оваа претстава е нејзиното времетраење, односно (не)воедноченоста на нејзиниот часовник, па така двоипол часовниот термин се чини на моменти предолг оптоварен со можеби непотребна наративност, на моменти, што сепак не влијае на општиот впечаток што го остава комичниот дел на оваа најнова трагикомедија на театарот од центарот на Скопје. (Б.Г.)