Македонскиот актерски бран е специфичен
Режисерот Џон Блондел познат и е на нашата јавност како човекот кој пред две години го работеше “Хенри ВИ” кај нас во Битола, па оттаму тој на отворањето на штотуку завршениот Битола Шекспир фестивал рече дека токму градот на конзулите е негов втор дом. За чувството како е да се биде граѓанин на Битола, Македонија, но и за поврзаноста со драматуршкиот маг Шекспир, со кој Блондел се занимава повеќе од деценија ќе разберете од непосредниот разговор што следува…
Во неговите пиеси Шекспир речиси се кажал, раскажал, прикажал… Неговите приказни се јасни ги има од сите за сите. Во овој контекст кој е предизвикот и понатаму да се работи или да му се посветиме на Шекспир како што тоа Вие го правите?
– Би рекол дека има три основни причини: прво театарот се чувстува кога има лично и митско во него, во исто време. Шекспир повеќе од било кого опфаќа толкав сегмент. Кај него има приказни кои се универзални и тоа како современи, иако се пишувани пред речиси пет векови. Второ, Шекспир во денешната човечка историја се доближи до нашиот јазик, односно неговиот јазик е се поразбирлив. Отсега натаму па и за 50 и 100 години Шекспир ќе го има предзнакот на глобален феномен. Трето, тој е громобран и лупа низ која може да се гледа… Тој токму на тој начин ги привлекува уметниците. Од друга страна нуди толку многу артистички можности, што додека тие прават театар кај нив расте возбудата при работата. Затоа, тој и денес е актуелен.
Што е всушност новото кај Шекспир?
– Сум го работел Шекспир на повеќе начини и целосно и парцијално. Сум го работел класично и модерно. Едноставно лесно е да се работи Шекспир, кога ја имате есенцијата. Сепак, јас иако го прифаќам модерното, преферирам да работам целосни, класични Шекспирови дела, бидејќи само преку целото дело можеме да го видиме целиот дијапазон и можностите кои ги нуди Шекспировото писмо. Всушност, имав впечаток дека како стареам, Шекспир е всушност толку поврзан со мене, што тој е тоа што сум всушност јас…
И покрај ваквата констатација и впечаток за магот кај вас се случило ли да кажете доста ми е од Вилијам?
– Да, имав неколку такви “случки” во кои едноставно се одделував од него. Последниот таков обид беше пред 5-6 години, малку се заситив не од самиот Шекспир, туку од случувањата околу мене, од фестивалите… Но, целосно никогаш не можев да го отфрлам од себе.
Што мислите, дали Вилијам Шекспир би се снашол во денешниот свет-сцена?!
– Тешко дека би можело да се каже дека онаков Вилијам Шекспир, актерот од 16 век би можел целосно да се инволвира во ова наше живеење. Приказните кои тој ги создавал, ги играл и ги собирал не би имал можност да ги има во себе и крај себе, бидејќи едноставно начинот и брзината на денешното живеење на светот – сцена е многу поинаков и најверојатно тешко разбирлив за Шекспир. Тоа многу добро го опишува фасцинантниот Јан Кот во неговото многу познато дело “Шекспир наш современик”, што значи дека, сублимирано, тој е човекот од ренесансата и таков треба да остане, бидејќи како таков ни ги создал делата врз кои и ние самите се темелиме… Од овој аспект гледано сепак сакам да размислувам за него (колку што можам) како за нешто или некој надвор од мене.
Се појавија и “ликови” кои се обидоа да го оспорат авторскиот легитимитет на Шекспир…
– Тоа е апсолутно погрешно. Има докази дека токму тој ги пишувал своите дела! Вилијам Шекспир има конспиратори токму поради тоа што е несоборлив. Има и небулозни конструкции, на пример кои тврдат дека Елвис Присли е уште жив! Апсолутно не ги сакам идеите дека тој не ги познавал луѓето за кои пишувал, бидејќи токму неговото совремие ги носело неговите дела. Мислам дека за да ги опишеш сите тие ситуации како што тој тоа мајсторски го направил, треба да си присутен за да можеш да ги опишеш… А за сето тоа да го срочиш на негов начин треба да се генијалец… Тој е токму тоа!
Можете ли да ни кажете што е следно по низата од ваши патешествија и Шекспирови фестивали…
– Со мојата компанија од Санта Барбара ќе го играме “Хамлет” во Пекинг, Кина во октомври. Направен е и неофицијален муабет повторно да се вратам тука во веќе мојата Битола, повторно да го работиме Шекспир, можно е дури и за отворањето на третиот Битола Шекспир фестивал.
Ја споменавте Битола и Македонија… Кажете ни нешто повеќе за релацијата помеѓу нашите актери и Шекспир?
– Моето искуство е дека Шекспир пишува за карактерите, кои неминовно ги тераат актерите да мислат. Шекспир се случува во брзината на мислата. Македонските актери во оваа смисла извонредно го прават тоа сите со свои сензибилитет и индивидуалност, но и сите “се возат” на еден енергичен бран, кој мене особено ми се допаѓа. Македонските актери кога го играат Шекспир го прават тоа одлично. Што се однесува пак до мојот втор дом Битола навистина се тука се чувствувам прекрасно. Едноставно, го обожувам вашиот начин на живот, ведриот дух, смиреноста со која понекогаш ги восприемате и најтурбулентните нешта. Едноставно, овде сум друга личност…
Борче ГРОЗДАНОВ