АКТЕРОТ ПРЕДРАГ ПАВЛОВСКИ НА СЦЕНА СИ ЈА МИНИРАЛ СОПРУГАТА

По моја вина декоратерот го извлече подебелиот крај

“Јас се заплеткувам со реквизитот, доцнам на промена, но на повик од Ангел дотрчувам не гледајќи каде е Тања. Ја креваме шипката и во тој момент Тања тргнува и се спрепнува. Таа паѓа и сето тоа се случува во мрак. Лута, бесна почнува со микрофонот да го удира Ангел бидејќи и е поблиску. Кутриот тивко се бранеше: Не сум јас! Маж ти задоцни”…, раскажува Павловски како на работно место се обидел да ја “минира” својата сопруга

Актерот Предраг Павловски во матичниот Театар за деца и младинци, како што вели, секојдневно се соочува со интензивни случки на и зад сцената.

Најинтересно и најдинамично е на претставите што ги режира Боњо Лунгов. Тој повеќе од 20 години работи со нашиот театар и никако не се откажува од брзиот театарски ритам со многу костими, реквизити и разновидни кукли кои актерите ги разменуваат меѓу себе за време на претставата. Сето тоа наликува на еден строго организиран и договорен хаос. Од овој аспект мислам дека би било интересно и за публиката да може да го види тоа. Токму на една негова претстава се случи еден пех кој мислам дека публиката не го примети, но зад сцена беше доста остро. Во едно кабаре, некаде на средина на претставата мојата сопруга Тања Кочовска, требаше влегувајќи од една нумера во друга да се пресоблече за многу кратко време и да истрча на сцена со микрофон за да продолжи со следната точка. Јас за тоа време требаше да сменам некои реквизити и да кренам една долга шипка на која беше закачена завеса. Од едната страна на шипката бев јас, а од другата нашиот декоратер Ангел. Во рок од 5-6 секунди ние ја креваме шипката и Тања треба да излезе на сцена. Сето тоа се одигрува во темница. Се случува следното: Јас се заплеткувам со реквизитот, доцнам на промена, но на повик од Ангел дотрчувам, не гледајќи каде е Тања. Ја креваме шипката и во тој момент Тања тргнува и се спрепнува. Таа паѓа и сето тоа се случува во мрак И лута, бесна почнува со микрофонот да го удира Ангел бидејќи и е поблиску. Кутриот тивко се бранеше: Не сум јас! Маж ти задоцни”… Во исто време мајсторот на светло чувствува дека нешто не е во ред, сцената останува во мрак а во салата се слушаат само тапи звуци од ударите на микрофонот врз невиниот Ангел. Публиката помисли дека тоа се почетните тактови од нумерата што следи и почна да држи ритам со ударите на Тања… Нормално, за некоја секунда се пали светлото и Тања почнува со нумерате како ништо да не се случило”, раскажува Предраг Павловски како на работно место се обидел да ја “минира” својата сопруга.

Павловски се присети на уште еден настан кој не го нарекува пех, туку доказ дека театарот има недопирлива магија, нешто што не може да се објасни со зборови.

Пред дваесетина година бев член на КПГТ Суботица театар кој тогаш, а и сега, го води Љубиша Ристиќ. Ја игравме претставата “Ричард Трети” на нишката тврдина. Претставата беше поставена така што публиката за сето време се движи по актерите и ги следи одејќи паралелно со нив од страните. Во еден момент, од некаде се појави чопор од кучиња кои многу лаеја и ‘ржеа… Сите ги приметивме и чекавме што ќе се случи… Тука настапи магијата на театарот, бидејќи кучињата кога ја видоа претставата, застанаа како пред некој господар или како да влегуваат во некој храм, за заедно со публиката мирно да ја изгледаат целата претстава”, ја раскажува Предраг метафизичката димензија на театарот.