Роберт Вељановски директор на Драмски театар

Почитувани театрољупци,
Кога некој ќе се „дрзне“ и ќе влета во донкихотовска авантура за да го одбележи неодбележливото, да го замрзне мигот на времето, со една единствена цел, да ги протолкува значењата на соѕвездијата на галаксијата наречена театарска претстава (театарско уметничко дело), тогаш невозможно е, ако искрено го љубите театарот, да не му посакате успех. Од друга страна пак, кога тој „некој“, е некој кој целиот свој живот е верен проследувач на театарската уметност и театарскиот живот во Татковината, повеќе од сигурно е дека борбата со театарските ветерници, во најмала рака, ќе биде реалност.
Суровоста на времето во кое живееме наметна една недоблесна практика. Сé помалку, убавото, вредното и нематеријалното имаат простор за претставување пред широката публика. Медиумите, речиси без исклучок, втурнати во суровоста на капитализмот, во борбата за профит, за гледаност и читаност, за „лајкови“ и „шерувања“, сé повеќе го отфрлаат некомерцијалното. Она што естетски и етички е вредно, е запоставено, да не речам, брутално отфрлено од нивниот светоглед, за сметка на лесното, безвредното, гледаното, на сметка на она што е означено како – ѓомити. Едноставно, културни редакции во безмалку сите медиуми речиси и да нема. Онаму каде што ги има редуцирани се во секој смисол, од екипираност, до просторот кој им се отстапува за осврти.
Токму од овие причини, појавата на еден новиот електронски медиум „ Наше Театрче“, кој ќе се занимава со театарската уметност е само еден мал зрак светлина во вселената на информираноста за културата, а посебно за театарот. Од срце Ви посакувам многу драма, неброени солзи и смеа, неброени творечки драмски конфликти, безброј театарски галаксии!
Нека е за многу години и имајте возбудлива театарска вселена!!!