Огнено крштевање со Магбет – ПEТАР ГОРКО

 

ЗА АКТЕРОТ НЕМА НЕВОЗМОЖНИ СИТУАЦИИ –

На генералната проба за оваа претстава сплавот на кој Горко бил сам се запалил, а тој заедно со неговиот спасител завршил во водата на изворите на Св. Наум чија температура е само 10 степени

Дека актерите се чудна сорта, дека за нив нема и не смее да има болест, повреда, температура, а и смртна опасност, веќе е апсолвирана во оваа наша рубрика.

Ниту актерот Петар Горко во случајов не е исклучок. Од многуте пехови и “клинч” случки тој за нас, за читателите на Вечер издвои само три.

Првата е кога со температура од 40 степени дошол на претстава со велосипед бидејќи во моментов службеното возило на театарот било зафатено, па така нашиот јунак од велосипедот директно на сцена со температура го одиграл “Силјан” до крај и покрај стравувањата на колегите дека главниот лик може “да им припадне на сцена”…

Но, неволјите за Горко не застануваат тука:

-Втора ситуација имав на “генералката# на “Магбет# на изворите на Свети Наум. Играв сам на еден сплав каде имаше трон направен од стиропор и тринаесет конзерви наредени да светат.

Требаше да има парафин внатре, но реквизитерот наместо тоа ставил нафта. Додека течеше пробата почнав да вдишувам чуден вкус во устата што се зголемуваше до гадење. Одеднаш како што се движеше сплавот една од конзервите падна и дрвената конструкција почна да гори. Од најблискиот чамец сопругот на една колешка се фрли во водата, најбрзо можно стигна до мене и ме спаси. А водата на изворите е десет степени. Нормално, генералката се прекина затоа што згора на се добив и труење. Чуството беше ужасно. Сепак, утредента премиерата ја одиграв маестрално. Освен колегите-пријатели и никој не се интересиораше за случајот…

И последно, третата незаборавна ситуација Петар Горко ја доживеал кога како на татко му соопштиле дека неговиот седумгодишен син сериозно е болен и под итно треба да се носи во Скопје…

-Беше страшна ситуација. Опасноста да се влоши ситуацијата беше огромна, а јас вечерта морав да играм претстава. Ја одиграв “Спилиони” бидејќи како што ми рече директорот “детето има мајка до себе”, а како ја одиграв претставата не знам ни самиот, бидејќи во себе имав измешани емоции, болка и стравови. Ужас! Не спиев цела ноќ чекајќи да се раздени и со првиот воз да отидам во Скопје. Сепак среќата и Господ беа на наша страна и целата таа ситуација испадна во ред. И повторно никој не дозна, ниту пак, некому му растрепери душата. Ако прашувате како ги црпиме и градиме ликовите, едноставно ваквите ситуации нека ви бидат репер. Но, човечки ваквите стресни ситуации оставаат лузни во срцето, ја заавршува својата приказна нашиот актерски јунак Петар Горко. (Б.Г.)