Благоја Чоревски | |
![]() |
|
Роден | 9 септември 1947 Велес, ![]() |
---|---|
Националност | Македонец |
Познат | по улога во: Пресуда Викенд на мртовци Време, води |
Занимање | актер режисер политичар |
Татко | Трајко Чоревски |
Мајка | Ратка Чоревска |
Благоја Чоревски (Велес, 9 септември 1947) е македонски актер и режисер, општественик и државник. Тој е син на доајенот на македонското актерство Трајко Чоревски и актерката Ратка Чоревска[1]. Неговиот брат Борис Чоревски е познат битолски актер.
Актер со интересна инвентивност, чија игра се базира на односот кон сцената како личен и интимен простор за делување.
Биографија
Благој Чоревски е еден од ретките професионаци на нашите сцени. Без разлика дали создава театар, телевизиска серија, радио настап, успева да се претстави како исклучителен актер полн со автентична креативност и моќ за создавање комплетно различни ролји. Роден е на 9 септември 1947 година, во Велес, во семејство на двајца актери – таткото Трајко Чоревски, (еден од основоположниците на Македонскиот народен театар и еден од најзначајните актери на театарот во Македонија воопшто) и мајката Ратка Чоревска, актерка, која сета своја кариера ја поминала на сцената на Народниот театар од Битола. Актерската професија во нивното семејство е поврзана и со неговиот брат, познатиот актер на Народниот театар од Битола – Борис Чоревски. Уште од основното училиште, во Битола, имајќи го театарот за сопствен дом, тој учествува во претставите на Народниот театар.
Театролошките факти потврдуваат дека на театарската сцена дебитира на свои шест години, во култната претстава Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински, во режија на Мирко Стефановски, во која таа 1953 година неговиот татко ја игра доминантната ролја на Осман бег, а малиот Благој е едно од трите деца на Богдан.
Театрографијата презентира дека и додека го продолжува своето основно и средно образование во Битола, постојано игра, создавајќи редица значајни епизодни улоги. Факултетското образование го завршува на Театарската академија во Софија, во 1971 година. Набрзо по дипломирањето се вработува во Драмскиот театар – Скопје. На неговата матична сцена, сега како професионален актер, дебитира во улогата на Умер бег во вонредната поетска драма Болен Дојчин од Георги Сталев, во режија на Димитар Станкоски. Вешт во сопственото мајсторство, непретенциозен, но крајно посветен, тој е еден од актерите на Драмскиот театар кој ја дефинираше естетиката на театарот, маркирајќи го како еден од најзначајните во тогашните југословенски простори. Истовремено и промовирајќи го матичниот театар во една од најуспешните театарски институции во Република Македонија. Неговата актерска специфика ја препознаваа и препознаваат телевизиските и филмските режисери.
Театарската публика го памети по ликовите на Дарко од претставата Свадба ОД Васил Иљоски во режија на Димитрие Османли (1972), Камиј Шандебиз во прославената Болва во уво од Жорж Фејдо, во режија на Османли (1974), Хлестаков во Ревизор од Гогољ, во режија на Димитар Станкоски (1978), прочуената и до денес меморираната ролја во културната и театарска историја на Стефан во култната Диво месо од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски (1979), Благоја во Сили во воздухот од Небојша Ромчевиќ, во режија на Јовица Павиќ (1988), и уште многу други, од кои со некои и денес е активен на репертоарот на театрите и за кои е наградуван постојано. Во неговата поетика се препознава идејата за актерот како забавувач, едноставен во пристапот, флексибилен, шармантен и непосреден.
Доказ, на некаков начин, или симболичен печат на неговата мултидисциплинарна актерска кариера може да се смета улогата на Трагичарот во телевизискиот серијал Комедијанти, снимен по сеќавањата на Петре Прличко, за неговиот патувачки актерски период, во режија на Душан Наумовски.
Освен како актер, познат е и активното учество во театарската организација, но и активната политичка функција што ја води низ годините. Цели петнаесет години бил успешен директор на Драмскиот театар од Скопје (1983-1998), бил и заменик Министер за култура на Република Македонија (1998-2000), како и Претседател на Собранието на град Скопје (2005-2008).
Успешен во скоро сите дејности, а најуспешен како актер, постојано е наградуван, ценет и од публиката и од критиката и од стручната јавност. Во 1972 година, весникот „Млад борец“ му доделува награда за млад актер за улогата на Дарко во претставата Свадба;
четири години подоцна ја добива водечката награда „Златен ловоров венец“ на престижниот фестивал МЕС во Сараево, за улогата на Навахита Велос во претставата Достага на самиот врв на највисоката власт; Наградата познатиот фестивал „Стеријино позорје“ од Нови Сад за најдобро актерско остварување, ја добива во 1980 година за улогата на Стефан во претставата Диво месо;
истата година и за истата улога е лауреат на највисокото општествено признание, наградата 11 Октомври за особено значајни остварувања во областа на уметноста од интереси за Република Македонија. Според анкетата на списанието Екран ја добива наградата за најдобро актерско остварување на филм и телевизија Милтон Манаки, во 1984 година. Истата година е избран за најпопуларно лице според весникот Вечер. 1989 година ја добива наградата за најдобра епизодна улога од списанието Вечерње новости на Фестивалот Стериино позорје од Нови Сад, за улогата на Благоја во претставата Сили во воздухот.
На нашиот фестивал во 1992 година ја добива Наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Агатон во претставата Нажалена фамилија, а во 1996 година за улогата на Трајче во претставата” Ни ќар ни зијан “. На Меѓународниот фестивал во Тернопол, Украина „Тарас Шевченко“, ја добива наградата за најдобар актерски пар, заедно со колешката Катерина Коцевска за претставата ” Брачна игра ” во 2003 година. Следната година ја добива државната награда „Климент Охридски“ за особено значајни остварувања во културата и уметноста од интерес на Република Македонија. На фестивалот Охридско лето, во 2007 година, ја добива Наградата за најдобро актерско остварување „Златна маска“ за улогата на Тевје во претстават Свирач на покрив (Народен театар – Битола). Во 2009 година ја добива Наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Здружението на драмски уметници, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и општина Велес.
Филмографија
Настапувал во неформални театарски проекти, на естрадата, на филм и на ТВ.
- 1977, Исправи се, Делфина (Споредна улога)
- 1977, Пресуда (Главна улога)
- 1980, Време, води (Споредна улога)
- 1988, Викенд на мртовци (Главна улога)
- 1991, Тетовирање (Споредна улога)
- 1996, Самоуништување (Споредна улога)
Награди
Чоревские добитник е на голем број на награди, како во поранешен СФРЈ, така и во Македонија:
- Златен ловоров венец на Малите и експерименталните сцени во Сараево во 1976 година,
- Стериината награда во Нови Сад во 1979 година,
- Награда за најдобра епизодна улога на Стерииното позорје,
- Награда за најдобро актерско остварување на Игрите „Војдан Чарнодрински“,
- Најпопуларно ТВ лице според анкетата на весникот „Вечер“,
- Награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкетата на ревијата „Екран“ во 1984 година.
- Лауреат и на Највисокото опшстествено признание на Република Македонија, Наградата „11 Октомври“.
- „Златна маска“ што весникот „Вечер“ ја доделува во рамките на „Охридско лето“ во 2007
- Во 2009 година ја добива Наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Здружението на драмски уметници, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и општина Велес.
- Добитник е на наградата за животно дело, во рамките на 50 издание на МТФ Војдан Чернодрински 2015год
Наводи
- „Кон 50-годишнината од смртта на истакнатиот македонски филмски и театарски актер Трајко Чоревски (1921-1955 )“, Утрински Весник, 2005 (конс. 9 јануари 2011 г). (на македонски)
- „Благој Чоревски -ЧЛЕН НА СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ“ (на македонски). Град Скопје. конс. 19 ноември 2009 г.
- „Благоја Чоревски премина во Демократскиот сојуз“, Утрински Весник, среда, 23 април 2008 (конс. 19 ноември 2009 г). (на македонски)
- „„Златна маска“ за Соња Михајлова и Благоја Чоревски“, Утрински Весник, вторник, 21 август 2007 (конс. 19 ноември 2009 г). (на македонски)
Златната маска ќе има видно место во мојот дом
На годинешнево Охридско лето имавте две улоги. Во континуитет работевте повеќе од два месеца на две различни ролји. Како успеавте да се справите со оглед на тоа што речиси две години Ве нема на сцената?
– Тоа воопшто не ми претставуваше проблем. Мене дистанцата воопшто не ми пречи, напротив тоа само значеше поголем предизвик и стимул за работа. Цела среќа е што сум навикнат да работам. Вон сцената или на неа. Морам да признаам дека во голем дел ми помогна и несебичната поддршка на моето семејство.
Реб Тевје кој Ви ја донесе Златната маска е комплексна ролја, бидејќи покрај актерството бара и способност со музички предиспозиции. Тешко ли беше да се спојат овие две уметности во еден лик?
– Мора да признаам дека материјата “Свирачот на покрив” е многу добро напишано дело. Тоа е пред се драмски текст, иако фигурира и е всушност мјузикл. Значи мене ме “врза” актерскиот дел, а потоа успеав да се справам и со музичкиот дел, нормално, со несебичен удел на целиот ансамбл на БНТ и соработничките Татјана Божиновска и Лилјана Трајковска, како и диригентот на оркестарот Саша Николовски-Ѓумар. Во основа театарот, без разлика за каков жанр се работи е колективен чин.
Душевните амплитуди на Тевје како карактер се големи. Каде е клучот за успешната трансформација што ја видовме кај Вас на сцена?
– Во традицијата… Овој лик кој е татко Евреин, верен на својата религија е емотивен до срж, попустлив, но и тврдокорен во однос на некои религиозни канони. А за она како успеав да го профилирам овој лик, тајната е во мајсторијата на занаетот. Морам да признаам дека трите сцени со моите ќерки и емотивните реакции низ кои минувам во нив, ме исцрпуваат и психички и физички! Но, во позитивна смисла.
За наградите… Има ли место за куртоазност или…?!
– Секоја награда е пред се комплимент. За она што сте го сработиле, верификација на вредноста за она што го нудите. Нема место за куртоазност бидејќи секое признание годи. Во оваа смисла горд сум и на Златната маска. И сигурно дека ќе заземе видно место во мојот дом, меѓу моите награди.
Колку има политика во Театарот?
– Добар актер значи добар театар, добар политичар значи добра држава. Лошо е кога во порите на Театарот влегува политиката, односно политикантството…
До каде е навлезено тоа?
– Многу длабоко и многу негативно е инволвирано внатре во театарските пори. Лошото во политичкиот клуч во уметноста е што премногу често се наоѓаат погрешни луѓе на погрешни места и тоа само заради тоа што се добри и послушни партиски војници, односно лепеле плакати пред избори, или пак се роднини на висок партиски функционер…
Во оваа смисла и од дистанца на што Ви личи Драмскиот театар сега?
– Не би сакал да споменувам имиња, ниту пак да давам некоја оценка преодна или не, бидејќи јас се уште сум член на Драмскиот театар. Улогата на претседател на скопското собрание ја вршам хонорарно. Згора на тоа, добив и улога во најновиот проект во Драмски “Комшилук наопаку” и се трудев коректно да ја исполнам својата актерска задача. Но, она што е симптоматично е што размислата на многу вљубеници во Театарот, мои блиски луѓе во однос на ова прашање е во негативна насока. Ми е жал што е така.
Имате ли порака до денешнава гарнитура на директорските фотелји во театрите?
– Сите оние што се на раководни функции денес и било кога мора да сфатат дека ништо не почнува, уште помалку завршува со нив. Ниту јас го створив Драмски, ниту од мене почна, ниту со мене заврши. Темелот е Ристо Стефановски и врз тој темел треба да ја градиме иднината со нашата моќ, енергија, никако со суета. Сето останато е погрешно. Драмски го зедов само како пример, не е ништо полошо, ниту пак подобро во останатите театри.
Борче ГРОЗДАНОВ