На една од пробите нашиот јунак Владимир ја повредил петицата и пробал да се “самолекува” и “фудбалски” да се истегне, но завршил во болница, а на премиерата бил само гледач

За актерот Владимир Тулиев член на штипскиот Народен театар расекувањата, набиениците, гребаниците и модриците, како и забоболката, грипот и високата температура се ситни нешта кои и не ги брои како повреди. Причина за ова е што во текот на неговата кариера се соочувал со многу повреди, а некои од нив биле навистина сериозни.
“На премиерата на ‘Животот е убав’, работена по Чехов, играв куче кое се провлекува низ сите раскази-сцени. Малерот да биде поголем уште на почетокот во еден скок наместо да се дочекам како што требаше на колено, лошо ми се подмести ногата и почуствував како во палецот да ме прободе игла. За време на претставата не почуствував болка, туку само топлина и влажност во пределот на прстите. По завршувањето на претставата отрчав во гримиорната, ја собув патиката и имав што да видам. Чорапот беше целиот крвав, а кога го соблеков видов дека сум го превртел и скршил ноктот. Дури тогаш почна да ме боли!
За време на една изведбна на “Шинел” од Гогољ правевме модна ревија и се движевме по многу тесна патека која се протегаше до вториот ред во публиката. Одеднаш светлото се изгасна порано, за момент заслепев, ја промашив патеката и паднав во дупката меѓу седиштата и сцената, го извртев зглобот и ги набив прстите. За чудо веднаш скокнав на сцена и излегов од неа. Бидејќи ми беше многу отечена раката утредента не ми ја ставија во гипс, пиев само лекарства за болки и со масажи и кремови ги смирив и болката и отокот. Интересно е што на истата патека на една од пробите падна и колешката Елица Арева со костим преку глава и ограничена видливост, па се здоби со потрес и неколку денови одмораше од пробите. Потоа се шегувавме на своја сметка, дека е добро што не паднавме на некој од публиката на глава.
Но, малерите за Тулиев не застануваат тука.
“Последната а и најтешка повреда ми се случи годинава и тоа на почетокот на театарската сезона. Почнавме со подготовски на “Суд” од Коле Чашуле во режија на Дамјан Читкушев. Уште при читачките проби режисерот ни најави дека од нас ќе бара поголема физичка подготвеност што подразбираше претходно загревање пред секоја проба. На една од пробите само што завршив со загревањето тргнав да се договорам со режисерот што ќе работиме, но одеднаш паднав и осетив тап удар на задниот дел од петицата. Помислив дека го изместив зглобот на ногата, па го замолив колегата Пеце Ристевски да ја измасира малку и онака “фудбалски” да ја оптегне, но притоа толку ме заболе што почуствував како струја да ми минува од ногата дури до половината. Се обидов и со ладно шише вода од фрижидер да ја намалам болката, но ни тоа не помогна. Кога замолив еден колега од техниката да ме однесе во болница другите помислија декоа тоа е уште една од моите шеги. Кога во болница ми кажаа дека тоа мора дури и да се оперира се вџашив и се побунив: “Ама, докторке, јас имам премиера за подготвување…”. Откога увидовме дека сето тоа е крајно сериозно, на мое место “влета” колегата Миле Вратеовски, а јас премиерата ја гледав од публика, со патериците до мене. (Б.Г.)