ВУКАН ДИНЕВСКИ – ( 1927 – 2007 )

АКТЕР И РЕЖИСЕР

Вукан Диневски
(22 април 1927, Гостивар – 27.09.2006, Скопје)

Дипломира на отсекот за режија на Академијата за театарска уметност во Загреб (1958) и на групата за југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје (1959). Во 1963/64 година е на специјализација во Полска како стипендист на полската Влада. Во 1964 година учествува во формирањето на Вечерната сцена при Младинско-детскиот театар (денешен Драмски театар), додека во 1977 година е на студиски престој во Москва.

Од 1952 до 1964 година работи во Македонскиот народен театар (МНТ), потоа во Драмски театар Скопје (1964-1966) и повторно во МНТ (1966-1973). Во периодот од 1970 до 1987 година, најпрво како хонорарен, а потоа како редовен професор (1973), го предава предметот сценски говор и ја води класата за драмски актери на Факултет за драмски уметности во Скопје. Освен со актерство и со режија, активно се занимава и со преведувачка дејност.

Селективна театрографија:

Улоги: Дон Педро (Многу врева за ништо, 1955); Капетан Џеф Чали (Бунтот на Кејн, 1956); Дон Јере (Глорија, 1957); Џими (Вејка на ветрот, 1958); Дорант (Игра на љубовта и случајот, 1959); Леонардо (Крвави свадби, 1962); Дундо Марое (Дундо Марое, 1966); Иследникот (Вител, 1968); Образов (Образов, 1969); Јордан (Печалбари, 1969); Василие Бездановиќ (Пелиново, 1974).

Режии: Парадоксот на Диоген од Томе Арсовски (1961); Швејк во Втората светска војна од Бертолт Брехт (1963); Стриптиз/На отворено море/ Волшебна ноќ од Славомир Мрожек (1965); Злосторство и казна од Фјодор Михајлович Дстоевски (1966); Венецијански близнаци од Карло Голдони (1968); Крал Лир од Вилијам Шекспир (1972); Дневникот на лудиот од Николај Васиљевич Гогољ (1974); Мирандолина од Карло Голдони (1985).

Селективна филмографија (улоги): Комитска легенда (1955); Мис Стон (1958); До победата и по неа (1966); Македонска крвава свадба (1967); Република во пламен (1969); Цената на градот (1970); Жед (1971).

Награди: Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Иследникот во претставата Вител од Коле Чашуле, продукција МНТ, режија Бранко Ставрев (Нови Сад, 1968); Награда 11 Октомври (1968); Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински (Прилеп, 1999).