Лилиќ од “шиење” се вратил да ја доигра претставата

 АКТЕРИТЕ СЕ ЖИВИ ЛУЃЕ ОД КРВ И МЕСО

2 февруари 2014

Се што е потребно е добра мисла и големо срце – вака со една реченица може да се опише храброста на Дејан Лилиќ, кој во име на публиката играше и со пресечена рака и обилно крварење, а откако в болница го “средија”, ја доигра претставата! Тоа не е се, бидејќи тој со температура во една ноќ има играно две претстави! Затоа, токму со него ја започнуваме сагата за храброста која напати се граничи со лудост на најголемите експоненти на сцената – актерите…

Актерите, покрај својата моќ да произведуваат магија од сцената и внесувајќи се во ликовите да направат магнет од театарската сцена, привлечност од која тешко се “одлепувате”, се засмејувате, се радувате, плачете… Тие, актерите, неретко во име на публиката го жртвуваат својот физикус, само и само гледачот како консумент да не почувствува празнина… Во овој контекст, многумина од нив прават мали бравурии од херојски дела, играјќи повредени, со температура, понекогаш и нерасположени да се смеат, а мораат да го прават тоа, понекогаш радосни, а треба да плачат и тоа се во служба на неговото величество, Гледачот… Затоа, Редакцијата ВЕЧЕР реши да ви понуди четива преку кои ќе ги спознаете актерите, хероите кои, сепак, се од крв и месо… Оваа серија четива ја започнуваме со Дејан Лилиќ, кој на неколку пати, и покрај животните пехови, буквално се жртвуваше за Талија и нејзините посестрими… Лилиќ во претставата “Танцот на пеперутките во ориент експресот”, приватен проект кој го играше со Васил Зафирчев и Катерина Коцевска во вагонот на Старата железничка станица, ја повреди раката, но и покрај тоа, продолжи да игра… Потписникот на овие редови, како сведок во мракот, слушна силен тресок и кршење на стакло, сцената продолжи да тече, се додека не го забележаа Декса дека е повреден и дека обилно крвари. Претставата беше прекината, а актерот принудно приморан да замине в болница. Откако го “средија”, тој, замислете, се врати и ја доигра претставата!

Ова не е единствен случај кога Лилиќ се обидел и успеал да го направи невозможното, бидејќи тој има играно во иста вечер со температура две претстави за да не се откаже фестивалска селекција! Најпрвин ја одигра “Маседуан 2001” од 19 часот, за потоа веднаш да се “прешалта” во ликот на Стево од “Диво месо” само два и пол часа подоцна! Вечерта по претставите тој завршува на инфузија, за веќе следниот ден да продолжи со обврсктие кон тековниот репертоар на Драмскиот театар, чиј член беше тогаш. За тоа што, всушност, ги тера актерите и кој е поривот понекогаш и да се жртвуваат за сцената, Лилиќ накратко ни изјави: Тука нема голема филозофија. Тоа не може да се дефинира како лудост, бидејќи како и се во животот поврзано со талентот и желбата, или го имаш или го немаш! Потребна е само свесност за ситуацијата и големо срце, а сето тоа за публиката да остане задоволена! Значи, не е никаков проблем да се стори понекогаш дури и невозможното доколку мислата и срцето ве водат кон целта. А таа е да се изигра претставата… Покрај овие две случки, малку е познато за јавноста дека јас имам и астма и дека секој вид прав, па дури и онаа сценската, понекогаш знае да ми попречи. Но, повторно, тука е мозокот и срцето за тоа да го покријам со игра, а публиката да не почувствува дека нешто и недостасува…”

Секоја чест на театарските херои, а Дејан Лилиќ е првиот со кој ги започнуваме (не)возможните патешествија на Скомрасите…

Борче ГРОЗДАНОВ

Минатото се рефлектира во сегашноста

 

 

Кон премиераta на претставата „ Лерин: полиња жито , ридишта крв “, во продукција на независниот театар „ Навигаторот Цветко “.

 

 

*Претставата има статичен театарски израз што се надоврзува на естетиката која режисерот Унковски ја покажа во претставата „ Солун, град на духови“, а целосно ја разби и ја подреди на движења во „ Анштајновите соништа“, поставена во НТ од Прилеп , со дел од истата актерска екипа.

Во Културниот центар „ Кино Култура“ , се одржа премиерата на претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв“ , по текст на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски. Станува збор за вториот дел од трилогијата „ Солун, Лерин, Скопје“ на Богдановски, од која две третини веќе го живеат својот сценски живот. Да потсетиме, претставата „ Солун, град на духови“, според делото на британскиот историчар Марк Мазовер, а во драматизација на Русомир Богдановски, го означи почетокот на работата на незавниот театар „ Навигаторот Цветко“, на режисерите Слободан Унковски и Александар Поповски. Унковски ја постави на почетокот на 2015 во Музејот на холокаустот во Скопје, а по отворањето на КЦ „Кино Култура“, кон крајот на истата година, претставата доби своја матична сцена за изведби, а беше наградена на ФКТ „ Ристо Шишков“ во Струмица и на „ Сараевска зима“. Сега младата актерска екипа од „ Солун, град на духови“ , со претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв “ ја продолжува мисијата на театарски интерпретации кои обработуваат историски теми од нашето минато и повлекуваат паралела со сегашноста.

Искуствата и сеќавањата на Македонците кои се бореле во Граѓанската војна во Грција, на страната на Демократската армија против монархофашистите , 1949 година, ја сочинуваат фабулата на претставата. Таа се темели на фрагментарно напишаниот текст на Русомир Богдановски , со повеќе лични исповеди на некогашните борци (партизани во ДАГ), нивни потомци и блиски на нив, денешни научни работници-истражувачи на настаните од тоа време, но и припадници на монархофашистичките трупи, кои дирекно не направиле злосторства, но поради учеството во тие формации, немаат мирна совест. Седнати на масички во еден ред, како на некаква трибина, со ламби што им ги осветлуваат лицата, Ивана Павлаковиќ, Симона Димковска, Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Мартин Манев и Владимир Петровиќ, го предаваат дејствието низ трансформации од еден во друг или трет лик. Нивната игра се базира во најголем дел на говор и на преживување на текстот.Од сериозни до комични, креациите го прикажаа раскошот на талентот, младешкиот полет и страст за играње театар на седуммината актери. Овој прилично статичен театарски израз, се надоврзува на естетиката која режисерот Унковски ја покажа во претставата „ Солун, град на духови“, а целосно ја разби и ја подреди на движења во „ Анштајновите соништа“, поставена во НТ од Прилеп , со дел од оваа актерска екипа. Сепак, најголемото достигнување на овој театарски чин се врските што на ниво на наратив ги прави минатото со актуелната стварност. Манифестациите на фашизмот, некогаш и сега , неможноста за вработување доколку поединецот потекнува од семејство на поранешни комунисти и незавршената борба за слобода, започната пред скоро седум децении, се аспекти кои ја прават претставата „ Лерин: полиња жито, ридишта крв“ , историско четиво од минатото во кое се одразува сегашноста.

Авторка на костимите, направени во современ стил е Розе Трајческа – Ристовска, а за музиката, составена од обработки на македонски народни песни од Егејот, но и други домашни традиционални фолклорни мотиви, беше задолжен Златко Ориѓански. Репризите на претставата „ Лерин: полиња жито , ридишта крв“ се планирани за втората половина на јануари 2017, кога ќе заврши реновирањето на објектот на КЦ „ Кино Култура“. До тогаш

можете да дебатирате , како што се вели на едно место во претставата, за сеќавањата како политика, за политиката како бизнис и за сеќавањата како бизнис . Во сеприсутниот конзумеризам, сешто проаѓа. А, во нашата политичка стварност, уште повеќе. Потребно или непотребно, оценете сами.

Сотир Трајков

78cc631c38a54c4ab9aa760b79797868             lerin-pretstava-696x522

Монокл – Христо Петрески

 

ТЕАТАРОТ КАКО ПУСТ ОСТРОВ

 

 
Театарот (од) секогаш бил пуст остров. Всушност, сцената е пуст остров кој го населува, еден, двајца или многу повеќе лица. Сите гледаат и очите се вперени кон пустиот остров. Па, дури и кога се затворени очите на гледачите – тие гледаат, односно чувствуваат. И кога не е вклучен ни еден рефлектор на, кон или од зад сцената – таму се гледа, се претпоставува, се слуша дишењето на актерот или актерите.
А, насловот на оваа моја нова книга за театарот како да започна и се роди неодамна, во  една раноесенска  приквечерина во Куманово, кога на масата за гости кај директорот на Домот на културата, Роберт Павлевски, по повод Деновите на комедијата, со драгиот и почитуван доаен и жива театарска енциклопедија Ристо Стефановски разврзавме разговор за театрите кои ги нема, кои одамна исчезнале, а некои богами неодамна или дури сега воскреснуваат и повторно се враќаат во (театарскиот) живот.
Господинот Стефановски го спомна Тетово како град каде имало добар, вистински театар, но го затвориле и уништиле некои театарски личности, односно еден познат и во тоа време привилегиран актер, кој подоцна и самиот се правел (глумел) дека е жртва…
И од тука тргна оваа наша мала приказна, сторијата за театарот како пуст остров, за театрите кои како со гума за миг биле избришани, како претходно воопштго и да не постоеле, и сето тоа (замислете) за да се одбрани и сочува публиката од лоши и странични (декадентни) влијанија, да не се расипува вкусот, т.е. да се зачува монополот и да постои само еден и единствен (театарски) центар…
Очигледно, некој сакал да биде единствен меѓу ретките (читајте: малубројните), неприкосновен чаламџија и арбитер, или како што рече мојот соговорник на оваа тема – “прва жаба во барата“. Па, така, на избрзан, неуверлив и заткулисен начин, речиси преку ноќ, во сега веќе далечните педесетти години од минатиот век, по 1950 година и годините што следат, култ-трегерите лесно и брзо се откажуваат и ослободуваат од “провинциските“ театри, каде артистите, според нивните зборови, се неталентирани и ја расипуваат театарската публика. Но, не и само поради тоа, туку и (најверојатно) најмногу за да не се одметнат, да се зауздаат, да не избегаат од контролата на далечинскиот управувач…
Да не заборавиме, во тој период немало ни образовани актери, но далеку од тоа дека немало и талентирани и дека сите тие (приучените, самоуките, волонтерите и ентузијастите) не знаеле што е тоа театар, не го сакале театарот и не се жртвувале за театарот. Но, не биле само тие колатерална штета и саможртва во новото пресвртно, турбулентно и сé уште по малку нејасно, мистериозно и матно време, зашто се затвориле објектите, се распуштиле управите, а актерите завршувале како портири, учители, административци или слободни и независни шетачи по парковите и клупите. И, сето тоа, само поради тоа што некој сакал и можел (и на овој начин – успеал во тоа) да биде прв и единствен, и крал, и цар, и патријарх…
Но, затоа пак, барем македонскиот театар останал чист, здрав и нерасипан, благодарение на невидената и несекојдневната грижа на полит-театарџиите (во улога на главни судии и арбитри) од Скопје поддржани од култ-политичарите на главниот град и Републиката. А, денес пак, повторно како да се буди немирниот дух во внатрешноста и читаме, слушаме, па и сведоци сме на возобновувањето на театарските куќи (од минатото не останале речиси никакви видливи материјални траги, освен старите и руинирани објекти во кои брзо-брзо се сместил некој друг кутар културен субјект, или долго потоа зјаеле празни, а не пак да вирееле и живуркале барем театарските куќи…
Како рецидив од минатото, но и како опомена и спомен, оваа тема ретко, или речиси воопшто не е отворана, односно повеќе од половина век е замолчувана и премолчувана, па еве дури сега повторно излегува духот од шишето, ѓаволот од пандорината кутија, можеби по малку и застоениот гнев и бес, кој треба да послужи како показ и доказ дека не треба и не смее да се донесуваат избрзани, лични и погубни одлуки и решенија… Не, барем на културен план и на некултурен и нецивилизациски начин, зашто последиците се бездруго огромни и тешко докрај согледливи…
Па, ќе почнеме од Тетово кое паднало курбан можеби и поради близината со Скопје, но зошто исчезнале и ги снемало сосема од мапата и театрите (по азбучен ред): во Гевгелија, Кочани, Охрид, па дури и Титов Велес…
Да не биле душегрижинците, младите во овие градови, но и возрасната публика, одамна ќе тргнеа по погрешен пат, зашто ќе беа изложени на безброј деструктивни и штетни влијанија, кои не ќе се искоренеа од корен до ден денес, освен со затворање и на малкуте театри кои останале И, за жал, некои од нив сî уште постојат…
Не, се шегуваме, последиците тешко ќе се отстранат, но барем има зрак на надеж дека грешките никогаш повеќе нема да се повторат, или така ни се чини само нам – жителите на полупустиот остров, за кои театарот станал потреба и страст, бегство и спас, па немилосрдно и неповратно се претворил во живот…
Сега на островот има некои други и нови пустиножители, кои одново сакаат и се обидуваат да го населат, па ние сакаме со оваа наша мала и скромна публицистичка сторија само да ги охрабриме и поддржиме, но зошто да не – и да им аплаудираме…
Во овој наш нов мал труд главно користевме материјали од авторите Ристо Стефановски и Благој Г. Кичеец, за што бескрајно сме им благодарни. Другите текстови за театарот се, исто така, необјавени, а се напишани по различни поводи, за што им должам посебна благодарност на иницијаторите и организаторите на тие манифестации, како и на рецензентката на оваа книга проф.д-р Ана Стојаноска од Факултетот за драмски уметности од Скопје.
Ајде, бегајте од пустиот остров… Дојдете на пустиот остров… Збогум, пуст остров!

Дрита Каба Карага, актерка

Во прво лице

 

Се правам со многу љубов

1. ЗА СЕБЕ: Се што правам, правам со многу љубов.
2. ЗА ЉУБОВТА: Мислам дека е света.
3. ЗА ЖИВОТОТ: Има многу бои, и секогаш се обидувам да го видам најдоброто.
4. ЗА ТЕАТАРОТ: Театарот е живот.
5. ЗА ДОБРОТО: Великодушноста е за мене доброто.
6. ЗА ЗЛОТО: Не го мислам.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Не им посветувам внимание.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Тоа што го посакувам за себе го посакувам и за нив.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Не глумам во животот.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Магија, колку и клише да звучи.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ: Многу љубов.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Не мислам на неодиграните улоги… За тие кои ми се важни, мислам дека ќе ги одиграм.
12. ЗА ИДЕЈАТА: Идејата е таа што води.
13. ЗА СОНОТ: Ме потсетува на анегдотата која вика “се разбудив наутро, сонував дека сум пеперутка, и потоа не знаев дали пеперутката сонува дека е човек или човекот дека е пеперутка.”
14.ЗА ЈАВЕТО: Моето присуство на сцена, Адем и нашите деца.
15. ЗА ВИНОТО: Ферментирано грозје. ? Не пијам алкохол, не чувствувам потреба.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Чудо што може да му се случи на секое суштество.
17. ЗА КРАЈ: Ви посакувам се најдобро и ви благодарам за интервјуто.

Златко Ориѓански – Азвбука ,,ОГНЕНИ ЈАЗИЦИ ,,-2013

Oкт 8, 2013

cats1Режија : Слободна Унковски

cats2Текст – Горан Стефановски

catsМузика – Златко Ориѓански

Драмски театар Скопје  2013

Играат — Драган Спасов – Дац, зоран Љутоков, Благој Веселинив, Сања Арсовска, Соња Стамболџиеска, Диме Илиев, Игор Ангелов, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Филип Трајковиќ
клариент Благојче Трајковски
виолинаа – Илија Филиповски
цртежи – Алекксандар Гулевски

АКТЕРОТ ЕРДОАН МАКСУТ ОД ПРЕТСТАВА ДИРЕКТНО НА ШИЕЊЕ

Од ефектот темно-светло ќе останев без око!

“Во претставата “Хамлет во пикантен сос# во режија на Александра Кардалевска го играв ликот Гунтер. Јас -Гунтер сигурен во себе набрзина се завртив за да избегам и да си прилегнам, но на таа изведба суфитата не беше на своето место, беше малку поместена и поради ефектот светло-темно, а тоа значи влез од силно осветлена сцена во мрак, јас не приметувајќи, се сопнав од невидливиот тег завиткан со црната суфита, буквално летнав и со сета сила со главата налетав на радијаторот во тој темен и мрачен дел од страничниот дел од сцената…#, раскажува Максут

Актерот на Театар комедија, Ердоан Максут, како што вели самиот, не сака често да зборува и да се присетува за ситуациите и лошите моменти што ги доживеал и преживеал на сцена, бидејќи и актерит,е како и фудбалерите не сакаат да се присетуваат на своите повреди, но сепак за ВЕЧЕР тој си ја “отвори душата” и сепак не “почести”, раскажувајќи ни една така немила случка.

“Во претставата ‘Хамлет во пикантен сос’ во режија на Александра Кардалевска го играм ликот Гунтер. Тој, мојот лик, обожава да спие и секоја можност ја користи да си легне. Па така, слушајќи го него во една сцена кога Гунтер и Дрик, исто така, прислужник во дворот, ја привршуваат својата работа, и мојот партнер почнува да му раскажува на ‘шефот-готвач’ Фроги до најситни детали што се зготвило, јас, односно Гунтер, гледам да побегнам и да си легнам. Во еден згоден миг треба да побегнам десно од сцената надвор за да си заспијам.

Но овој пат на патот до сонот ми се испречи страничната црна суфита фиксирана со тег за да не се подместува, но ово пат завиткан со суфитата за да не се гледа, а бидејќи таа е долга тоа може да се направи. Јас -Гунтер сигурен во себе набрзина се завртив за да избегам и да си прилегнам, но на таа изведба суфитата не беше на своето место, беше малку поместена и поради ефектот светло-темно, а тоа значи влез од силно осветлена сцена во мрак, јас не приметувајќи се сопнав од невидливиот тег завиткан со црната суфита, буквално летнав и со сета сила со главата налетав на радијаторот во тој темен и мрачен дел од страничниот дел од сцената…”, вели Максут.
Се разбира, Максут не ни помислувал да не ја одигра претставата, но…

“Воопшто не бев свесен што се случи тој миг. За многу кратко време дотрча инспициентот, ме стана на нозе, ме однесе до најблиска гримиорна и ми рече дека не ќе можам да ја продолжам претставата”. На ова јас слатко се изнасмеав и реков:

“Не ми е ништо, доволно ми е едно фластерче и ќе излезам на сцена да си ја доиграм улогата#. Но, тој ми рече дека не само што ми тече крв од аркадата, туку и од под десното око и дека сум имал голем среќа што не сум го повредил, бидејќи недостасувал само некој сантиметар да го уништам… Дури кога се погледнав во огледалата во гримиорната се шокирав! Половина лице ми беше облеано со крв која течеше како од чешма. Подливот под окото беше огромен и чувствував буквално како расте како квасец…

Еден од моите колеги-соработници ми помогна да се соземам, ме однесе во болница каде што ми ги сошија раните, а моите колеги мораа да ја завршат претставата без мене и да ја решаваат ситуацијата измислувајќи текстови и состојби зашто во моментов останале без Гунтер#, ја завршува својата непријатна сторија Максут, секако, заблагодарувајќи се на сите оние кои му помогнале, но и на колегите актери кои успеале да ја завршат претстават без да се почувствува неговото отсуство.

Сигурно за слична ситуација и Ердоган би постапил солидарно покривајќи некој свој колега… Ете ова е уште еден доказ дека театарот и буквално е живот!

Млади старци

Кон премиерата на претставата „ Квартет“ во МНТ

 

Секој од актерите се потпрел на досегашното искуство и возраст, како репер за градење на ликот и не направил во појавна смисла, улога на поинаков од себе си.

Што се случува кога во животот на човекот во поодминати години ќе се всели минатото, ќе оживеат спомените и повторно ќе се разбудат чувствата, поврзани со љубовниот и професионалниот живот? Ова се прашањата што ги поставува претставата „ Квартет“ од британскиот оскаровец, драматичар и сценарист, Роналд Харвуд, поставена на малата сцена во Македонскиот народен театар, во режија на Зоја Бузалковска.

Страв од евентуален неуспех, сенилност, суетност, но и страст за животот. Ова се главните емоции кои четиримината актери Лилјана Велјанова, Катина Иванова , Емил Рубен и Благој Чоревски, ги прикажуваат на сцената. Тие раскажуваат приказна за пензионирани, некогаш славни оперски пејачи кои живеат во пансион за стари лица, наменет за музичари, кои секојa година, на 10 Октомври, на роденденот на италијанскиот композитор Џузепе Верди , организираат прослава со живи изведби на неговите дела. И се е во ред додека Сесили Робсон ( што ја толкува Иванова), Реџиналд Пеџит ( во изведба на Рубен) и Вилфред Бонд ( на Чоревски) , живеат заедно во пансионот. Но, откако ќе им се придружи Џин Хортон (во изведба на Велјанова) , започнува вистинска драма. Таа отвора стара љубивна рана кај Реџи, со кој откриваме дека биле кратко време во брак. И се однесува суетно , но и отрезнувачки кон другите , зашто не прифаќа туку- така, по многу години пауза, да настапи повторно со нив во прочуениот квартет на Верди „ Убавата ќерка на љубовта “ од операта „Риголето“ , зашто едноставно ни таа, а ни останатите тројца солисти веќе ја немаат потребната сила во гласовите.

Режисерката Зоја Бузалковска кон овој текст на Харвуд , праизведен 1999 година, пристапува крајно професионално. Преведен од Љубица Арсовска, текстот е штрихан, но само минимално, колку драмското дејство да не забави и тој се изведува во два дела. Овдека режијата е во функција да ја истакне траги-комичноста на четирите карактери. Лиле Велјанова во улогата на Џин , прикажа жена во поодминати години, чија младост поминала без мерка за трошење пари и мажи. Па сега, колку финансиски е слаба, толку карактерно е силна, во обидот да го сокрие честото заборавање што кажала и да не се претстави во јавноста како сенка од некогашната соло пејачка со вонредно успешна кариера. Во однос на Реџи, Џин е свесна за бегството од бракот и се обидува да ја поправи сликата за себе. Катина Иванова како Сеси е „ спремна за настап“, кога го преслушува стариот материјал од некогаш. Таа страда од сенилност , можеби и од Алцхајмер, но е топла и пресретлива кон другите, со цел нештата да функционираат. Емил Рубен како Реџи прикажа карактер на повредена личност, колку поради појавата на Џин за која го врзува промашениот брак, толку и поради повредената машкост од неа. Тој е енергичен и рационален , што се гледа од односот кон штедењето за старост. Најведриот лик во претставата е Вилфред на Чоревски. Годините не ги убиле страста за живот и сексуалноста во него .Тој е најкомичен во овој квартет, а беше и единствениот актер во претставата што неколку пати запеа на кратко, но уверливо . Овој спој на две актерски ѕвезди од МНТ- Иванова и Рубен и две од Драмски- Велјанова и Чоревски , е добар кастинг потег на Бузалковска. Тие со усет за мерка, прецизно ја предаваат секоја емоција од внатре, овозможувајќи им на гледачите да понираат во повеќеслојноста на карактерите. Но, секој од нив се потпрел на досегашното актерско искуство и возраст, како репер за градење на ликот и не направил во појавна смисла, улога на поинаков од себе си, за да покаже афтентичност. Затоа делуваат како млади старци (лингвистички оксиморон) на сцената, што е добро од една страна, зашто се докажува дека актерите се млади додека играат, но недостасуваат нови, оригинални кожурци на ликовите.

Дизајнот на претставата кој го потпишува режисерката Бузалковска, е сведен на неопходните реквизити и упатува на животот во пансионот за пензионирани музичари. Овдека клучен елемент се кофчезите како метафора за непроценливото творечко богатство што го поседуваат уметниците, кое нема рок на употреба и треба да му се приоѓа со пиетет, а не

како на нешто од минатото, што денес нема вредност и значење. Тука е и маската како театарски симбол, кој затскрива една, но покажува друга вистина. Во случајов, тоа е вистината за славењето на животот преку уметноста. Изборот на музиката, за кој исто така беше задолжена режисерката, е фокусиран на Вердиевиот квартет од „ Риголето“ на Верди , кој оди во позадина додека на видео, со кое оперира Марин Рочевски, се прикажуваат инсерти од славните настапи на некогашните оперски ѕвезди. Накратко, „ Квартет“ е претстава со важна порака за жилавоста на уметноста пред забот на времето и за потребата поединецот да биде истраен во намерите, дури и кога околностите не му одат во прилог.

Сотир Трајков

Генци Мирзо – актер

Во прво лице

Генци Мирзо актер во албански театар Скопје

Виното – кога сакаш да ги користиш петте сетила

 

1. За себе – Доволно што го употребуваш.
2. За љубовта – Животна цел!
3. За животот – Љубовна цел!
4. За театарот – Емотивна преродба.
5. За доброто – Нешто што се памти засекогаш.
6. За злото – Нешто што барем се трудиме да го заборавиме.
7. За непријателите
– А, пријателите – Треба да внимаваме, на пријателите кога разговараат со непријателите!
8. За глумата во животот – Го правам често, но не знам дали може да се нарече глума.
9. За сценската прашина – Магичен прав.
10. За колегите – Личност што изгледа како да ја познаваш пред да се родиш.
11. За неодиграните улоги – Доволна е желбата да ги одглумам еден ден.
12. За идеата – Да креираш врз одреден феномен е посилно одколку да постапуваш кон истиот.
13. За сонот – Без сон нема врвна референција.
14. За јавето – Остварувањето на сонот почнува тука.
15. За виното – Дефинитивно, ако сакаш да ги користиш петте сетила.
16. За семејството – Богатство што треба да се брани!
17. За крај – Некогаш мислам дека нема крај

Петар Горко

ДО ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ НА ТЕАТАРОТ

Најпрво големо БЛАГОДАРАМ што постоите.

Театарот со својата ефемерност ја има судбината да останат во сеќавања впечатоцитеkои ги има публиката што ја следела претставата, а Вие сте тие кои тие впечатоци знаете, умеете и разбирате како да ги срочите во реченици кои ќе останат напишани за сегашните и идните генерации. Да не се заборават прекрасните моменти, вложениот труд, големите улоги, претстави, турнеи…Се радувам неизмерно на Вашето постоење, бидејќи ја знам Вашата непристрасноsт, Вашата огромна желба за следење на секоја секунда помината на сцената, за Вашата огромна љубов кон театарот. Веќе 25 години професионално се занимавам со оваа уметност,со одиграни околу стотина улогиво Народниот театар Битола и во неколку други театри, со околу 2500 одиграни претстави, со награди и голем број на турнеи по светот. Се чувствував kako вистински амбасадор на културатана Република Македонија, горд македонец-актер, кој никогаш не се посрамотил пред нашата и странската публика, актер кој е повеќе сакан од публиката – отколку од жиријата на фестивалите (или е склоп на околности). Актер кој својата душа без калкулации ја фрла на сцената. До сега за тоа говореле многу критики кои ги имаше во првите години (деведесеттите од минатиот век) , странските критики и по некоја до ден денес, каде спаѓате Вие. Жално беше што до сега немаше широк обем на критичари кои ги следат буквално сите збиднувања на сцената и за тоа да пишуваат, жално е сеуште што не можеме театрите меѓу себе да ги гледаме сите претстави во нашата земја, дури ни на фестивалите, зашто немаме можност да се дружиме и бидеме дел од истите за целото време,веројатно поради финансии…Но, убеден сум дека полека работите се средуваат. Вие го започнавте она што се вика историја на нашето битисување и сугурен сум дека ќе razбудите иницијација и за другите да ги razбудитенивните сетила и идеи како да ја приближат големата уметност ТЕАТАРОТ до нејзините вљубеници.
Ве поздравувам од срце и Ве сакам.

Стоечки аплаузи и овации за Битолчани ВО ПОТЕР ТЕАТАРОТ ВО САНТА БАРБАРА, САД

Актерите и раководството на Битолскиот театар уште еднаш успешно ја презентираа македонската култура и јазик надвор од својата држава. Очекувајќи ги критиките и написите од официјалната критика и шекспиролозите што го проследија овој настан, тие се упатија дома, со нова покана од домаќините, повторно да донесат нови театарски доживувања…

aeb52890-4aaa-46ad-a765-37fe450a34ef_cx0_cy9_cw0_w800_h450

Народниот театар од Битола, кој неодамна прослави 72 години од своето постоење, деновиве во Потер Театарот во Санта Барбара во САД доживеа стоечки аплаузи и овации за својата извонредна изведба на претставата “Антоние и Клеопатра” во режија на светски познатиот театарски режисер Џон Блондел.

Иако првично било планирано претставата во изведба на ансамблот на Битолскиот театар да биде реализирана на отворено, поради временските услови изведбата е презакажана за затворен простор. Токму локацијата придонела за една интимна комуникација со публиката.

“Публиката навистина уживаше во една модерна изведба, разбирлива на ниво на интересни театарски решенија, експресивна актерска игра и режисерска инвентивност, кои беа наградени со огромен стоечки аплауз и овации#, се вели во соопштението за реализираниот настан во Санта Барбара.

Претставата ја проследија голем број на љубители на театарската уметност од Америка, а покрај многубројните колеги присуствуваа и пријатели од Македонија кои специјално допатуваа од Лос Анџелес, како и татарски продуцент од Србија, актерката Леона Парамински од Хрватска и режисер од Словенија, кои живеат и работат во САД.

Режисерот на претставата Џон Блондел, пак, јавно се заблагодари на поддршката на Министерството за култура и министерката Елизбета Канческа-Милевска.

Со оваа претстава актерите и раководството на Битолскиот театар уште еднаш успешно ја презентираа македонската култура и јазик надвор од својата држава. Очекувајќи ги критиките и написите од официјалната критика и шекспиролозите што го проследија овој настан на викендот посветен на Шекспир, тие се упатуваат дома, со нова покана од домаќините, повторно да донесат нови театарски доживувања.

Гостувањето е резултат на успешната соработка на Битолскиот театар со американската театарска компанија “ЛитМун” од Санта Барбара воспоставени во рамките на интернационалниот Битола Шекспир фестивал кој успешно се реализира веќе четири години.

Ова е второ гостување на Битолскиот народен театар во Санта Барбара. Годинава, Народниот театар од Битола со поддршка од Министерството за култура на РМ реализираше гостувања и во Русија, Бугарија и Израел.

Битолскиот театар во својата матична куќа продолжува со реализација на претставата “Д-р Фауст”, во режија на Андраш Урбан, која се очекува да се случи во средината на декември

( превземено од веб Вечер )