Џумерко и ќерка му !

mojotzivot1

Со локум за добредојде, Џумерко и ќерка му Марија, двајцата актери, споделија со нас интересни случки од животот на глумците. И таткото и ќерката со подеднаква возбуда ни го раскажаа денот кога Итар Пејо по цели 25 години доби подеднакво добар наследник…

8f9981bb34a481458b54a53f84889c51

Некои велат Прилеп е град на тутунот, за други градот под Марковите кули е град пивото, заради фестивалот кој веќе стана препознатлив во целиот регион… Ама Прилеп е и град на мајмуните, оти нели така ги нарекуваат неговите жители…, иако во Прилеп мајмун не игра, оти нема кој да му го држи стапо!

Набој на спомени од едно друго време, носталгија за штиците што живот значат, сеќавања за секоја негова улога… Бардот во македонското глумиште, најпознатиот мајтапчија Благоја Спиркоски – Џумерко, денес е пензионер, кој секојдневието го поминува со семејството и со внуците, горд што во театарот остави достоен наследник – ќерка му Марија.

Во домот на Спиркоски не пречека малиот Петар, синот на Марија, кој беше збунет од изгледот на мајка си, облечена во костимот на Итар Пејо. Со препознатливата отвореност и несебичност топло добредојде ни посака и домаќинот Џумерко. Со локум за добредојде, двајцата актери споделија со нас интересни случки од животот на глумците. И таткото и ќерката со подеднаква возбуда ни го раскажаа денот кога Итар Пејо по цели 25 години доби подеднакво добар наследник.

Во моментот кога никој не помислуваше дека некој ќе го замени ненадминливиот Џумерко во улогата на Итар Пејо, неговата ќерка, актерката Марија Спиркоска – Илијеска, го претстави комплетно новиот Пејо, и кај публиката го врати воодушевувањето од пред 25 години. Ниту режисерот Коле Ангеловски не се надеваше на таков успех, нова изведба на една стара приказна, со една неверојатна жена во главната улога. Со нов сензибилитет во танго стил, Марија во улога на познатиот мариовски итрец ја освои публиката во Драмски.

Весела и скромна по природа, Марија и по неколку месеци од премиерата со возбуда се сеќава на моментот кога ја добила улогата на Итар Пејо.
– Нозете ми се пресекоа кога Коле ми предложи да бидам новиот Итар Пејо, најпозната улога на татко ми, репликите со кои пораснав, раскажува Марија.
– Кога Коле ме праша дали сакам да играм во претставата и да бидам женскиот Итар Пејо, ми се стресоа колената и седнав… Не се сеќавам многу на разговорот, ама кога го погледнав татко ми, тој како да знаеше за што ме побарал Коле, немав сила ни да изустам, не знаев како да почнам.
– Гледајќи го суратот на Марија додека разговараше на телефон, веднаш знаев за што се работи, дополнува Џумерко.
– Се јави Коле Ангелоски на мојот телефон, Мара, ми вика, дома е – само јас и тој ја викаме Марија така, од милост. И го дадов телефонот на Марија, оти Коле не ми кажа за што ја бара. Ја гледам ќерка ми – и се смени ликот, на сите прашања од Коле одговараше со ДА, прво стоеше, после седна на креветот до мене. Кога ја видов дека седна, си мислам сигурно Николчо ја бара за Солунски патрдии… седна пилето, не може да стои од возбуда.

Со голема обврска кон татка си и кон публиката, со реплики научени уште од дете, Марија внесе нов, модерен дух во Пејо од Мариово. Со жар во очите раскажува за премиерата во Драмски и за денот кога татко и од Прилеп допатувал да ја гледа во Солунски патрдии”.
– Никогаш не знам кога е татко ми во публика, ако се видиме, имам трема од него, чувствувам голема обврска. Кога ми се јавија дека стигнуваат во Скопје, со такси веднаш заминав во Драмски, да не се сретнеме пред претставата. Не сакав да знам во кој ред седи, кога знам дека е тука, душава ме тера да ми шараат очите, да го барам низ публиката.

Кога ќерка ми ја помина првата сцена без проблем, знаев дека до крај ќе биде одлична, се навалив на жена ми Кица, и така останав до крајот на претставата.
– Само еднаш ни се сретнаа погледите со Марија, после до крајот не гледав, само ја слушав претставата и се држевме со Кица за раце. Кога видов дека првата сцена помина беспрекорно, ние глумците викаме ја плукна првата”, оти по првата сцена цела претстава се познава, ми се смири душава”, раскажува Џумерко.

Марија признава дека не и било лесно, но дека предизвик е да се одигра улога за која синоним е татко и.
– Кога почнаа пробите во Драмски, му викав на татко ми дека не можам да избегам од неговиот Итар Пејо, од неговата интонација, од неговиот начин на кажување на репликите, и на Коле му реков, не можам да побегнам – татко ми ми иде пред очи, а тој ми вика продолжи само така, и нема да згрешиш, раскажува Спиркоска – Илијеска.

Како прекрасно Марија ќе го памети искуството со колегите од Драмски, првата соработка надвор од матичниот, Прилепски театар. Иако млада, Марија е успешна актерка, но и подеднакво посветена сопруга и мајка. Пишува домашно со првачето Матеја, си игра и со малиот Петар, а во исто време во нејзини раце завршија највисоките награди и признанија за главни и споредни улоги.

Џумерко ни откри што ја посоветувал кога сфатил дека ќе ги следи неговите стапки.
– Марија е многу скромна, се консултира со мене, а јас и дадов совет: “Никогаш немој да се фалиш дека ти си ќерка на Џумерко, остави свој печат и прави си твој имиџ.”.

d7873f32c16fc542ba602bf9599a299f

3 награди за животно дело – 200 евра пензија
Добитник на највисоките актерски признанија, плакети, награди за животно дело, низа успешни и безвременски серијали, улоги во македонски филмови… За неговиот придонес во македонската уметност, вели Џумерко, државата му дава пензија од 200 евра.
– Во пензија сум речиси 8 години, имам награди за животно дело, награда Петре Прличкоо, награди за главни улоги, на театарски игри, пензијата ми е 12.800 денари, со никаква шанса да добијам национална пензија.