Диме Илиев, роден 19.09.1952 во Кавадарци. Дипломира на Факултет за драмски уметности Скопје во 1975, и истата година се вработува како актер во Драмски театар-Скопје. До сега има одиграни околу 90 премиерни улоги од кои поголемиот број главни, во врвни претстави од репертоарот на Драмски театар, но и на сцените на друге театри во Македонија. Настапува и во ТВ и радио драми, играни филмови, а има и неколку режисерски ангажмани.
Поважни театарски улоги:
Црна птица, ДТС 2009
Сон на летната ноќ, ДТС 2008
Кино Љубов, ДТС 2007
Македонски рулет, ДТС 2007
Демонот од Дебармаало, ДТС 2006
Ладало, ДТС 2006
Дон Жуан, ДТС 2005
Три сестри, Чехов, ДТС 2004
Што е тоа што ги тера жените да трчаат по улиците на Мадрид, ДТС 2004
Како се станува цар, ДТС 2003
Нема да верувате …. , ДТС 2003
Кротка, Достоевски, 2003
Есперанца, ДТС 2002
Собрани дела од Вилијам Шекспир, ДТС 2002
Падот на невиноста, ДТС 2002
Сон на летната ноќ, ДТС 2001
Мефисто, ДТС 2000
Европа, ДТС 1999
Свадбата на Фигаро, ДТС 1998
Заводникот од западната страна, ДТС 1997
Вазна од порцелан, ДТС 1996
Кумови, ДТС 1995
Ревизор, ДТС 1995
Арсеник и стара тантела, ДТС 1995
Од првиот здив, ДТС 1995
Дон Жуан, ДТС 1994
Калигула, ДТС 1993
Вообразениот болен, ДСТ 1993
Бура, ДТС 1992
Бисери и свињи, Кумановски театар, 1992
Балконот, ДТС 1991
Нажалена фамилија, Велешки театар 1991
Самоубиец, ДСТ 1990
Црна, Кумановкси театар, 1990
Медеја, ДТС 1989
Лице и опачина, ДТС 1989
Собирен центар, ДТС 1989
Слободен лов, ДТС 1988
Смртта на Дантон, ДТС 1987
Р, ДТС 1987
Ноќ спроти Водици, ДТС 1986
Керубин 2096, ДТС 1986
Свадба, ДТС 1986
Коприварник, ДТС 1986
Викенд на мртовци, ДТС 1985
Карамазови, ДТС 1984
Ивона кнегиња бурундска, ДТС 1984
Крал Иби, ДТС 1984
Препански круг, од М. Неделковски, ДТС 1983
Јадигар, од В. Манчев, ДТС 1983
Умна Глава, од О. Николова, ДТС 1982
Косанчичев венец, од Селениќ, ДТС 1982
Џон Пиплфокс, од Радовиќ, ДТС 1981
Дон Жуан, од Молиер, ДТС 1980
Бркотница, од Л. Биринскиј, ДТС 1980
Процес, од Андонов, ДТС 1979
Трамвајот наречен желба, од Т. Вилијамс, ДТС 1979
Солунски патрдии, од М. Поповски, ДТС 1979
Дракула, од Хамилтон, ДТС 1979
Рибарски караници, од К. Голдони, ДТС 1979
Црнила, од Коле Чашуле, ДТС 1977
Баш челик, од Д. Бабиќ, ДТС 1977
Хамлет, од В. Шекспир, ДТС 1977
Бегалка, од Васил Иљоски, ДТС 1976
Цар Едип, од Софокле, ДТС 1976
Џинот, од Глигор Поповски, ДТС 1976
И бол и бес, од Славко Јаневски, ДТС 1975
Чук, чук Стојанче, од Оливера Николова, ДТС 1975
Достига на самиот врв на највисоката власт, од Коле Чашуле, ДТС 1975
Поважни улоги во ТВ драми:
„Сослушувањето на железничарот”,
“Наши години”
“Неверство во зимската ноќ”,
Поважни филмски улоги:
“Двојка”
„Исправи се Делфина“
„Викенд на мртовци“
„Контакт“
„Големата вода“
„Сенки“ ТВ серијата
Награди и признанија:
„Најдобар млад актер-1976” (за претставата „Црнила”)
„Ристо Шишков”-1995 (за претставата „Од првиот здив”)
Награда за главна улога -ТВ фестивал Порторож -1976 (за ТВ драмата „Сослушувањето на железничарот)
„Најпопуларно ТВ лице-1979” (за серијата „Наши години”)
Исправи се Делфина и Петко одбележаа голем дел од мојот живот
Актерот Диме Илиев речиси со четири децении актерско искуство и присуство на сцената е еден од оние кои неизбежно оставија неизбришлива трага во македонскиот театар. И покрај тоа што може да се каже дека припаѓа на “старата гарда”, чичко Димо, како што го викаат помладите колеги, и тоа како е активен, со четири претстави на тековниот репертоар во матичниот Драмски театар. Директен повод за овој разговор беше токму неговата присутност на сцената, на која го вградува и на која им го пренесува сето свое искуство на помладите генерации.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за Вашето искуство во работата со помладата генерација колеги?
– Моето задоволство е големо од соработката со нив, бидејќи досега не сум имал никаков проблем. Напротив, може да се каже дека нивната енергија на моменти ме понесува, а за возврат јас несебично го споделувам моето искуство со нив, се разбира, доколку побараат совет. Значи, неизбежната интеракција на младоста и искуството помеѓу нас и тоа како постои.
Кога ќе ги резимирате овие четири децении професионална актерска патека, можете ли да ни кажете што, всушност, ви даде, а што ви одзеде татарот?
– Можам да ви кажам дека од тоа што ми го пружи театарот сум задоволен, бидејќи она што не храни нас актерите и воопшто уметниците е трошка искрен аплауз за кој живееме, како награда за нашиот труд. Живеам и за моментот кога по успешната претстава – премиера ќе не дочека ведра атмосфера во гримиорната, помеѓу колегите. Зашто, да не се лажеме, ние најдобро знаеме кога тоа што сме го сработиле е добро, кога не. Тоа сето сум го доживеал и ме прави горд.
Кога станува збор за тоа што ми одзел театарот можам да се пожалам” на недостатокот на приватност, односно моето “изгубено време” со моето семејство. Сепак, и од овој дел од животот сум задоволен, бидејќи сметам дека и покрај родот на мојата работа, со која се занимава и ќерка ми, а и жена ми е театарски човек, успеавме да воспоставиме еден нормален семеен живот.
Се добива впечаток дека еден период бевте малку отсутен од сцената. Тоа се должеше на некоја Ваша резигнација од театарот или пак, се работи за одредени околности…?
– Никогаш не сум бил резигниран, или уште помалку, индиферентен кон театарот. Она што во некои периоди ме немаше почесто на сцената, најверојатно се должи на одредена репертоарска политика, или пак, за немањето место во одредена режисерска концепција. Во мојот работен век досега не сум имал некој конфликт со ниту еден колега, освен, можеби, кога работиме претстава, но тоа е само творечки процес, па дури ни тогаш немало некои големи недоразбирања…
Ги споменавте режисерите… има ли некој од нив што, да речеме, не ви “лежи”?
– Ниту при соработката со режисерите не сум имал големи проблеми. Е сега, постојат режисери кои ниту по десеттата проба немаат концепт, односно немаат јасна визија кон каде оди нивниот продукт, односно идеја… е, тоа знае малку да ме извади од колосек, но и тие работи ги решавам со разговор, најчесто преку дијалог со режисерот и колегите. Тоа би значело дека ниту сега, ниту порано, не сум имал некои посериозни разидувања на релација режисер – Диме Илиев…
И покрај тоа што сте долго присутни на нашата сцена, и еден од столбовите на Драмски, сепак наградите како да Ве одминуваа…
– Јас немам таков впечаток, бидејќи ја имам најпрестижната актерска награда добиена на Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков”. Има ли поголем репер од оваа награда за тоа колку еден актерски труд вреди во Македонија? Добитник сум и на наградата за млад актер, а на овогодинешниот ФАД “Стоби 2013 ” ја добив наградата за главна машка улога… Но, и со наградите е исто како и со улогите. Или сте ја завршиле работата како што треба и добивате искрен аплауз, па го чувствувате и се гордеете со тоа или…
Се почесто филмската публика може да Ве види и на големото платно. Што значи филмот за Вас?
– Филмот е многу поинаква уметност. Тоа не е е уметност на мигот како театарот, но сепак останува впечатлива и се врежува во меморијата на гледачот, се разбира, доколку е квалитетен, односно, вашиот лик – ролја е добро сработена. На пример Петко од “Исправи се Делфина” одбележа еден добар дел од мојата кариера, бидејќи тоа беше добар филм кој и 38 години од неговото снимање се уште се памети. Доказ за тоа е дека еден нашинец во Котор, на местото каде што го снимавме излегувањето на Делфина од Ла Манш, ме препозна и ми се обрати со зборовите: “Е тоа беше добар филм…!”, а се работеше за млад човек. А сега, среќен сум што се повеќе се снима, што нашата кинематографија заживува, а за среќа има место и за мене, па во последниве неколку години снимив 5-6 филма. Најнова е “епизодата” која ќе ја играм во најновиот филм на Иво Трајков.
Зад Вас се и околу 200 ТВ-серии, радио и ТВ-драми, ТВ-филмови. Што мислите, зошто денес е полесно да се откупи турска серија отколку да се сними наша продукција?
– И јас сум дел од актерите кои синхронизираат и мислам дека тука се трудам колку што е можно повеќе да дадам свој актерски дел, но дефинитивно, кога се работи за наша продукција, сметам дека мора да се сменат моменталните политики, пред се на националните телевизии и да се отвори простор за нашата продукција. Инаку, што би правеле кога ќе заврши ерата на турските или кои било други сапуници?!
Борче Грозданов