НУ Драмски театар Скопје

ИСТОРИЈАТ

dramski

НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА ДРАМСКИ ТЕАТАР – СКОПЈЕ

Магичниот круг започна на 21.04.1946 година со првата куклена претстава Силјан Штркот, работена според народна приказна, а веќе од 1949 година театарот се именува како самостоен Куклен театар. На 10.01.1958, со првата жива претстава Принцот и просјакот од Марк Твен и Сергеј Михалков, се создава Младинско-детскиот театар. Во 1964 од Македонскиот народен театар се издвојува една група од проминентни актери и актерки, кои пристапуваат во Театарот. Во 1967 година, на Стерииното позорје во Нови Сад изведбата на претставата Покојник од Бранислав Нушиќ ја добива главната Награда за најдобра претстава. Со истата претстава театарот учествува и на белградскиот Интернационален театарски фестивал- БИТЕФ. Официјално, од оваа година, театарот го добива и името Драмски театар – Скопје.
Во наредните години театарот настапува на повеќе интернационални театарски фестивали и манифестации, притоа секогаш претставувајќи се со внимателно одбрани претстави од домашни и странски автори, а во реализација на одлична актерска екипа. Театарот е добитник на награда на Стерииното позорје во Нови Сад за претставите: Диво месо (1980) и Кула вавилонска (1990) од Горан Стефановски; Специјална награда на Стерииното позорје во Нови Сад за претставите Јане Задрогаз (1975) на Горан Стефановски, Еригон на Јордан Плевнеш (1982) и Медеја од Дане Зајц (1991); Награда за најдобра режија на Стерииното позорје во Нови Сад за режисерите Љубиша Георгиевски (два пати) и Слободан Унковски (три пати); Награда за најдобра улога на Стерииното позорје во Нови Сад за актерите: Крум Стојанов (два пати), Мери Бошкова, Милица Стојанова, Благој Чоревски, Ненад Стојановски (два пати), Снежана Стамеска, Лилјана Богоевиќ-Јовановски, Петар Темелковски, Ѓорѓи Јолевски. На Фестивалот се добиени и многу награди за сценографии, костимографии, текстови и др.
Драмски театар – Скопје редовно настапува и на МЕСС (Фестивалот на мали и експериментални сцени) во Сараево, каде со голем успех се претставува со врвна реализација на своите претстави. Значајни награди и признанија од овој фестивал имаат добиено актерите: Мите Грозданов, Благој Чоревски, Мето Јовановски, Снежана Стамеска, Петар Темелковски, Билјана Беличанец-Алексиќ, Никола Ристановски. На истиот Фестивал главни награди имаат добиено и претставите: Ништо од Артур Копит во 1972; Ослободувањето на Скопје од Душан Јовановиќ во 1979 и Еригон од Јордан Плевнеш во 1982. Многу главни актерски награди добиени се и на Театарските игри „Војдан Чернодрински” во Прилеп каде им е оддадено високо признание на актерите Благој Чоревски, Мето Јовановски, Драган Спасов, Ленче Делова, Стево Спасовски, Петар Темелковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Дејан Лилиќ, Сашо Тасевски, Ирена Ристиќ, Лилјана Велјанова, Маја Вељковиќ-Пановска, Јелена Жугиќ, Никола Ристановски и други. За своите настапи со Драмски театар на Фестивалот „Ристо Шишков” во Струмица наградени се актерите: Диме Илиев, Владимир Ангеловски,Петар Темелковски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов и Дејан Лилиќ.
Покрај многубројните фестивалски награди, Драмски театар – Скопје, како институција, ги има добиено и главните републички и сојузни (во бивша Југославија) признанија, заклучно со Орденот за заслуги со златна звезда на претседателот Јосип Броз Тито (највисоко признание во бивша СФРЈугославија).
Од изминатиот Репертоар на Големата и на Малата сцена, до сега, биле изведени многу пиеси од, речиси, сите познати (или млади) драмски писатели: Ристо Крле, Томе Арсовски, Васил Иљоски, Коле Чашуле, Оливера Николова, Симон Дракул, Богомил Ѓузел, Стеван Таневски, Петре М. Андреевски, Ѓорѓи Сталев, Димитар Солев, Славко Јаневски, Горан Стефановски, Миле Попоски, Русомир Богдановски, Јордан Плевнеш, Сашко Насев, Братислав Димитров, Југослав Петровски, Венко Андоновски, Жанина Мирчевска, Дејан Дуковски …
Поважни претстави на дела од странски автори се: Дундо Марое /Марин Држиќ/, Тројанки /Еврипид-Сартр/, Покојник /Бранислав Нушиќ/, Ромул Велики /Фридрих Диремант/, Макбет, Хамлет, Ноќ спроти Водици, Бура /Вилијам Шекспир/, Што виде собарот /Џо Ортон/, Рибарски караници, Ладало /Карло Голдони/, Артуро Уи /Бертол Брехт/, Хамлет од Долно Гаштани /Иво Брешан/, Јас, Клаудиј /Џон Мортимер/, Болва во уво /Жорж Фејдо/, Хенрих IV /Луиѓи Пирандело/, Цар Едип /Софокле/, Среќни денови, Чекајќи го Годо /Семјуел Бекет/, Трамвајот наречен желба, Мачка на вжештен лимен покрив /Тенеси Вилијамс/, Столови /Ежен Јонеско/, Дон Жуан, Вообразениот болен /Молиер/, Крвави свадби, Домот на Бернарда Алба /Лорка/, Балкански шпион /Душан Ковачевиќ/, Ивона, кнегиња бургундска /Витолд Гомбрович/, Крал Иби /Алфред Жари/, Смртта на Дантон, Војцек /Георг Бихнер/, Стапица /Тадеуш Ружевич/, Сили во воздухот /Небојша Ромчевиќ/, Долго патување во ноќта /Јуџин О`Нил/, Самоубиец /Николај Ердман/, Спасени /Едвард Бонд/, Балконот /Жан Жене/, Емигранти /Славомир Мрожек/, Калигула /Албер Ками/, Животот е сон /Калдерон де ла Барка/, Розенкранц и Гилденстерн се мртви /Том Стопард/, Ревизор /Николај В. Гогољ/, Питачка опера /Ватслав Хавел/, Квартет /Хајнер Милер/, Црна комедија, Амадеус, Јонадаб /Питер Шефер/, Гардеробер /Роналд Харвуд/, Вујко Вања,Три сестри /Антон П. Чехов/, Свадбата на Фигаро /Бомарше/, Роберто Зуко / Бернар-Мари Колтес/, Европа /Рене Калиски/, Поблиску /Патрик Марбер/, Земјомерот /Николај Колјада/, Мефисто /Клаус Ман/, Марисол /Хозе Ривера/, Поручникот од Инишмор /Мартин Мекдонах/, Комшилук наопаку /Нина Митровиќ/, Касапски кучиња /Квентин Тарантино/… Овие претстави биле режирани од познати македонски и гостувачки режисери од бивша Југославија и од сегашните држави од истата, потоа од Англија, Бугарија, Полска, Франција, САД …
Позначајни претстави од домашни автори, прикажани во Театарот во последните години, се: Диво месо, Тетовирани души, Жив чоек, Лет во место, Демонот од Дебармаало /Горан Стефановски/; Чија си, Грев или Шприцер /Сашко Насев/; Среќата е нова идеја во Европа, Последниот маж, последната жена /Јордан Плевнеш/; Филоктет, Јована Орлеанска, Македонски рулет /Љубиша Георгиевски/; Ни ќар ни зијан /Братислав Димитров/; Словенскиот ковчег, Кандид во земјата на чудата /Венко Андоновски/; Друга страна /Дејан Дуковски/; Кино “љубов” /Јани Бојаџи/ …
Драмскиот театар гостувал во Франција, Германија, Бугарија, Полска, Романија, Чешка, Словачка, Венецуела, Австралија, Турција, Египет, Австрија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Италија, Русија, Украина, Албанија, Канада, Колумбија со учество на нивните локални и меѓународни театарски фестивали.

s9q8lyvz

Годишна програма на НУ Драмски театар Скопје 2015

Издавачка дејност:

„Монографија“ – Бранко Ѓорчев од авторот Лилјана Мазова

Списание „Театарски Гласник“ – уредник Ристо Стефановски

Драмска дејност:

„Библијата“ – адаптација на текст и режија Срѓан Јанакиевиќ

„Безљубни“ – автор Благица Секуловска, режија Златко Славенски

„Чолак“ – адаптација и режија Синиша Евтимов

„Змејот“ – автор Евгениј Шварц, режија Александар Поповски

„Сирано ДеБержерак“ – автор Едмон Ростан, режија Дејан Пројковски

„Прински цар“ – автор, режија и изведба на монодрамата Петре Темелковски

dramski-teatar-skopje-326x183

НАЈВИСОКО ДРЖАВНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ

Драмски се закити со орден!

Екипата на Драмски има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања за што сведочи токму публиката не само на матичната сцена во Скопје и во Македонија, туку и пошироко во регионот и во Европа”, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, при доделувањето на орденот во претседателската вила Водно

Токму во годината кога се одбележуваат 70 години од постоењето на НУ Драмски театар-Скопје, оваа наша национална установа се закити со најголемото државно признание “Орден за заслуги за Македонија”.

Ова признание Драмски театар го добива за успешното презентирање, промовирање и негување на македонското и светското драмско творештво.

“Во изминатите седум децении на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и за естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Ова е извонредна можност да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар кои во изминатите седум децении на сцената и зад сцената создаваа театарска магија која ги облагородуваше и ги исполнуваше посетителите на нивните претстави. Екипата на театарот има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања за што сведочи токму публиката не само на матичната сцена во Скопје и во Македонија, туку и пошироко во регионот и во Европа”, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, при доделувањето на орденот во претседателската вила Водно.

Во име на Драмскиот театар орденот го прими директорот Роберт Вељановски, кој истакна дека ова признание ги прави горди, но и ги обврзува на уште поголема посветеност.

“Драмскиот театар има постојана тенденција и улога на предвесник на без малку сите релевантни театарски случувања во Републиката. Сознанието за потребата од театар за деца, оформувањето на куклената, а подоцна и младинската сцена, негување на македонската драматика, како и реализирани 130 премиери на домашни драмски текстови… се одликите кои со макотрпна, но и длабоко обмислена работа го поставуваат Драмскиот театар на пиедесталот како една од водечките театрски куќи во државата”, истакна Вељановски, искажувајќи ја благодарноста за доделениот орден, но и благодарноста до сите оние кои се вградија себеси во театарското живеење на Драмски театар во изминатите 70 години.

Во 2016 година

  •  Драмскиот театар одигра точно 203 претстави, а претставите ги погледнаа 36 272 гледачи. Минатата година беа одобрени шест претстави со годишната програма. Последната претстава е во фаза на реализација и се очекува да биде готова кон средината на февруари.

Поддржано беше и изданието на “Театарски гласник”, кој во моментов е во печат и монографија “70 години НУ Драмски театар Скопје”, која е во завршна фаза на изработка, како и мини балканска турнеја во Сараево, Загреб и Белград со претставата “Генетика на кучињата” од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, која е успешно реализирана.

2017 година за в.д директор е поставен Сашо Тасевски