Кон премиерата на претставата „ Силјан Штркот шанца“ во МНТ, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Ср|ан Јаниќиевиќ.
За љубовта, со многу љубов
Ретки се претставите во македонскиот tеатар денес, во кои се функционира беспрекорно. Затоа кога потписникот на овие редови ќе доживее такво искуство, се радува како дете.
Македонскиот народен театар ја одбележа 70 годишнината од формирањето на детско – куклената сцена, со премиерата на претставата “Силјан Штркот шанца” на малата сцена. Текстот, кој е базиран на собраните и запишани умотворби од Марко Цепенков , е адаптација на Дејан Дуковски. Неговата праизведба се одржала 1991 година во Театарот за деца и младинци од Скопје, како дипломска претстава на Дуковски . Но, за разлика од двете постановки, пред 25 години во ТДМ, во режија на Драгослав Тодоровиќ од Србија и пред 70 години во МНТ, во режија на Петре Прличко, работени во формат на куклен театар, најновата постановка на МНТ ги следи авантурите на Силјан до неговото созревање и пронаоѓање на љубовта во и околу себе, низ жива и енергична актерска игра, театар на сенки и многу музика и песни од нашиот фолклор и современи теми, што се изведуваат на сцената.
Ретки се претставите во македонскиот театар денес, во кои се функционира беспрекорно. Затоа кога потписникот на овие редови ќе доживее такво искуство, се радува како дете. И навистина радува фактот што МНТ има одличен театарски проект во лицето на “Силјан Штркот шанца”.
Текстот на Дуковски, во функција на режисерски концепт на Ср|ан Јаниќиевиќ, е скратен, со нагласок на најважните моменти од реалистично-фантастичната приказна за Силјан Штркот кој животот го разбира како игра , со што успешно е одбегната дополнителната нарација и општи места од кои современиот гледач бргу се заситува. Вака поставена, драмската структура претставува своевидна песна која се игра и пее на ритам, без да падне нејзината динамика и претставува исповед на синот Велчо за животот на неговиот татко Силјан. Режијата на Јаниќиевиќ се темели на урбаниот израз и бунтовништво, па следствено на тоа, постановката е направена како микс на драмска претстава и музичко кабаре во кое актерите играат низ текст и со тело, но и свират и пеат во живо. За таа цел беше формиран бендот ВИС “ Погани штркови” feat . Кокошките од пеколот “. Него го сочинуваат актерите Ивица Димитријевиќ ( го игра ликот на синот на Силјан- Велчо и настапува на соло гитара) и Александар Ѓорѓиески-( во алтернација со Славиша Каjевски ќе го игра Еснафот и свири на бас гитара) , заедно со Никола Кимовски на удиралки и Нина Деан ( ја игра жената на Силјан- Силјаница и кокоштака Си Биле) , Ана Стојановска ( Клајковица и кокошката Чуле) и Тина Трпкоска ( кокошката Сиве) . Главната улога на детинестиот, необременет со одговорност и боем Силјан , му е доверена на младиот Александар Михајловски. Тој го искористи целиот свој психо-физички апарат за да го прикаже ликот веродостојно и успешно. Брзите и уверливи трасформации, од жена на која не и е возвратена љубовта од мажот, до занесената со допинзи кокошка Си Биле, беа карактеристика за Нина Деан. Таа едноставно беше одлична во своите ролји , докажувајќи што значи да се направат комплетни улоги со внатрешно преживување, но и со телото. За издвојување е и креацијата на Тина Трпкоска како кокошката Сиве. Таа покажа особен усет за комична игра, но и мо}ен глас за пеење. Исто така, публиката од срце ја насмеа Славиша Кајевски, во ликот на опасниот за околината Еснаф кој всушност е слаб и се плаши од жена му. А брилијантна креација, базирана на исклучително подготвениот хабитус, но и чувство за хумористично нијансирање на ликот направи Кире Ѓоревски, во улогата на Пијаницата. И останатите актери: Нино Левi , во ликот на таткото на Силјан – Божин, Магдалена Ризова- Черних како силјановата мајка Евда ( што ќе ја игра во алтернација со Марија Новак) , Ивица Димитријевиќ како синот и внук Велчо, Висар Вишка во улогата на Духовникот , Ана Стојановска како Чуле и Никола Ацески како меанџијата Трпе, докажаа дека и епизодните улоги можат да бидат впечатливи зашто се коректно направени и одиграни. Со еден збор, ова е ретка претстава не само во МНТ, туку и во македонскиот театар воопшто, vo последниве години , каде секој од актерите дава афтентичен белег и креација на својот лик.
За сценографијата решена функционално , а минималистички, низ неколку реквизити кои по потреба стануваат кревет, брод, куќа , сушалка за пиперки и градина на семејството на Силјан , беше задолжена Илина Ангеловска. Таа е и авторка на костимите за претставата , решени како успешен спој на македонскиот фолклор и современиот изглед. Овдека се надоврзува и магичното светло кое ја дополнува сценографијата и изгледа како видео на сцената, а всушност е заводлива мајсторија на светло мајсторот Илија Тарчуговски. И кореографијата на Александра Кочовска-Начева, е пример за тоа како од актерите да се извади максимумот во однос на движењата, без да бидат многу нагласени, а да делуваат органски природно.
Накусо, “Силјан Штркот шанца” е театарски чин која ја афирмира потребата од освестување на љубовта во секој од нас, но и доказ дека квалитетен театар се прави само со многу љубов и посветена работа. Имајќи предвид дека претставата е направена за малата сцена, како дел од програмските заложби на раководството да се востанови репертоар за деца, базиран на лектирните изданија, а претставата концепциски не е детска, барем не за деца до 12 години, убаво би било таа да се качи и да се игра на големата сцена на МНТ. Така ќе се избегнат напорите на актерите сами и со помош на сценските работници да ги креваат и менуваат реквизитите во паузите меѓу сцените, со што се уништува театарската магија и се појавуваат на пати како контури, ликови кои до тогаш не заиграле во претставата. На тој начин ќе се покаже раскошот на претставата „ Силјан Штркот шанца“, која е податлива за младинската и за возрасната публика.
Сотир Трајков