
Уште еден убав влез во светот на бајките, уште еден убаво отсонуван сон со отворени очи, уште една убава приказна за доброто, злото, омразата и љубовта… која спојува светови! И од тој убав свет просто човек да не сака да излезе! Успешно беше доловено чувството за тоа дека светот на бајките не е само за децата и туку во него уживаат и малку поголемите деца” …Беше вистинско уживање да се влезе во приказната на Малата сирена и нејзината безгранична љубов кон земниот” принц… Магијата беше изведена театарски, мајсторски со фантастична колоритност, со извонредна музикалност, со беспрекорна артистичка посветеност, со актерска разиграност небаре актерството е наједноставниот занает на светот… Такво е чувството од виденото во Театарот за деца и младинци и нивната најнова постановка Малата сирена”, работена по текстот на Ханс Кристијан Андерсен… Импонираше колку малата, но функционална сцена беше голема, широка и отворена за да не прими во својата приказна… За тоа, бездруго заслужен е и режисерскиот ракопис на Деан Дамјановски, кој со минималистички средства го раководи мизансценот во претставата… на рака му оди и успешното прекршување” и игра која е веќе видена, но вешто искористена, како Театарче во Театар, како слика во нарација, прикажана (раскажана) преку нараторот и автор Ханс Кристијан Андерсен, кој се претвора во невештото, добродушно ракче во претставата… Фантастичен свет на бои кои доловуваат перфектни костими во кои мошне вешто пливаат” и беспрекорно се снаоѓаат актерите… за сценската магија заслужни се Љубомир Чадиковски како сценограф, одличниот Александар Ношпал и неговите фанстастични бековити и раскошни костими, музиката на Љупчо Мирковски, и кореографијата на Сања Шутевска, кои, исто така, беа неизоставен дел од сонот и приказната.
И нормално, оние без кој убавото чувство не ни било комплетно:
Винета Дамчевска, која мошне успешно и верно ја одигра Малата сирена, емотивно и разиграно, Владимир Лазовски како нараторот, автор и ракчето, кој уште еднаш докажа дека има одлична моќ за трансформација, Ана Левајковиќ, која нежно и суптилно го предаде ликот на Големата сирена, сугестивно одиграната морска вештерка од Катерина Илиевска, успешно користејќи ги сите свои актерски предиспозиции и знаења и симпатично и вешто одиграната ролја на октоподот од Марија Ѓорѓиовска, студентот Ефтим Трајчов, кој одлично се снајде како принцот и кралот и кралицата Драган Довлев и Зорица Стојановска, кои повторно докажаа дека можат и знаат да ги доловат ликовите и да играат за децата…
Театарот за деца и младинци создаде уште една претстава што бездруго не само што ќе ги анимира и радува децата туку е и вреден естетски производ кој ќе се гледа.
Борче ГРОЗДАНОВ