Славица -Николовска-Спасова, актерка

 

 

slavica-nikolovska

Славица Николовска, родена во Скопје, 1948 година. По завршувањето на Театарската академија во Загреб, 1971 година, се вработува во Драмскиот театар – Скопје, каде се вклучува во работата на сите сцени, Куклениот, Детскиот, Малата и Вечерната сцена. Се истакнува пред се како актерка од камерен тип. Нејзината актерска игра ја карактеризира лирска боја и поетско интонирани сценски инетрпретации.

Поважни театарски улоги:

Цвета – Свадба од В. Иљоски
Џеси – Дејството на гама зраците врз сенишните невени од Пол Зиндел
Љубов – Чехов од Маљугин
Вали – Стапица од Т. Ружевиќ
Шортс – Дамите од Аламо од П. Зиндел

Други претстави од репертоарот на Драмски театар – Скопје: Болва во уво, Сомнително лице, Умна глава, Карамазови, Фоксфаер, Сказна за времето, Самоубиец, Балконот, Чест и други.

 

 – за актерството, за нејзините интимни определувања и за работите што го прават животот

Иако за минатото ја врзуваат убави спомени, сепак, нејзиниот најсреќен момент е сегашниот, а денот – денешниот. Актерката Славица Николовска-Спасовска во својот глумечки опус има остварувања достојни за суперлативи, а приватниот живот грижливо го негува со емоции безрезервно наменети за семејствотото и за пријателите.

Многумина за вас создадоа мислење имајќи го за база вашиот актерски бекграунд. Многу серии, „Опстанок“, „Ѕвездите на 42“, „Случки од животот“…, се’ уште се паметат, а вие сте една од „виновниците“ за таа безвременост. Сакав да кажам – благороден лик.

„Сакам да ги паметам убавите нешта што ми се случиле во животот. Ако ги паметат и другите, тоа ми создава уште поголемо чувство на среќа. А за носталгијата, така е за се’ што поминало, си го чуваме во споменот свој. Со убава носталгија се сеќавам на студентските денови во Загреб, на моите учества на „Дубровнички летни игри“, кога се среќавав и се дружев со врвни уметници од цел свет. Кога како млад човек, речиси почетник во уметноста, ќе ја почувствувате магијата, привлечноста и вознесот што таа ги нуди, ве плени за целиот живот. Се сеќавам и на филмскиот фестивал во Каиро на кој бевме претставени со филмот „Пресуда“ на Трајче Попов. Таму се најдов во друштво на Алберто Моравија, Сузан Јорк, Флоринда Болкан и некои други луѓе од светот на уметноста што ми се чинеле нестварни и недостижни. А токму мене ме фотографирале за насловната страница на „Ал Ахрам“. Во моменти на носталгија се сеќавам на театарскиот фестивал во Сараево на кој за претставата „Ништо“ во режија на Унковски ни беше доделен „златниот венец“ за колективна игра и на многубројни претстави со колегите од Драмскиот театар во Скопје со кои патувавме, добивавме награди, се дружевме и имавме прекрасни доживувања… Но, не сум жена што ја надвладува носталгијата како еден вид тага по минатото. Секое време си има свои убавини. Само така има смисла животот да се живее. Треба да се бориме и понатаму во животот за убави нешта. Но, љубоморно ги чувам во сеќавањето некои улоги, снимен драми, филмови и компакт-дискови со снимена поезија на Матеја Матевски, на Петре Бакевски и на други поети…“

„Причината за моето отсуство од театарската сцена, особено во последните десетина години, беше и моја лична определба. Се одлучив да го придружувам и да му помагам на мојот сопруг во работата кога тој замина за амбасадор, најпрво во Бугарија во 1994, а подоцна и во Англија во 2007 година. Тоа време на оддалеченост од театарската и филмската сцена во Македонија не ги сметам за изгубени. Имав можност да видам како напредува театарската и филмската уметност во Бугарија, кај што во далечната 1967 година ги започнав студиите на нивната Академија за театар и филм во класата на Бојан Дановски и да се сретнам со една генерација уметници кои веќе имаа позиции и висока популарност. Подоцна во Англија добив можност да видам колку многу напреднал светот во театарската и во филмската уметност. Добив можност да следам многу ексклузивни уметнички настани, од концерти и изложби до театарски премиери и особено мјузикли од кои здивот ми застануваше. Го гледав совршенството во изведбите на мјузиклите како што се „Фантомот од операта“,„ Мама миа“, „Евита Перон“, ,,Мизерабл“ и многу други, кои и по 20 години на репертоарот по два пати на ден ги полнат салите со публика од целиот свет. Што се однесува до популарноста, таа е многу релативна работа, особено во мали средини. Може да ве има, а потоа да бидете заборавени. Во турбулентни времиња какви што се нашиве, добро е ако успеете да ја зачувате внатрешната рамнотежа.

А идентитетот како глумица го градев низ моите улоги. По повод 20-годишнината од Драмскиот театар, Игор Џамбазов рече дека ги обојувам моите улоги со пастелни бои. „Тоа е жена која инсистира на својата етичност, стрпливост, толерантност, посебност, но и нежност, поетичност и сочувствителност“.

Имаат ли годините, минливоста врска со Вашиот актерски ангажман

„Мислам дека тоа не е случај со мене. Човек во уметноста колку и да посакува, мора да биде свесен дека со време популарноста намалува. Тој мора да најде убавини и во другите нешта што го опкружуваат и да создаде психолошка рамнотежа, која му ја обезбедува среќата. Јас сум личност што ја сфаќа убавината на сите возрасти и секој обид да останете вечно млад ве прави по малку смешен освен ако не останувате вечно млад во душата“.

Подвижни слики…  филмот

„Со самото тоа што сум го добила името по првиот југословенски филм ’Славица‘ како да била предодредена мојата професија. Многу рано, уште кога добив улога во една телевизиска серија во Загреб, каде што дипломирав, за време на снимањето имав можност да ја запознаам лично и Ирена Колесар, која ја играше главната улога во спомнатиот филм. Кога и’ кажав дека сум го добила името по филмот во кој таа играше главна улога, таа само се насмеа и рече: „О боже!“ Зар толку години поминаа од снимањето на филмот?“ Учествував во повеќе филмови, како што се „Истрел“, „Пресуда“, „Црвениот коњ“ и други, но особено ми е драга улогата на Меглена во телевизискиот филм „Некаде мора да те чекам“, снимен според текст на Петре Андреевски, а во режија на Бранко Гапо. Но, може да издвојам и еден мој ангажман во филмот на Борјан Зафировски: „Скопје Ремикс“, чија премиера ќе биде наскоро. Снимањето на овој филм траеше една ноќ, која ќе ја паметам, бидејќи ми разбуди многу емоции. Со син ми се сретнавме како колеги. Кога заврши снимањето на изгрејсонце и кога заминував дома, му напишав една СМС-порака: ,,Се чувствувам горда на тебе и многу сум среќна“.

„Тоа значи да ги делите со него сите успеси и сите падови во политиката, да бидете сопатник и придружник, но и советник и критичар. Во бракот ја делите судбината со партнерот на своите професии. Тоа има убава, но и лоша страна. Еден од вас во определен период мора да ја жртвува својата кариера. Го прифатив тоа и се обидував да му помагам во периодите кога дипломатскиот протокол требаше да биде надополнет и со презентирање некои уметнички вредности од Македонија во земјите каде што престојувавме. Но, моето искуство од времето поминато во дипломатијата е нешто незаборавно и ненадминливо. Особено неколкуте години поминати во Лондон, каде што имав ретка можност да присуствувам на приемите организирани од страна на кралицата Елизабета во Бакингемската палата, да се возам со кралските кочии низ Лондон за време на церемонијата при предавањето на акредитивите да и’ раскажам на кралицата Елизабета дека како актерка сум играла во драмите на Шекспир, да се запознам и дружам со актуелната претседателка на Ирска, Мари Мек Елис, да видам како живее светот на богатите лордови, барони и англиски политичари, кои не’ канеа на вечери, но како Македонци. Секако, животот со политичар во земјава и вас ве „обојува“ и во услови на политичка поларизираност и вие и целото семејство сте соочени со последиците од политичките промени и ги преживувате нервозите, судирите и непријатностите. Тогаш се сеќавате на драмските ликови на Шекспир во кои тој говори за политиката, политичарите, политичките интриги, карактери и сфаќате колку добро се вајани и колку малку се сменило…“

„Добрина до наивност. Изразито гостоприемство. И човечка солидарност“.

„Силна жена значи да сте своја. Да верувате во себе. Да сте амбициозни. И да одите по својот пат. Моќта доаѓа од енергијата што ја носите во себе и од тоа колку сте подготвени да ја употребите. А јас несебично ја трошам“.

„Сакам добар виц. Добра филмска комедија. Добра политичка сатира. И, во принцип, сакам духовити и ведри луѓе кои можат да ве расположат, насмеат и да гледаат од позитивната страна на нештата“.

„Бесчувствителноста. Себичноста. Лажните пријателства. Секако, најважно ми е семејството и моите пријатели“.

„Вечна е уметноста, науката и силните луѓе.“