Кирил РИСТОСКИ (1948 – 2011), актер и педагог

Роден е во Прилеп, 14 ноември 1948 година.

Почина  Скопје30 јуни 2011  год

Сите го паметиме како еден од најскромните и најпитомите луѓе што сме имале среќа да ги запознаеме. Зад таа негова беспримерна едноставност и кроткост – прилично нетипична за клетата актерска професија, по дефиниција екстравертна и барем малкуцка колерична… – некако природно, незабележително, безмалку „сама од себе“, трпеливо се создавала една грамадна кариера. Импресивна во секој поглед.

Неговото драматично и ненадејно заминување, нагло нè соочи со нужноста таа кариера посериозно да ја здогледаме и позадлабочено да ја истражиме. Да ја вреднуваме, најпосле!

images%5cauthors%5ckristoski

Откако ги собравме и ги суредивме фактите кои ја докажуваат професионалната и уметничката исклучителност на Кирил Ристоски, како наеднаш да станавме свесни дека се работи за актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што нашава театарска историја ги памети.

Еве ги, сумарно, тие факти пред кои, стаписани и замолчени, остануваат не само боговите, туку и дрдорливите луѓе:

Од неполни 63 проживеани години, безмалку 46 Кирил Ристоски ги одживеал како професионален актер. Дебитирал, како што е редно, со ноторната епизода (Првиот стражар) во Шекспировата комедија Ноќ спроти Водици. Било тоа во сезоната 1965/66, на сцената на Прилепскиот театар. Во својот роднокраен театар тој останал наредните седум години, во текот на кои одиграл седумнаесет ролји и, лека-полека, напредувал во хиерархијата. Ама, постојано го прогонувало чувството дека, освен дарбата и вештините, актерот мора да има и соодветно/солидно образование. На 25-годишна возраст решил да даде отказ и да се истопори на приемниот испит на Отсекот за актерска игра при тогашната Музичка академија во Скопје. За да студира, како најстар во својата класа.

И пред да дипломира (cum laude, се разбира!), Кирил Ристоски започнал интензивно да игра во претставите на Македонскиот народен театар, каде потоа стапил во постојан ангажман (1978). Десет години подоцна, Факултетот за драмски уметности го избрал за доцент по предметот актерска игра. Наредните 23 години тој ги поминал и како обожуван даскал, врвен театарски педагог, еден од оние (ретките) што умеат и татковски – а не само професионално – да бдеат над десетици и десетици идни македонски актери.

Одиграл, вкупно, 83 театарски и 26 филмски и телевизиски ролји. Снимил повеќе од 200 радио-драми. Одработил недобројни поетски и ини настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата.

Добил, вкупно, 10 актерски награди, од кои пет во Прилеп, на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивалот што во 1997 година среќно го реструктурирал, а потоа и го водел повеќе од успешно, полни десет години…

Дури сега, отпосле, стануваме свесни за историското значење на личноста на Кирил Ристоски, единствениот македонски актер кој ја имал привилегијата да биде не само симболичка, туку и вистинска алка-поврзница на феноменот кој, уште пред шеесетина години, еден голем критичар профетски го нарекол македонска глума.

Имено, Кирил Ристоски е нашиот единствен актер кој играл, рамо до рамо, со сите основоположници на македонското глумиште: Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Мери Бошкова… Потоа, како рамноправен партнер, продолжил да игра со нашите најголеми актерски ѕвезди: Ристо Шишков, Ненад Стојановски, Дарко Дамески, Милица Стојанова, Мето Јовановски… Бесценетите знаења и немерливите искуства стекнувани со нив, Кирил Ристоски несебично им ги пренесувал – со чисто срце и со крстот на чело… – на своите помлади и најмлади партнери и студенти: Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Арна Шијак, Биљана Беличанец, Васил Зафирчев, Мартин Мирчевски…

Ниту имало, ниту ќе има актер кој би можел да ја повтори оваа историска улога, што Кирил Ристоски ја исполнил децентно, ненаметливо и – најважно! – креативно во највисока, дури и во апсолутна смисла.

Доколку ја прифатиме онаа романтичарска хипотеза, според која актерството не е само професија туку е – судбина, тогаш нему судбината му ја избрала божицата Талија лично. Само таа можела да предодреди дека токму Кирил Ристоски – онака стамен, работлив, чувствителен, добромислен и чесен до немајкаде… – ќе да е предодреден да го понесе товарот и честа на Првиот врзен играч во историјата на македонското актерство.

РАЗГОВОР СО ПОВОД: КИРИЛ РИСТОСКИ, НОВ ДЕКАН НА ФДУ

Огромен потенцијал продуциран четири децении

Новиот прв човек на ФДУ, кој инаку две и пол децении како професор едуцира млади кадри во оваа установа, е задоволен од постоечките човечките ресурси на факултетот со потсетување на речиси хроничните актуни финасиски проблеми, кои пак според него се пречка за продуцирање на квалитетни кадри…

Кирил Ристоски, новиот декан на Факултетот за драмски уметности, воопшто не е нов на тлото на ФДУ, бидејќи, веќе две и пол децении едуцира млади луѓе како професор по актерска игра. Зад него се многу класи на студенти, од кои повеќето се веќе профилирани актери… а оние што доаѓаат, се оформуваат токму и под диригентската палка на Ристоски. Од овој аспект, функцијата декан за Ристоски не претставува посебен терет но во секој случај, тој вели дека е свесен за горливите проблеми, со кои ФДУ се соочува во свето “секојдневие”:
-Најпрвин или што е можно побрзо, потребна е уште една барака или објект во кој дополнително би се одвивала наставата. Секоја година, се разбира, во рамките на можностите што ги дозволуваат финансиите реновираме по нешто. Но, за поголеми зафати не може да се размислува. Постојано сме во некаква потрага на финансии (овде не мислам на платите). Еден од приоритетите е осовременување на техничко-технолошките услови, иако во тој поглед имаме некои основни предуслови, но, тие се неопходни за следење на европските и светски трендови во образованието од овој тип.

Што се однесува пак до евентуалната хиперпродукција, пред се на актерски кадар што произлегува од ФДУ, Ристоски со малку поинакво гледиште:
– Не може да се зборува за хиперпродукција или за евентуална пребукираност на одделот за драмски актери, бидејќи и да не се запишат на нашиот факултет, младите најчесто се запишуваат во приватните школи и во странство. Динамиката од две години за запишување на една класа ќе ја задржиме и натаму. Според мене, горливиот проблем е во останатите шест катедри, каде запишувањето е на четири години.

Ристоски е задоволен и од она што го наследил од долгогодишниот негов претходник, Данчо Чевревски:
– Морам да кажам дека стручниот кадар со кој располагаме е на нивото на најеминентни творци, мајстори во своите области. Во оваа смисла имаме потенцијал за едуцирање и профилирање на млад уметнички кадар. Функционира и Институтот за театрологија, каде што се продуцираат пост дипломски кадри, а во тек е формирањето на вториот циклус вакво образование од театарскиот и филмскиот оддел.

Во процес е и доедуцирањето на наставничкиот кадар, проект кој треба да се рализира до 2013 година и од овој аспект работите, според Ристоски, течат најнормално: Некои веќе магистрираа и се докторанти, додека кај другите во изработка се магистерските трудови. Можам да кажам дека до рокот кога е предвидено целосното реформирањее, на овој план ќе биде остварено. Морам да кажам дека ваквиот затекнат потенцијал е продуциран од претходниот закон, кој не предвидуваше ваков тип на едукација за професорскиот кадар, но, ете и тоа ќе се реши во рамките на предвиденото, оптимист е Ристоски.

Што се однесува до новоотворената академска сцена тој вели дека за таа да профункционира потребно е студентите да можат да ги видат низ цела Македонија: многу мали средства се потребни за патување па и реализирање на мини турнеи низ државава, а со цел претставите да ги види пред се публиката во образовните институции. Само така би испровоцирал уште поквалитетен потенцијал и кадар кој во иднина би произлегол од ФДУ.

Бројките говорат…
Досега на сите седум катедри на ФДУ, за четири децении завршија 444 студенти. Факултетската библиотека располага со книжен фонд од 4.200 единици стручна литература, филмотека со 4.500 филмови на 16 мм; видеотека со 4.200 видео касети и и 3.220 двд-а… моментално на ФДУ студираат деведестина студенти на седумте катедри со кои располага Факултетот… Организатори се на еден од најпрестижните студентски фестивали СКОМРАХИ, на кој досега учествувале преку 1.600 студенти од 31 факултет од исто толку земји од Балканот, Европа и светот, со повеќе од 120.000 посетители и прикажани над 130 претстави…

Борче ГРОЗДАНОВ