Петар Темелковски, роден 1946 год. во Богомила. 1972 година дипломира на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија, и веднаш се вработува како актер воМакедонскиот национален театар. 1975 година се вработува во Драмскиот театар Скопје како Првенец на театарот и од тогаш остварува повеќе од 70 главни и централни улоги во театрите во Скопје, Софија, Куманово, Прилеп, Велес, Струмица… на филм и ТВ. 2007 година е назначен за Уметнички директор на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Од 2007 е и Редовен професор на ЕСРА (Ecole Superieure de Realisation Audiovisuelle), Скопје, Македонија.
Поважни театарски улоги:
Горчин – Пелиново, од Жарко Команин, режија Љубиша Георгиевски, МНТ
Андреа Сарти – Животот на Галилеј, од Бертолд Брехт, режија Бранко Ставрев, МНТ
Војводата Дамјан – Суд, od Коле Чашуле, режиј Љубиша Георгиевски, МНТ
Крсте Шепни Постела – Време на пеење, од Петре М. Андреевски, режија Димитар Станковски, МНТ
Беранже – Носорог, од Ежен Јонеско, режија Љубиша Георгиевски, МНТ
Трајан Поп Стефанов – Мацедонише цуштенде, од Јордан Плевнеш, режија Љубиша Георгиевски, МНТ
Тригорин – Галеб, од Антон П. Чехов, режија Бранко Ставрев, МНТ
Бакингам – Ричард III, од Шекспир, режија Рахим Бурхан, МНТ
Михаил Назаров – Последните, од Максим Горки, режија Илија Милчин. МНТ
Даниел Оконел – Подзатворена врата, во сопствена драматизација и режија, по романот во стихови „Град“ од Љубчо Георгиевски, МНТ
Цар Едип – Цар Едип, од Софокле, режија Миле Корун, ДТС
Луков – Црнила, од Коле Чашуле, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Херман Клаус – Диво Месо, од Горан Стефановски, режија Слободан Унковски, ДТС
Дох Жуан – Дон Жуан, од Молиер, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Макс Брод – Стапица, од Тадеуш Рожевич, режија Богдан Хусаковски, ДТС
Исидор Солунски – Еригон, од Јордан Плевнеш, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Џемс Тајрон – Долго патување во ноќта, од Јуџин О Нил, режија Патриша Хамерстронг, ДТС
Најде Екимот – Јане Задрогаз, од Горан Стефановски, режија Слободан Унковски, ДТС
Сер – Гардеробер, од Роналд Харвуд, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Ѕвездак – Преспанскиот круг со црвена боја, од Миле Неделковски, режија Владимир Милчин, ДТС
Локид – Питачка опера, од Вацлав Хавел, режија Горан Тренчовски, ДТС
Поцо – Чекајќи го Годо, од Семјуел Бекет, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Одисеј – Филоктет, режија Љубиша Георгиевски, ДТС
Хам – Крајот на играта, од Семјуел Бекет, режија Горан Тренчовски, ДТС
Антоан – Виктор или деца на власта, од Роже Вилар, режија Жарко Петан, ДТС
Максим Бродски – R, од Јордан Плевнеш, режија Љубиша Георгиевски, МНТ
Аристарх – Самоубиец, од Гогољ, режија Бранко Ставрев, ДТС
Филип Втори – Филип Втори – Македонски, сопствен авторски проект, ДТС
Филмски улоги:
Дуко – Најдолгиот пат, од Петре М. Андреевски, режија Бранко Гапо
Синот на крчмарот – Време води, од Јован Стрезовски, режија Бранко Гапо
Архимандритот Андреа – Последната Македонска сага, од Симон Дракул, режија Бранко Гапо
Братот Петар – Збогум на 20 век, од Александар Поповски и Дарко Митревски
Награди:
1987год. Стеријна награда најдобро остварување на Стеријното позорје во Нови Сад за улогата на Максим Бродски во претставата „Р“ од Јордан Плевнеш во режија на Љубиша Георгиевски.
1988год. Златен ловор венец на МЕС во Сараево за најдобро остварување за улогата на Макс Брод во претставата „Стапица“ од Тадеуш Рожевич.
1990 год. Награда за најдобро остварување на Државниот театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп за улогата Мустакот во „Црна“ од Љубиша Георгиевски и Богомил Ѓузел.
2000 год. Награда за најдобро остварување на Државниот театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп за улогата Одисеј во „Филоктет“ од Љубиша Георгиевски
2001 год. Единствената награда за најдобро остварување во цела Македонија на Камерниот театарски фестивал Ристо Шишков во Струмица. за улогата на Одисеј во “Филоктет“.
1976 год. Награда за деби на Филмскиот фестивал во Пула за улогата на Дуко во филмот„Најдолгиот пат“ од Петре М. Андреевски
13 Ноемвриска награда на Градот Скопје за улогата на Исидор Солунски во претставата „Еригон“од Јордан Плевнеш
Зар Филип на Херонеја се тепал против своите?!
“Уште од големите професори кои ги имав на Академијата научив дека сцената е Храм, публиката е светост и дека само почитувајќи ги храмот и светоста, можеме да успееме во обидот да ја видиме светлината. А тоа се постигнува само преку тотална посветеност на професијата. Се разбира, потребни се многу одрекувања и саможртви, пред се, во хедонистичка смисла… Но, убава е трансформацијата од осаменост, на која речиси и да се привикнуваме додека сме млади, за подоцна како што е многу природно и од Бога дадено, да формираме семејство… Двете работи за мене се свети. И јас, употребувајќи ја сета моја рационална и емоционална енергија, успевам во животот да ги спојам овие две навидум неспоиви работи – професионалното и приватното”, ја започнува својата сторија или поточно животопис актерот, уметникот, Петар Темелковски, добитник на наградата “11 Октомври” за 2011 година.
За тој долгорочен, макотрпен, но, пред се, убав пат Петар продолжува да раскажува: “Секој уметник кога подготвува едно дело се соочува со низа од пречки и одрекувања, вклучително и емоционалната нестабилност, односно нервозата, но откако ќе се направи тоа што треба, особено ако е тоа успешно, сите попатни проблеми исчезнуваат… и на крајот се присетуваме на една стара, но позната и убава фраза: “Сето тоа се само слатки маки…””.
Резимирајќи го тоа што и колку ова признание го чини, Петар Темелковски ќе подвлече: “Ова високо признание ме чинеше многу работа, посветеност и упорност. Ми е драго што моментот на верифицирање на сиот мој професионален труд и оваа највисока државна награда доаѓаат во моментот на одбележување на 70-годишнината од октомвриското востание и двете децении самостојна и независна Македонија. Во оваа награда се сплотени сите копнежи за слобода, убав живот, со посебен пиетет кон оние што ги дадоа своите животи за да можам и јас и сите ние слободно да твориме, а по некој од нас да биде и награден… Јас често знам да потенцирам дека сета крв дадена досега за слободата на Македонија е најголемата трансфузија што може да ги даде една држава. Затоа посебна почит кон сите знајни и незнајни јунаци, но и до преживеаните, без кои, нормално, не можевме да ја доизградиме државата.”.
Анализирајќи го актуелниот миг и “популарноста” на поимот антиквизација, Темелковски коментира: “Штета што толку убав и комплексен збор кога се употребува во простосмртен политички миг станува одбивен и тоа не по наша вина, бидејќи токму антиквизацијата ги одбележува нашите древни, антички, старозаветни библиски корени кои цел свет ги почитува. Навистина е среќа што само еден мал дел не ги смета за свои, ами ги подарува другому како непристоен подарок… Како потврда на тоа има и историски верифицирани факти – Филип Втори во битката кај Херонеја ги поразил Атињаните, алијас Грците. Зар во таа битка во која победил Филип се тепал против својот народ?! Џорџ Елис во својот научен труд “Филип Втори и македонскиот империјализам” стави до знаење дека на 4 век п.н.е. му е потребно македонско гледиште што конечно се радувам дека е прифатено. Се надевам дека Александар од плоштадот Македонија ќе не довразуми и сите заедно ќе ги почитуваме нашите корени за да можеме да уживаме во придобивките преку кои само со добар и хармоничен живот со сите наши соседи ќе одиме напред.”.
Следејќи го ваквиот став, го запрашавме Темелкоски колку може уметникот да остане имун или пак треба да е замешан во политиката. Петар на ова со подготвен одговор: “Уметникот и политиката не одат заедно. Во зависност од ова значи, Тој не смее да се инволвира во политиката, особено ако не е кадарен за тоа. Во зборовите актер, инженер, доктор, свештеник… лежи професија, а во зборот политичар лежи функција. Но, доколку уметникот може и смета дека треба да даде нешто за просперитет на државата, во даден момент и тоа како би требало сите свои професионални, етички и естетски ресурси да ги посвети на светската културна придобивка, се разбира, промовирајќи ја пред се својата култура и земја.”
Петар Темелковски не информираше и дека во моментот, по Филип Втори, го подготвува и “Јустинијан”, чија премиера се очекува на 11 мај в година, на денот на раѓањето на основоположникот на правото. “Зар не е прекрасно да работиш нешто за човек кој подарил праведност на историјата и светот, а притоа да се работи за наш човек”, додава Темелковски. И за крај тој остава еден аманет до сите сегашни и идни генерации: “Ако сакате да стасате до Македонија, тргнете по Сонцето; Ако сакате да ја видите Македонија, ставете го Сонцето во двете очи; Ако ја сакате Македонија од дното на сопствената душа, никогаш не испуштајте го Сонцето од око; Проврете го Сонцето низ иглени уши и со него закрпете ги распарчените дела…”.
Борче ГРОЗДАНОВ