Жива македонска слика

Табиет, ифтирија, страст, мајтап, потреба, желба, сродност, род и пород… Некогаш и сега, некаде и тука, за некого и за себе, за нас… Хуморот е хумор, жестоката мрачна тајна – илуминација, живоста и едноставноста се филозофија… Тоа е успешната театарска приказна “Крпен живот#…

Интересни слики на архаично традиционалната (не)избледена слика на Македонија… Табиет, ифтирија, страст, мајтап, потреба, желба, сродност, род и пород… Некогаш и сега, некаде и тука, за некого и за себе, за нас… Така тече приказната наречена “Крпен живот# работена по Стале Попов, а сработена низ раката, режисерска, се разбира, на Владо Цветановски и неизбежните фактори на приказната наречена Театар – актерите… на отворено, здушно, автентично во Мариово, за кое творел и со кое живеел и во кое останал со мислите Стале Попов… Хуморот е хумор, жестоката мрачна тајна – илуминација, живоста и едноставноста се филозофија… Таа и таква поента исколажирана уште и со блиц искарикирани карактери (табиети) ја чини оваа претстава на НТ “Војдан Чернодрински# од Прилеп успешна, и примамлива за гледање, дури и по извесната сценска адаптација.

Редуцираниот вербален дискурс за сметка на живата динамична игра е дело на Блаже Миневски, чија е адаптацијата… Успешно завршена работа зачинета со Наратор, алијас самиот автор, кој е столбот околу кој гравитираат Мариовци и нивниот уметнички марифет или поточно (по идејата на Цветановски) манифест, изграден врз Крушевскиот, се разбира…

Сето тоа како сублиматна слика стои, го бива и ќе го биде, меѓутоа останува интересната “забуна# – дали со нарацијата не се развлекува темпото или живоста што ова театарско дело би го чинело уште поуспешно…

А сликите со својата енергичност и вклопеност во амбиенталната историска елементарност ја сочинија одличните млади актери Зоран Иваноски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска Илијески, Даниела Стојковска, Катерина Чакмакоска, Јасмина Мицоска Станкоска, Александар Степанулевски, Никола Настоски “придр(у)жувани# од поискунииот Игор Трпчевски и се разбира најискусниот, а на некои од нив и професор Кирил Ристовски… Тие беа се што е народот, ја градеа и разградуваа сопствената слика во малку поинаков светоглед  за да заскужат едно искрено БРАВО!

Како авнтентичен склоп на нешата без никаква подвоеност се вклопија (доизградија) и сценографијата на Владо Ѓоревски Рафик автентичната костимографија (најверојатно по избор и идеја на режисерот) и музиката на Оливер Јосифовски.