Ведра Женидба со многу комичен нерв

Принудната “Женидба# која носи низа од сплетки и расплети, отворени прашања и заплети, а притоа речиси константно засмејува и разведрува е на “тапет# на сцената во Карпош, односно на репертоарот на Театар Комедија. Оваа најнова, трета постановка донесе современа ведрина и дух, иако се работи за класичното дело “Женидба# од Н.В.Гогољ, кој со самото тоа што се поставува до денес е безвремено. Тоа го сфатил и разбрал режисерот Пројковски, па затоа не задирајќи многу во одличниот текст со свои мизансценски решенија и водење на актерските индивидуални способности и можности со многу умешност и познавање на занаетскиот призвук на театарот ни донесе една претстава која бездруго ќе примамува публика, ќе биде гледана. Но за тоа да го оствари неминовниот фактор – актерот односно актерите донесоа своја позитивна енергија и знаење, кое и покрај младоста која ги краси добива предзнак на стамена професионалност. Ова се однесува пред се на Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски, кои како носители на најголемиот товар едниот како “младоженецот#, а другиот како подводаџијата уште еднаш го покажаа својот исклучителен комичен нерв. Во ова им се придружи и женскиот дел од “тимот#: Нина Деан, како бараната невеста, Зорица Стојановска, како феноменалната стројничка и Кристина Ласовска која играјќи тетка навистина умешно ја “покри# својата младост. Неизбежен и функционален дел беше и “убиствената# тројка баратели на раката на младата невеста алијас Нина Деан, составена од Роберт Ристов, Едмонд Сотир и Игор Георгиев кои своите индвидиуални позиции ги “жртвуваа# за комплетирањето на сликата на една интересна и разиграна комедија. Ако на тоа се придодадат и интересно искреираните епизоди на Анкица Бенинова и Теоман Максут, добиваме целосно заокружена постановка, која ги остварува барањата на публиката и целта на комедијата, да насмее, разведри и ги почувствува благодетите од тоа, односно ведрите коментари, кои за волја на вистината покрај речиси 15-минутниот аплауз на претпремиерата ги имаше во изобилство.

Комплетниот дизајн е заслуга уште и на Владо Ѓоревски Рафик (сценографија) и Благој Мицевски (костимографија) и Горан Трајковски (музика).

Но, се разбира ако може да се говори за некој недостаток тогаш може да се каже само дека единствената “кочница# е динамиката на претставата, односно времетраењето, кое наместо нешто повеќе од 2 часа би можело да се “скрати# на околу стотина минути, со што комичниот нерв би можел уште подрастично и директно да допре до публиката. Но во секој случај делото на Гогољ, режисерот Пројковски и младиот тим од “Женидба# е за почит и препорака за сите оние театарски сладокусци кои ја преферираат комедијата.