Каде започнува животот, кога завршува смртта, се руши ли империјата само во нашите глави, се сонува ли сонот само во лудилото и дали посегнувањето по себе е чин на (само )покајание или пак расчистување со светот околу себе? Во сите овие дилеми патем нема место за љубовта бидејќи има многу Смрт… Безброј душевни прекршувања морални дилеми без етика, осамени, фрустрирани, но горди личности кои го играат својот бескрај, но на патот ограничен и мал. Ова е сосема краткото сиже на една комплексна и сублиматна театарска претстава, а произведена од перото на големиот Ф.М. Достоевски, а драматуршки срочена од исто така големиот, Албер Ками… се разбира, зачинета со режисерската палка на Златко Славенски, кој е познат по режисерските ракописи кои траат долго, овојпат во МНТ.
Но, за разлика од неколкуте обиди на Славенски кои траеја овој должи со причина, иако, можеби со скратување на некои мизансценски решенија би можела и да се скуси а драмата и понатаму да тече… Но, тоа не значи дека ова е лоша постановка. Напротив, освен во сосема мали амплитди, ова е театарски продукт кој го држи вниманието и кој е навистина за трпеливите, секогаш подготвени за уживање, театарски сладокусци!
Нормално овој позитивен впечаток не е ништо без актерите а нив во случајов ги има 13, кои помалку или повеќе се на нивото на својот професионализам. Се разбира, големиот терет го носи Ѓорѓи Јолевски преку неговиот Ставрогин, уште еднаш докажувајќи ги своите фантастични перформанси пред се во психолошките прекршувања или поточно трансформации на ликот… Верен придружник, во актерска смисла има во Владо Јовановски и неговиот Верховенски. Тој иронизираноста на ликот и неговата едноставност до деструкција ги носи речиси без грешка, одличен впечаток остави и Сашка Димитровска преку нејзината Даша, која тивко ја внесува љубовта и исто така тивко заминува и е единствената која можби го дофаќа бескрајот… Тука е Арна Шијак која лудилото и сонот заедно со физичкиот недостаток на нејзината Марија Лебјадкина ја доловува исто така речиси до перфекција и до крај по замислата и сублиматот на нејзиниот лик; Борче Начев е доста убедлив и верен на неговиот Шатов кој слободата и љубовта успева да ги разграничи па макар и со смрт… Успешен крај става и Владимир Ендровски Љац на неговиот Кирилов, исполнувајќи му го сонот за самоубиство… Интересен и покрај сета злина и деструкција но сепак човечки лик носи Славиша Кајевски како Сеѓка. Интересно трио на ликови создаваат Александар Ѓуровски со своето искуство како и младите Мирослав Петковиќ и Ненад Митевски како Шигалев, Липутин и Виргински. Интересна “епизода# е онаа на Александар Микиќ како Гаганов како надополна на лепезата на мајсторски извајаните психолошки карактери кој го носи ова дело – пиеса – претстава.
Е сега за нешто помалку успешните креации пред се на младата Драгана Костадиновска која ниту вербално ниту физички не ја оцртува до крај Лиза Дроздова, преизгестикулираниот лик на Петар Верховенски од Емил Рубен кој како недоволно да го користи своето богато искуство за да заокружи еден осамен, а сепак вљубен и добар човек… Истото важи и за Катина Иванова како Варвара Ставрогина која недоволно ја дава душевната боја на својата душа и сопствената внатрешна борба…
Заокружената слика ја даваат сценографијата на Владимир Георгиевски, која е ненаметлива, но присутна, веристичките костими на Елена Дончева и изборот на музиката на режисерот Славенски.
Се на се ова е претстава која остава печат на сериозност во работата на МНТ.