
Трагите на нечовештината и флеките од неа се тие што остануваат за навек низ вековите на постојбината, низ постојбината на човекот, независно од тоа дали тој го носи епитетот Питач или Крал…
Вечната бездна на која нечовештината и кумува се вика желба за власт, се вика крвави раце и душа, а не се брише со ништо…
Така и Магбет, оној на Шекспир од пред пет-шест века, па и оној кој го видовме на сцената на НУЦК “Григор Прличев” од Охрид не си замина без да остави горчина, но и ефект дека патот на злото се уште врви…
Овој малку подолг вовед е всушност сублимат на интенцијата на режисерката Диана Добрева, гостинка од Бугарија, да ни покаже дека за да се прикаже Шекспир на сцена со сите овие “зли атрибути” е потребно само малку имагинација, силна светлина, но и сценографија од ковчези, а сето тоа да не потсети дека Смртта за жал не е само продолжение на животот.
Тоа пак, низ игра ни го покажа извонредниот Музбајдин Ќамили Мучи кој својот Магбет го тетеравеше од желбата за власт, преку доминација на суетата, онаа кралската, па се до стравот и сомнежот, кои неминовно резултираат со смрт. Неговата друшка лејди Магбет алијас Теута Ајдини Егини, многу верно, пластично и актерски умешно, газеше со страста за на крај само преку јамката со извонредна пластика на говор и тело се обиде да ја избрише крвавата дамка…
И останатиот женски дел од екипата вообличени преку лејди Макдаф – Дрита Кабакарага која стамено и со гордост го изнесе својот лик, па преку веШтерките сеништа преку Амерник Нокшиќи-Јовановска, Зарије Јонузи и Мирлинда Саити го заокружија печатот од актерки извонредно вклопени во приказната Магбет…
Што се однесува до (не)верната дружина на Магбет или Мучи, своето живо уметничко дело речиси и беспрекорно го оставија и доајенот Веби Ќерими како кралот Данкан, кој само со својата појава го вгради својот жив дел во претставата, Хисник Зекири (Банко), Генци Мирзо (Макдаф)… и уште десетмина од нив ја создадоа енергетската аура во приказната за кралот за кој во Театарот неретко и не се говори…
За да биде докрај заокружена приказната од стотина минути, а ефектот да изгледа како петчасовен спектакл заслужна е бездруго и Петиа Диманова со музичката знаковност која асоцираше до болка како и дополната на режисерската рака која врз сценографијата и костимографијата ја остави Добрева, а ова второто во соработка со Инес Гоља.
Премиерата на Магбет на албанскиот театар-Скопје е бездруго театарски продукт кој вреди да се погледне пред се бидејќи комуницира со “сјајната ни” денешница…