ТЕАТАР

Да се живее пијан за да се преживее трезноста или, пак, да се остане трезен и да се скита низ животот во константно пијанство, е дилемата која ги мачи и оние кои барем еднаш посегнале по чашката алкохол но напати и оние “крвави” противници на тоа зло…
Таа тема за дилема провејува, односно како тајфун не носи низ приказната на сценскиот работник-актерот Игор Трпче во претставата “Делириум тременс” од Благоја Ристески-Платнар. Трпче со многу умешност, идеја и енергија го оживува ова прво дело на овој (како што подоцна ќе се покаже многу плоден автор), играјќи го Брехтовскиот дел од животот-сцена…без нималку поштеда инволвирајќи го сето свое актерско битие на сцена-театар-живот…
И во тој живот Трпче е еден “обичен” смртник, алкохолен зависник, кој преку “случајно” убиство ни раскажува приказна за жена му која го тепа и од која се ослободува паѓајќи од дрво и кршејќи и го ‘рбетот, но дали е тоа така ?!
Бидејќи во театарот, а неретко и во животот се е фикција, имаме пресврт во кој жена му е распарана од папокот до грло, во кој намерно и свесно се убива, во кој прекрасната балерина е само попатна халуцинација од Делириум тременсот…
Таа жестока приказна и пресвртот треба да се знае и умее да се одигра…
Токму тоа е врвот на актерското умеење и знаење на Игор Трпче, да се трансформира од лузер кој преку минималистички потези, но и животински крик, се трансформира во Ѕвер успевајќи да не убеди дека тој не е тој, дека е невин, дека се што му се случува е само плод на извитоперен ум. Таквиот ум Трпче го изигра со фантастичен актерски нерв. Но тој не беше сам. Иако во случајов се работи за монодрама, тој со себе си носеше придружници-бенд кој пак другаруваше со Том Вејтс и Боб Дилан, па така Димитар Ѓорѓиевски, Менде Костоски и Христијан Конески ја заокружија сликата на помраченоста на умот и животот.
Но, интересно е тоа што сето тоа беше разбиено со многу луцидност, хумор и интеракција со публиката во новиот театар во Гевгелија, држејќи не “будни” до крај…
Гледајќи го “Делириум трерменс” и Трпче со другарите, уште еднаш ни се потврди дека за театар не треба премногу, потребни се само посветеност, воља, енергија и умеење. Во таа смисла, а и за сето она што го видовме во оваа претстава -Браво!