Со Патникот стигнавме до изборната лудница
Струмичкиот театар, односно НУЦК “Антон Панов” од градот под Царевите кули и овојпат докажа дека е дел од светската театарска мапа, одбележувајќи го Светскиот ден на театрот.
Во популарниот “културен дом”, Денот-празник го одбележаа два настана – промоцијата на книгата “Патникот” од нашиот колега Борче Грозданов -Пандур, и централниот, постановката на “Народен пратеник” од Нушиќ во режија на гостин од Бугарија Владлен Александров.
Патешествието наречено “Патникот” по скопската промоција продолжи и во градот каде двајцата јунаци од книгата, Паки и Шики го поминуваа поголемиот дел од својата дружба. Дел од нивните “сплетки и интриги” овојпат беше оживеан од актерите Ангелина Тренчева и Ванчо Мелев, како и од промоторот Ацо Гогов и авторот Грозданов.
Пиесата “Народен пратеник” не смести во лудница, овојпат изборна, денешна, сегашна актуелна… Оваа претстава уште еднаш докажа дека театарот иако понекогаш искривено, е и тоа како точно општествено огледало… Дека лудоста на актерот знае да биде безгранична ни докажаа актерите од речиси целиот ансамбл на НТ “Антон Панов” кои лудилото, сарказмот гротеската, но и чистиот комичен нерв и го понудија на публиката, ставајќи не и нас консументите во таа искревена но точна слика на она што се вели “општествено живеење”…
Затоа секоја чест на четата предводена од Кољо Черкезов (Јеврем), Јасмина Вучкова (Таска), Анкица Бенинова (Даница), Ванчо Василев (Ивковиќ), Коста Ангов (Докторот), Ангелина Тренчева (Сестрата)… и останатите, кои ја заокружија убавата ведра, но и “замислителна” слика на она што навистина ни се случува.
Кога се ќе се собере и одземе, завчеравечер во Струмица присуствувавме на една убаво заокружена театарска приказна.