Кон премиерата на претставата на Албанскиот театар – „ Сите мои синови“, од Артур Милер, во режија на Димитар Еленов од Бугарија.
Не функционира носечката идеја на претставата, да се одигра распадот на семејството – општеството, низ гротескно- фантазмагиричен стил зашто актерите само делумно го усвоиле . Или не го практикуваат често или едноставно не им е близок .
Новата сезона, Албанскиот театар од Скопје ја започна со премиерата на претставата „ Сите мои синови “, по текст на истакнатиот американски драмски автор, есеист и добитник на Пулицеровата награда за драма, од првата половина на минатиот -20 век, Артур Милер. Текстот од 1947, веќе екранизиран следната година, во режија на Ирвинг Раис, е драмско дело со кое Милер се етаблирал, постигнувајќи голем успех и ја добил својата прва награда Томи. Втората награда Томи и Пулицеровата, се за текстот„ Смртта на трговскиот патник “ од 1948 година. Нејсе, драмата „ Сите мои синови“ , која го претставува Милер како сведок на времето, кој црпел инспирација од вистински настани во Втората светска војна, е семејна приказна за угледното семејство Келер кое страда од кошмарот, во кој ги втурнал криминалниот ум на главата на семејството, сопругот и татко, Џо Келер. Тој со неговиот партнер од работа , кој завршил во затвор, а е татко на вереницата на синот на Џо- Крис , на американската авијација и продавале дефектни делови за леталата, предизвикувајќи 21 несреќен епилог со смрт на млади пилоти. Алчноста за материјални добра и отсуство на совест и морал, Џо скапо ги плаќа зашто Лари, едниот од двата негови синови исчезнал во војната како пилот, другиот, Крис, не го признава за родител, а сопругата Кети преживува душевен лом. Комплексноста на карактерите се огледа во слоевитоста на конфликите со кои се соочуваат на личен и на јавен план, распнати меѓу одговорноста, вината и надешта. Накусо, тема од минатото во која лесно ја препознаваме актуелната стварност, во што се огледа универзајлната вредност на делото на Милер
Од овој материјал, режисер Димитар Еленов се обидел да направи трагикомедија, градејќи концепт врз обработениот текст на Милер од страна на Илир Ајдини , во кој трите чина се изведуваат во едно, со нагласок на немирната совест на Џо, на почетокот и на неговото самоубиство, на крајот од претставата. Изведбата е подредена на спојот на театар и филм на сцената, со што се приближува сегашноста, но и минатото на ликовите, нивните внатрешни светови и сеќавања . За таа цел беше задолжен Иван Динев од Бугарија , кој го направи изборот на музиката и видеото, на кое се проектираат брзи и кратки секвенци од животите на ликовите. Дејствието се одвива во куќата на Келерови , поставена како главна сценографска кулиса , но генерирана низ анимациите на Николај Колев од Бугарија. Зад нејзината бајковита убавина се крие грдиот и неподнослив живот што го води семејството на бизнисменот Келер. Функционира и идејата, односите меѓу ликовите да се доловат низ алегорија , за што актерите низ играта делуваат како диви животни што се јадат меѓу себе. Но, не функционира носечката замисла на претставата, да се одигра распадот на семејството – општеството, низ гротескно- фантазмагоричен стил, зашто актерите само делумно го усвоиле. Или не го практикуваат често тој стил или едноставно не им е близок. Тоа се виде од употребата на гегови и механички повторливи движења , кои под ударите на одговорноста, да се предаде текстот и дејствието што попрецизно, замираат во реалистична игра, со што се губи атмосферата на која инсистира режисерскиот концепт, паѓа динамиката , а изведбата преминува воздодевна, класична, драмска претстава . Па дури и кога се трудат да бидат на висината на задачата, кај актерите се забележува неприродност во пренесувањето на бурлескно- гротескниот манир на игра. Тоа важи безмалку за сите што играат поважни улоги . Од Сефедин Нуредини кој е столб на дејствието во ликот на Џо Келер и се покажа уверлив, но само за класичната драмска игра со текст, преку Адем Карага кој го игра синот КрисКелер, до неговата заводлива, но површна вереница Ени Дивер, што ја толкува Мирлинда Саити. Во спојот на драмскиот со физичкиот израз, за што беше ангажурана како кореограф Лора Пехливанова од Бугарија, подобро се снајдоа помладите актери Фисник Зекири , во ликот на братот на Ени, Џорџ Дивер и Хамди Рашити, во улогата на Доктор Џим Бејлис. Но најдобра беше
Теута Ајдини Јегени, која во толкувањето на Кети Келер отиде најдалеку , полнокрвно прикажувајќи повредена и исплашена жена која бега во спомените од минатото, прецизно придржувајќи се до стилските белези и барања на режисерскиот концепт на Еленов. Кон наизглед безгрижниот живот на семејството, партиципираше костимографот Мирослава Шопова. Таа сите ги облече во костими кои потсетуваат на едно поодминато , среќно иромантично време по Втората светска војна. Играта со светлото за кое беа задолжени Идавер Џемаили и Ахмет Чајани , исто така беше проблематична зашто се користеа пренагласени тонови на топли бои, особено на црвената. Таа колку да беше потребна во знаковна смисла, да ги долови крвавите злодела на Џо Келер, но и љубовта меѓу Крис и Ени, создаваше тешка кич атмосфера. Непотребни беа и проекциите врз единствениот сценографски елемент на сцената кој асоцираше на срушен авион или дрво (на животот), по кој актерите се качуваа, седеа, стоеја или играа. Ако на ова се додаде и проблемот со титлуваниот превод, кој 40 минути по почетокот на премиеранаизведба на „ Сите мои синови“ на сцената на Театарот Комедија, едноставно исчезна и не се појави до крајот, останува впечатокот дека постановката на големото дело на Артур Милер во режија на Димитар Еленов беше преамбициозен потфат за ансамблот на Албанскиот театар. Видовме само добра идеја и половична реализација од неа.
Сотир Трајков