
Темата на завчерашната премиера на претставата “Кристофер Колумбо” што во Драмскиот театар, како дел од програмата на Скопско лето, ја режираше еминентниот Љубиша Георгивески, е робувањето на сонот како “колатерална штета” на алчноста и глупоста…
Глупоста во оваа тема и дилема авторски претставена од неповторливото перо на Мирослав Крлежа, не исправа пред денешницата дали светот, а во него и алчноста се поставени праволиниски или во тангента како што размислува и нашиот жив а мртов херој пред се поради својата желба да ги допре ѕвездите…
Поморот на единката за сметка на колективната алчност, поводливост и глупост го видовме срочено во едночасовно театарско уживање…
Херојот кој умира беше Рубенс Муратовски кој нарушениот ум и здравје и неостварениот допир со ѕвездите го изигра впечатливо онака како по својот физикус актерот треба да се предаде на сцената и театарскиот сон, а неговиот опозит непознатиот или Роберт Вељановски, ја конкретизираше сета перфидност на злото со до перфекција изнесен израз на (не)човек кому деструкцијата му е основа и постултна задача.
Превртливиот вице адмирал алијас АлександарСтепанулески неодоливо потсетуваше на мнозината Фаусти кои џаволот го прифаќаат и тоа во една од неговите најгрди варијанти-предавството…
Четвртиот сведок на неможноста да се допрат ѕвездите беше пријателот на Колумбо или Димитрија Доксески кој пак, својот доказ за верност ја стопи во алкохол, тоа актерот го пренесе верно и суптилно…
Момците морнари кои беа зрели во играта помеѓу животот и Танатосот и чија желба е враќањето дома, но со замислена слава и богатство, беа мошне интересните и вредни актери-студенти од ЕСРА и ФДУ чија физичка сила беше извонредно пласично канализирана и од режисерскиот ракопис на Георгиевска, но и од прецизната кореографска рака на Кренаре Невзати-Кери.
Докажаниот режисерски раскош пред се со филозофска конотација на Љубиша Георгиевски уште еднаш не потсети дека ова што ни се случува е едно жално и болно секојдневие без разлика дали дејствува и оди по море копно, воздух или се игра со огин… Тоа е цената, како што ќе запише тој, бидејќи “светот е организиран хаос…”
Комплетната слика ја заокружија дизајнерскиот сценски и костимографски сенс на Мери Георгиевска и фрагментарната пловидба на музичкиот ракопис на Венко Серафимовски. (Б.Г.)