Сите не сме наши!


Секоја приказна има свој почеток, развој и крај, само онаа малограѓанската селанско-умствената (без навреда на селаните како граѓани) е испреплетена до лудило доведена преку гротескност раскажана, за да не задуми и зауши дали во секој од нас се стутулил оној другиот човечулец злобен, завидлив, кодошки настроен… Ако се потпреме на овој сублимат во сагата за малиот и обичен човек -чиновник тогаш Н.В. Гогољ и неговиот “Ревизор” се и тоа како денешни и актуелни. Сите атрибути на претходно опишаната комплексна едноставност, ако се зачинат со секогаш присутната глупост тогаш добиваме комедија, во која предничат актерите-ликови и од пиесата но и на сцената на НТ Куманово, при НУЦК “Трајко Прокопиев”, имајќи една инспиративна екипа, која цели дваипол часа речиси безусловно и беспрекорно си ја исполни задачата – успеа да не насмее!
Примарната врска која не држеше на патот на комичното, ја имаше одличниот Горан Илиќ, како Антон Антонович или градоначалникот кој својата “функција” ја изврши тажно – гротескно , но и беспрекорно смешно… Како негов антипод се појави младиот и разигран Хлестаков на Мартин Манев, кој пак, енергично си поигруваше со глупоста, заедно со вечно гладниот негов слуга Осип – Горан Ников кој како свест и совест на својот господар и актерски и сценски го одржуваше примарното ниво на одлична интерпретација, притоа прикажувајќи завидна актерска снаодливост … Во ова дело кое е обременето со дилемата – Сите ли сме си наши?! на режисерот Адреј Цветановски, кој заедно со актерската екипа го вкомпонирал одговорот како “Сите не сме наши” предизвикувајќи не во ниеден случај Гогољ да не го оставаме во историјата, бидејќи тоа би можело да ни се разбие од малограѓанската ни глава.
Во овој контекст четворната лепеза составена од Хлопов, алијас Мартин Лазаревски, Лјапкин Тјапкин-или Мирослав Петковиќ, Землјаника-на Марко Трајковиќ и Шпекин со Владо Дојчиновски го заокружува или доцртува гротескниот контекст на граѓанскиот селскоумен водич преку разните управителства, се разбира секој од нив индивидуално, актерски како дел од претставата остава завиден печат, придружувајќи им се на Бопчински и Допчински кој по системот “Две во едно” се надополнуваат пред се со младешката полетна енергија но и евидентната сценскла досетливост, својствена на веќе искусни комичари, иако се работи за младите актери НиколаНаковски (Бопчински) и Милош Стојковиќ (Допчински)… Двете дами пак пленеа, едната со своето искуство Кети Дончевска-Илиќ како Ана Андреевна, жена на градоначалникот, а другата со својата младешка досетливост, иако ја играше Марија Антоновна, завидно ограничената и наивна ќерка на Ана и Антон…
Идејата на режисерот и енергичната игра на целиот присутен ансамбл на Ревизор, одлино се надополни со мобилната сценографија на Сергеј Светозарев, полна со прецизна знаковност на што се надоврзаа и костимите на Александар Рашковиќ како и музичките ефекти-композицијата на Димитар Андоновски.
За крај, по она што го виде потписникот на овие редови по препорака ви останува да одите на “Ревизор” на убава, отворена дво И полчасовна забава!
(Б.Г)