Петре Прличко 1907 – 1995 година

 

 

 

На ден, 13 март 1907 година во Велес е роден Петре Прличко, доајен и еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер…

petre_4

Петре Прличко (Велес, 13 март 1907Скопје, 16 ноември 1995) — истакнат македонски глумец во повеќе филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Сам по себе претставува вистинска легенда и завзема голем удел во македонското глумиште во XX век.

И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.

ed407f2a6561b94c9877f7f83706b1de

Од 1939 г. членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 г. во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.

Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши актери.

petre_5

Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров) и други.

Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.

misston

Од неодамна востановена е награда за животно дело „Петре Прличко“ која се доделува на актер од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда.

Во 2004 година Јелена Лужина објавила монографија за Петре Прличко, во издание на „Магор“.

petreprlicko

Награди

  • 1959 Пула — „Златна арена“ за главна машка улога во филмот „Мис Стон“
  • 1991 Ниш — награда „Славица“ за животно дело.

32285

Филмографија

Година Филм Улога Белешка
1949 Мајка Катина Ловет
1952 Фросина Кузман (главна улога)
1955 Волчја ноќ Паун(главна улога)
1958 Мис Стон Мандана
1959 Виза на злото Кузман (главна улога)
1960 Капетанот Леши Сок (споредна улога)
1961 Мирно лето Стрико Тале(главна улога)
1961 Парче плаво небо Дедо Филип
1961 Солунските атентатори Никола Попов(главна улога)
1961 Твојот роденден Домарот(главна улога)
1962 Пресметка
1964 Народен пратеник Јеврем Прокиќ
1964 Марш на Дрину Трајко
1965 Не се враќај по истиот пат Кирил
1965 Денови на искушение Фезлиев (главна улога)
1966 До победата и по неа
1967 Каде по дождот  ?(споредна улога)
1967 Македонска крвава свадба Мојсо(главна улога)
1967 Мементо Коле(главна улога)
1968 Планината на гневот Моне(главна улога)
1968 Братот на доктор Хомер Лекарот
1969 Републиката во пламен Дојчин(главна улога)
1971 Жед Дедото(споредна улога)
1971 Македонски дел од пеколот Лоце(главна улога)
1974 Капетанот Микула Мали Дида
1974 Ужичка Република Пекарот
1978 Златни години Берберот
1978 Курирот на Гоце
1980 Време, води Ламбе Футак(главна улога)
1982 Илинден
1987 Ѕвездите на 42-та Дедото
1988 Тврдокорни
1990 До, ре, ми
1993 Бог да ги убие шпионите
1999 Време, живот

hqdefault-3

Прличко припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци. Сиот богат творечки живот го вгради во драмското творештво.

До крајот на животот живееше од и со македонското театарско, филмско, радиодрамско и телевизиско творештво, оставајќи зад себе многубројни главни улоги.

pp

Умре во Скопје, на 16 ноември 1995 година.

100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ПЕТРЕ ПРЛИЧКО


Одбележувањето на 100 години од раѓањето на Петре Прличко, легендата на македонскиот театар, започнува денес во Велес, родниот град на актерот. По повод 100 годишнината од раѓањето, 2007 во Македонија е прогласена за Година на актерот Петре Прличко.

По овој повод, во Паркот на културата во центарот на Велес, непосредно до локацијата на која ќе се гради новиот објект на Народниот театар, ќе биде откриена спомен биста на овој корифеј на македонското и балканското глумиште.

Бистата е дело на академик Томе Серафимовски, а по нејзиното откривање е закажана и свеченост посветена на Петре Прличко во Општината на град Велес, на која ќе говорат градоначалникот Аце Коцевски, театарологот др Јелена Лужина и Илинденка Петрушевска, филмски критичар.

Годинава со повеќе манифестации ќе се одбележува еден век од раѓањето на Петре Прличко. Во рамките на тоа во петок во Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерата на „Сомнително лице“ од Нушиќ, во која Петре Прличко ја одигра својата најистакната улога – Јеротије Пантиќ.

На 13 март се навршуваат 100 години од раѓањето на легендата на македонското глумиште Петре Прличко (13 март 1907 Велес-16 ноември 1995 Скопје).

По повод 100 годишнината од раѓањето 2007. во Македонија е прогласена за Година на актерот Петре Прличко. Во фоајето на Македонскиот народен театар во Скопје, во кој Прличко помина најголем дел од својот творечки ангажман, на 17 март исто ќе биде откриена биста на Прличко. И таа е дело и донација на академик Томе Серафимовски.

Истиот ден е закажана премиерата на Нушиќевото „Сомнително лице“ во режија на Синиша Ефтимов. Ликот на Јеротие Пантиќ во оваа претстава Прличко го играше полни 43 години. Тоа е една од неговите незаборавни креации со кои влезе во легендата.

Петре Прличко, последниот балкански скомрах, го напушти родниот Велес на 15/16 годишна возраст и тргна во својата театарска авантура – долга речиси 67 години континуиран актерски стаж: најнапред како патувачки актер, па актер и сопствениот на Патувачкиот театар „Боем“, а од 1945 година е член (едно време и директор) на Македонскиот народен театар; режираше и играше во разни трупи и професионални театри во Македонија и на сцените на некогашна Југославија.

Со својата голема професионална и лична кондиција и непресушен „елан витал“, како комбинација на ентузијазам, хедонизам и талент, боемот, фантаст и идеалист Прличко, оствари незаборавни остварувања во театарот, на филмот, телевизијата, радиото…

Прличко одигра педесетина ролји во патувачките театри; петнаесеттина (можеби и дваесет) на професионалната скопска сцена помеѓу 1940 и 1944; речиси осумдесет на сцената на МНТ; триесеттина филмски ликови меѓу кои е и легендарниот Мандана во филмот „Мис Стон“; приближно дваесеттина ликови во телевизиски драмски емисии и играни серии за возрасни и деца; автор е на драмски текстови, драматизации и адаптации, работеше и како режисер…

Со оние од неговиот патувачки период или агитпроповските во и по Втората светска војна, бројот на одиграните ликови на Прличко се заокружува на околу 250 кои се репризирани во приближно 8.000 поединечни претстави. Добитник е на најразлични награди и признанија.

Низ неповторливиот професионален животен пат, остварувајќи една од најимпресивните кариери и во историјата на македонскиот и европскиот театар, Петре Прличко беше и останува добриот дух на македонскиот театар и култура чие грандиозно актерско/театарско наследство театролошката наука денес го вреднува како културно богатство од највисок ранг.

ПРЛИЧКО ВО БЕЗВРЕМЕТО

„Да си ми живо и здраво детуле…“ Не верувам дека има некој што не се сеќава на почетокот од милозвучниот благослов на Манданата од Мис Стон, со кој во свет пркнува ново чедо, поттикнато и поздравено од песната на славејот, која тече од устата на стариот комита… Токму овој момент го чини незаборавен овој легендарен лик кој го (пре)создава единствениот, најголемиот – Петре Прличко! Тој го сака и негува актерот во себе во театарот, филмот, операта, на медиумите, создавајќи од својот живот метафизика, заради која уметноста е уметност, актерот – уметникот е создаден да твори, да премине преку времето, да остане во безвреме… Тоа маркантниот чичко Перица го достигна. А, започна како штотуку пркнато детуле – момчак. На 16 години го напушта родниот Којник во Велес и од неговиот макадам, преку театарот на Михајло Лазиќ, тргнува во светот на смеата и солзите, песната и плачот. Научил се, од корен – играл по улиците, дворовите, кафеаните, импровизираните сцени, неретко и гнилите штици… Најнапред во Србија…Но, токму тие и такви штици и буквално живот му значеле. Враќајќи се дома, македонската врвица ја започнува со Аркадиј во „Платон Кречет“, првата пиеса одиграна на македонски јазик, со што свесно се вградува во темелите на македонкиот театар… Оттогаш па се до 1991 година, тој игра, оставајќи на сцената и надвор од неа ѕвездена трага… Никој не ќе го заборави ниту легендарниот Јеротие Пантиќ, кој опстојува полни 43 години (262 изведби). Тука е и Арсо во „Чорбаџи Теодос“ (346), Митке во „Коштана“ (203)… И навистина многу други.

Зад себе остава 55 професионални режисерски ракописи, една оперска режија – „Гоце“ (1954 – МНТ), шест куси драмолетки – едночинки, 11 драматизации, 17 режии на куклени претстави… Триесет и два филмски лика… Бројки! Но, бројки кои говорат за еден постамент во театарот, за еден столб кој, и да сакаш, не можеш да го одминеш, токму поради тоа што последната премиера ја доживува на 82 години – го игра Убав во претставата „На сечило“ (текст Бранко Варошлија, режија Душан Наумовски на сцената на „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ во Велес). Интересно заокружен, креативен пат, зар не?!

Наградите се бројни добиени низ целата територија на некогашна СФРЈ – филмски, театарски, животни… Во 1977 година е најполуларно ТВ лице на „Вечер“… Не само печатот и колегите, ами и оние поради кои Петре Прличко создаваше – гледачите, го имаа за свој, преку сцената, платното, ТВ екраните, „во живо“…

И токму затоа, по еден век од неговото раѓање, деновиве, весниците (медиумите) се полни со неговиот „лик и дело“. МНТ му се оддолжува со биста и ново „Сомнително лице“, а Јеротие го игра неговиот наследник… Но, дали е тоа доволно, дали е се направено, дали е се речено… Останува да се помислиме, оти: зборот е збор, мислата – мисла, сеќавањето – сеќавање, а легендата е легенда. Прличко е токму тоа.

Игор за Петре…
Има еден факт за дедо ми кој не верувам дека некој од помладите, па и многу возрасни не го знаат: во 1939 година во Српското народно позориште во Скопје, Петре Прличко бил примен во редовен работен однос токму од Бранислав Нушиќ, тогашен директор на овој театар.
Што се однесува до тоа како дедо ми го одигра Јеротие можам да кажам дека тој беше „марсовец“ во однос на тоа како го правеше сето тоа…

СИНОТ НА ТАЛИЈА

Актерот Петре Прличко уште еднаш (по којзнае кој пат), завчеравечер во МНТ, таму каде што беше ги започнал чекорите по македонската театарска голгота, се потврди како безвремен. Повод беше откривањето на бистата поставена во центарот на фоајето на МНТ, пред која се поклонија многумина од театарската и уметничката фела.

„Имавме театар – Петре. Сите оние што имаат ваков театар (ова не е лапсус лингва) немаат потреба да стравуваат за неговата иднината. Тој не беше актер, режисер, драматург… Тој беше се што значи театар“, рече спикерот на Парламентот и режисер Љубиша Георгиевски, за својот колега и пријател, Петре Прличко, на момент пред да го овековечи и открие споменот на големиот чичко Перица.

Во едно, не така далечно, писание од 1965 година, Славко Јаневски, овој уметник, скомрах, актер и се што е театарот, ќе го овековечи како „посинок на божицата Талија… опашеста ѕвезда која патува, не гледа, свети, жарува, но е далеку од пеколот…“ Авторот на скулптурата, академик Томе Серафимовски само го „исправи“ Јаневски, потврдувајќи го Прличко како син на Талија.

Писанието актерски живо го пренесе Сенко Велинов, по што не покани на премиерата, во која во „центарот“ се најде актерскиот потомок на Прличко – Игор Џамбазов. Тој и неговите „сожители“ на сцената добија громогласни аплаузи на отворена сцена, на поклонот по премиерата на „Сомнително лице“ и не наполнија со позитивна енергија. Верувам дека овие аплаузи ги виде и почувствува и дедо Петре Прличко.

ЛУЛИЊАТА ОД ПЕТРЕ ПРЛИЧКО ВО МНТ!

Лулињата од Петре Прличко, прстенот кој не го вадел од рака се до смртта, познатите очила, бројните награди, слики и карикатури од великанот на македонското глумиште, личниот магнетофон и многу други предмети неговата сопруга Нада Прличкова ги подари на Македонскиот народен театар.

„Не знаев што да им правам на личните работи. Цела куќа е полна со негови работи. Некои ми велеа да ги продадам, но јас не сакам да продадам ништо негово“, рече вчера во МНТ се уште виталната сопруга на Прличко, кој го нарекува како сите негови блиски: Перица. Средбата беше по повод 100-тата изведба на втората поставка на претставата „Сомнително лице“. Во првата поставка на оваа претстава, која се играше од 1945 до 1980 година, Прличко го глумеше легендарниот Јеротие Пантиќ. Како што кажа и познавачот на делото на Прличко, професорката Јелена Лужина се работи за најизведуваната претстава во историјата на Македонскиот народен театар.

„Нашето театарско минато не е Лоренс Оливие, тоа е Петре, и со тоа треба да се гордееме“, рече Лужина за Прличко. Предметите на Петре засега ќе бидат поставени во холот на МНТ, каде стои и негова статуа.

Од МНТ вчера ја најавија и наградата АМФИ, која ја добива актерот со најмногу одиграни претстави за минатата сезона. Добитник е Гораст Цветковски, кој со 100 одиграни претстави го победил Сашко Коцев, кој играл 96 пати. Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ најави и дека ќе отворат детска театарска сцена, која ќе започне со премиера на „Самовилско јајце“, на трети април.

Потсетување за Перица:
– Избегал од дома на 16 години за да стане актер
– На 88 години старост се уште ги паметел ролјите наизуст
– Во „Сомнително лице“ играл фантастични 262 пати
– Десетина години работел како патувачки актер
– Не го извадил прстенот од рака од 1956 до смртта во 1995 година