Мите ГРОЗДАНОВ (1943 – 2018), актер

Роден е во Струмица, 1943 – 2018 во Скопје.

mi-g

Почетокот на една актерска кариера по правило е исполнет со соништа и мечти за успех; младоста го прави своето па човек мисли дека сиот свет е негов или би можел да биде. Ретко, тоа и успева. Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 год. Веднаш се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена се до пензионирањето во 2008 година. (Се разбира, тука не се смета една недела проведена во Струмичкиот театар каде што впрочем како аматер тој и ја почнува својата театарска дејност.) Случајот сакаше така што токму нему му се посреќи на самиот почеток да се вивне во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот саревски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Митрон. Помеѓу оваа претстава и Историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами, но и поетски збирки, приватниот театар Македонија, а на крајот секако не без значајно за неговата кариера и творечко кредо тука се подразбира и неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер. Мозаикот на неговите ангажмани уште подразбира и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација. Она што е особено важно Мите Грозданов секој ангажман, во било која форма на театарскиот израз да биде тој, секогаш го сметал за сопствено надградување и го користел за сопствено усовршување. Лично сметам дека токму затоа неговиот усет и префинетост во кажувањето на стихови (интерпретација) после десетина монодрами од кои речиси половината се во стихови, како да кулминира во неговата проштална претстава Историската хроника. За разлика од сите негови претходни остварувања тука она што го интерпретира веќе зрачи со искуство, со патина во неговиот лик, глас, движење. Пред нас се појавува стамен и зрел актер за кого речиси веќе нема тајни на сцената. Тој е суверен, но не и самоуверен, барем не докрај за да не го обземе рутината која знае да резултира во обратен ефект.

hqdefault-2

За монодрамата по стихови на Ацо Шопов Дрво на ридот тој станува добитник на Сребрената медалја на фестивалот на монодрама и пантомима во Земун. Неговата креативност и посебност доаѓа до израз и во Задржливиот подем на Артуро Уи од Брехт. Тоа е повторно насловна и волуминозна ролја и остварување кое го сврстува во самиот врв на македонското глумиште. Неизбежно е да се спомене и неговата инстант спремена ролја кога за само два дена ќе ја подготви и ќе брилјира во улогата на Луков во Црнила од Коле Чашуле, а реперна за неговата кариера се и ролјите остварени на сцената на Струмичкиот театар во драмската трилогија на М.Маџунков. Имено токму за улогата на Иљо М. во Сенката; за ова. Како и за улогата на Светозар во Карамазови тој два пати ја добива наградата за најдобро актерско остварување на МТФ В.Чернодрински во Прилеп. Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот односно ревијата Млад борец и Екран. Но, иако досега неколку пати е номиниран и предложен за наградите 13 Ноември и 11 Октомври останува само надежта дека тоа допрва ќе се случи, ако се има во предвид неговиот габаритен творечки опус кој несомнено го легитимира како сериозен драмски уметник кој несомнено има уште многу да каже и да придонесе, особено ако има можност да ги реализира ролјите за кои одамна сонува (Крал Лир, Алберт Ајнштајн, Чорбаџи Теодос)…

Покрај веќе наведените претстави во неговата селективна театрографија секако место ќе најдат и Јане Задрогаз, Болва в уво, Солунски патрдии, Рибарски караници, Мајка, Грдиот Нарцис, Војцек, Тигар, Подбивна среќо моја, Зојкиниот стан, Татко, Собирен центар, Самоубиец, Од првиот здив, Вазна од порцелан…

12193406_10153507557967013_238805815064942115_n

Поважни театарски улоги:

Главна улога – Партитурата за еден Мирон од Коле Чашуле, ДТС
Деметар – Скршената шапка од Мазилу, ДТС
Леоне – Мајка од Виткиевич, ДТС
Нарцис – Грдиот нарцис од Т. Арсовски
Војцек – Војцек од Бихнер, ДТС
Карлос Хоменидес – Болва во уво од Фејдо, ДТС
Божин Лебаро – Јане Задрогаз од Г. Стефановкси, ДТС
Чехов – Подбивна среќо моја од Маљугин, ДТС
Тигар – Тигар од Шизгал, ДТС
Светозар Митиќ – Карамазови од Д. Јовановиќ, ДТС
Гус – Зојкиниот стан од Булгаков, ДТС
Капетанот – Татко од Стринберг, ДТС
Михајло – Собирен центар од Д. Ковачевиќ, ДТС
Сејмон – Самоубиец од Ердман, ДТС
Годо – Од првиот здив од Д. Коцевски, ДТС

Други претстави од репертоарот на Драмски театар Скопје: Фоксфаер, Керубин 2096, Лице и опачина, Соновија, Балконот, Шегите на прасињата, Вазна од порцелан и други.

the-battle-of-sutjeska-sutjeska-32273

Филм и ТВ:

Македонски народни приказни, ТВ серија, 2000
Каца, р. Драган Вељановски, ТВ, 1999
Елелига Пепелига, р. Ѓорѓи Стојановски, ТВ серија, 1991
Опстанок, р. Миле Грозданоски, ТВ серија, 1990
Трст виа Скопје, р. Богдан Поп Ѓорчев, ТВ серија, 1987
Среќна нова `49, р. Столе Попов, 1986
Климент Охридски, р. Славољуб Стефановиќ – Равази, ТВ серија, 1986
Солунски патрдии, р. Коле Ангеловски, ТВ серија, 1985
Комедијанти, р. Душко Наумовски, ТВ серија, 1984
Сутјеска, р. Стипе Делиќ, 1973
Колнати сме Ирина, р. Коле Ангеловски, 1973
Смилевски конгрес, р. Душко Наумовски, ТВ филм, 1973
Истрел, р. Бранко Гапо, 1972
Црно семе, р. Кирил Ценевски, 1971
Републиката во пламен, р. Љубиша Георгиевски, 1969
Планината на гневот, р. Љубиша Георгиевски, 1968

sddefault

Награди:

1968 година „Златен Ловорев венец“ на Фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево (МЕСС) за насловната улога во претставата „Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле
Награда „Млад Борец“
Награда на Театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за улогите Светозар во „Карамазови“ и Иљо М. во „Сенката“
Сребрена плакета на фестивалот на монодрамата за улогата во „Дрво на ридот“
1984 година е прогласен за актер на годината според ревијата „Екран“

ИНТЕРВЈУ СО МИТЕ ГРОЗДАНОВ, ЛАУРЕАТ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Сиот живот – актер, поет, уметник, боем …

Зад него се повеќе од 4,5 децении работа… Пред него, како што вели, кој знае уште колку… Повеќе од 50-тина главни ролји на матичната сцена во Драмскиот театар и надвор од неа… Патот на приватизацијата во уметноста го започна прв со неговиот “Театар Македонија” каде е Алфа и Омега повеќе од деценија и пол… Ги има речиси сите релевантни уметнички награди кај нас и на екс ју-просторите, му недостигаат или не (?!) само државните “11 Октомври” и “13 Ноември” за колекцијата да биде потполна…, но тоа не го загрижува премногу. Ова е накусо Мите Грозданов во прво лице специјално за Вечер!

Наградите – сатисфакција или верификација?
Грозданов: Кога вредноста и квантумот на вистинскиот талент ќе проблесне со сите свои атрибури во право време и на право место – треба да се верифицира, пред се, заради популусот. И тогаш наградата е вистинска вредност, зашто – никој не те знае – а зрачиш со квалитет и тогаш настанува вистинско задоволство и за наградениот и за тие што сакаат на сцена, пред камера, аудио… И настанува вистинската сатисфакција! Верификациите или уште полошо сатисфакциите се одвратни, кога сите те знаат – па има местења, па калкулации… Тогаш бадијала ти се сите верификации (зар одново ќе те откриваат?!!!). Кога гледачот и слушателот – кои знаат да кажат дали им се допаѓа или не, не смогнале или уште повеќе не сакале да си го мачат умот, тогаш преку наградата ќе те запаметат. Чесниот и вистински уметник никогаш не смее да и подлегне на суетата до крај и да си ја признае вистината за реалноста. Не му требаат ни верификации ни сатисфакции!!! Но животот тече ту уметнички, ту некако, ту никако!

Каде и кога се споија поетот и актерот?
Грозданов: Се случи мало чудо… Актер и поет се споија. Но морам да признаам дека прв започна рецитаторот во 1954 година среде гледачите (каде што умираше од срам), па во 1956 година настап со улогата на Гане во “Пеперутки” (автор непознат) и континуирано од 1958 – аматер. Но огромно чувство имав за пишување. Поетот остана анонимен се до 1967, кога на дипломската за професионалци другарите од факултетот во Белград ми направија и поетска вечер од моите дотогаш напишани стихови. Беше одлично. Некои мои Македонци по успехот ги искинаа плакатите. Таму се роди ВАПИЕГ – во Белград. Во Скопје ми рекоа дека ќе скапам во затвор ако објавам книга и пак поетот се повлече во илегала, а актерот растеше!
Вистинскиот спој на актерот и поетот го направи прекрасниот талент од поет Трајан Мартиновски, дури во 1991 година кога во неговиот весник “Поема” ја објави ВАПИЕГ во средината до големиот Петре М.Андреевски – а на насловната беше ликот на сега починатиот Илија Џаџев со наслов “Маестро”.

Монодрамата – свет за себе или исказ на недореченото?
Грозданов: Во неколку наврати сум го објаснувал тој феномен. Монодрама може да играат само големи актери. Свет за себе ќе биде ако не знаеш што да правиш со себе. Никогаш не работи монодрама ако преку претставите кои ги играш, заедно со колегите, се си и кажал на публиката за она што сака умот и душата да каже. Но ако имаше покрај претставите уште нешто што те мачи или радува тогаш работи голем актеру – тогаш работи голем актеру – преку монодрамата доискажи го она што го мислиш. Светот сам за себе ќе стане општ и ќе се радуваме заедно, зашто и монодрамата не може сама – треба публика!

За аплаузот…
Грозданов: Аплаузот честопати значи огромна храна, дури повеќе од сите пари. Затоа често се играло волонтерски. Но како што е мил аплаузот од возрасни, по завршувањето на претставата, уште поблагопријатен е на отворена сцена, а најдраг е кога дечињата ќе ти аплаудираат, зашто тие не знаат да лажат. Или си она што треба да бидеш и од срце те сакаат и ти веруваат, или си лош – па ти негодуваат и те напуштаат. Нема ништо поубаво од мали деца на претстава. Покрај морето од аплаузи еден од најмилите ми беше кога во Прилеп (1968) на “Војдан Чернодрински”, кога ја игравме “Партитурата за еден Мирон”, вон конкуренција, режисер беше Љубиша Георгиевски и не даваше да се поклониме пред публика, тогаш прилепската публика долго аплаудираше и го скандираше моето име. Не се појавив, но прилепчани не се откажаа. Сите ме чекаа надвор. И прилепската публика и јас, од тогаш до денес станавме љубов! Тоа беше мојата прва несудена награда “Војдан Чернодрински”.

Поклонот – крај или нов почеток?
Грозданов: Ако поклонот значи крај – тогаш седни, гледај во таван, легни и умри! Ако е почеток (бидејќи секој крај е и почеток, а секој почеток значи и крај) од петни жили се радуваш и бескрајно сакаш да живееш и да работиш и љубиш, се додека мрдаш!

Кој и што е добар актер?
Грозданов: Не само добар, но одличен и легендарен е оној актер професионалец, кога ќе заигра на сцена со аматерски жар!

Боемот – пијаница или уметник на животот?
Грозданов: За време на испраќањето во пензија (23.12.2008 г.) ја кажав убавината за боемството! Но не е на одмет да ја преповториме за вистинска среќа, човекољубивост и разумност на луѓето:
– За жал, големите боеми си заминаа од животната сцена… Чичко Тошо (Тодорче Николовски), Гешо (Димитар Гешоски), Ќортош (Кирил Ќортошев), а сега и Гане (Гане Тодоровски)… Останавме ние последните Мохиканци: Светиев, Зози, Јаки, Мите…
Боемот е врзан со уметникот, не уметникот со боемството. Зашто тој ја вика чашката, а не таа него. И додека е така вистината ќе победува… Незнаењето боемите ги споредува со пијаниците. Не. Не е така. Алкохоличарите се болни луѓе и нека ги лечи клиниката за алкохолизам. Боемот не е човек бескуќник, параспур, отпадник… Човек, особено уметник (литерат, сликар, актер, режисер…) ја претвора кафеаната во литературен кружок, сцена, ликовен салон… Со два реда муабет и три реда чаши, размена на мисли, идеи, договори и потфати во уметноста.
И на крај, дефиницијата: Кога наутро “жолтото злато” во чашата ќе се нарече крстена водичка, на ручек сок од грозје и навечер течен лексилиум при уште потечни разговори, стануваш вистински боем и креираш. Дури и во сиромашно време…

Кој лик недостасува во лепезата одиграни ролји?
Грозданов: Ќе биде грев ако кажам дека не сум задоволен од досегашното остварување во животот уметнички. Во младоста сум го испуштил само Ричард Трети, а сега ги посакувам Крал Лир, Алберт Ајнштајн и Чорбаџи Теодос! Што значи – живеам работно!