Горда сопственичка на една од најнеобичните актерски биографии во македонското глумиште: Родена е во Плоешти, Романија. На Драмската академија во Букурешт се запишала на шеснаесетгодишна возраст, амбицирана едновремено и да студира глума, но и да ја заврши гимназијата. Успеала. |
Како една од најбрилијантните студентки, дипломирала со нецели деветнаесет години (1946), освојувајќи ја тогашната ректорска награда. Првиот ангажман го добила во елитниот Национален театар во Букурешт, во чијшто ансамбл членувала до 1951 г., кога, заедно со својот постар брат, актерот Јон Исаја и со целото семејство, доаѓа во Македонија. За да почне, буквано, од почеток – од учење на елементарните зборови на македонскиот литературен јазик…Упорна, професионална и фанатично работлива, во текот на наредниве три децении, Мара Исаја ќе одигра цела редица најразлични ролји, театарскии филмски. Сепак, можноста да ги демонстрира сите свои креативни потенцијали таа ќе ја добие дури на самиот крај од работниот век, кога на сцената на Драмскиот театар во Скопје, со брат и Јон, како идеален партнер, бравурозно ќе ја одигра Старицата во “Столовите” од Јонеско – првиот Јонеско поставен на македонските театарски сцени. Премиерата на оваа антологиска претстава била одиграна на 4 март 1980 г. Освен две филмски награди, добиени надвор од Македонија, како и онаа дебитантска награда со која се здоби на крајот од студиите, пред половина век во Букурешт, годинашнава награда за животно дело “Војдан Чернодрински” е единствената театарска награда што Мара Исаја ја има добиено во текот на својата долга кариера.