Лидија ИВАНОСКА (1938), актерка

Актерка во пензија, во чиј обемен опус влегуваат поголем број значајни актерски остварувања, реализирани во дела од значајни жанрови и национални драматургии. Пред да помине една сезона во Народниот театар од Штип, ја посетуваше средната државна школа во Нови Сад, а во театарот во градот под Марковите кули со мали и незначителни прекини настапуваше од 1959 година, останувајќи му верна до крајот на својот работен век, што значи скоро три и пол децении.

Lidija_Ivanoska

За амбициозната и мошне продуктивна актерка Лидија Шумановац, подоцна Иваноска, не постоеја одредени фахови – играше се што и се доверуваше, на секоја задача приоѓајќи и со голема професионална одговорност и подготвеност. Подеднаков афинитет и интересирање покажуваше и кон делата од светската драмска класика и кон пиеси од современата домашна и странска драматургија.

Еден од првите нејзини поголеми актерски проблесоци како една од водечките актерки на народниот театар “Војдан Чернодрински” во Прилеп беше улогата на Лаура во познатото драмско дело “Татко” на Стринберг.

Својот несомнен талент и творечки потенцијал ги потврди и во поетските драми на Гарсија Лорка “Крвави свадби” (мајката) и во насловната ролја во “Домот на Бернарда Алба”. Не помалку уверлива беше и во пиесата “Лисица и грозје” од Тигрето (Клеа) и “Протекција” од Бранислав Нушиќ (Персида).
Оствари мошне впечатливи и пластични ликови и во “Солунски патрдии” од Миле Попоски и во “Адам и Ева” според Марко Цепенков (насловниот женски лик). Особено простудирано, колоритно и содржајно беше нејзиното Фатиме во споменатата хит претстава на прилепскиот театарски колектив – “Солунски патрдии”.

Лидија Иваноска презентираше несомнени креативни дострели и во доменот на камерното кажување. На малата сцена на народниот театар “Војдан Чернодрински” во Прилеп со успех реализира неколку дуо-драмски остварувања (“Кому му е сеедно” од Бранко Илиев, “Заливот” и др. ) а не помалку ефектно играше и во монодрамски остварувања.
И по пензионирањето, повремено настапува во проекти на својата матична сцена.

ЛИДИЈА ИВАНОСКА, ЛАУРЕАТ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Од сцената зрачи љубов

Ова е пораката која Лидија Иваноска со своето петдецениско искуство им ја испраќа на младите, потсетувајќи дека и подемите и падовите не се ништо без љубовта на и кон сцената…Во Прилеп, на Фестивалот “Војдан Чернодрински” ја доби наградата за животно дело

Лидија Иваноска, актерка, пет децении е присутна на сцената во градот под Марковите Кули – Прилеп. Во нејзиниот работен век таа не познавала поделба на фахови, игра се што ќе и се довери, со голема професионална одговорност, афинитет и интерес. Тоа значи дека подеднакво добро “ги владее” ликовите и делата од светската, драмска класика, но и пиеси од современата домашна и странска драматургија. Незаборавни се нејзините настапи во “Крвави свадби” и “Домот на Бернарда Алба” (насловна ролја) од Федерико Гарсија Лорка. Народот нема да ја заборави ни Фатиме од “Солунски патрдии” на Миле Поповски, како и нејзините остварувања во камерните проекти “Кому му е сеедно”, “Заливот”… и неколку монографски остварувања… За својот порив и живот кој започнал од нејзиниот роден Нови Сад и стигнал до Прилеп раскажува самата Лидија:

За Прилеп некогаш и сега…
– Пред пет децении кога дојдов, месото висеше по улиците на чингели, булук овци и магариња шетаа по чаршијата… Но, јас уште оттогаш почувствував дека ќе го засакам овој град. И тоа се потврди со влезот в театар каде што ме пречекаа сите недвојбено убаво, почнувајќи од Љубиша Трајкоски, Мирко и Нада Стефаноски, Живка Ламетиќ… и останатите. Имав среќа да добијам се што може да посака еден млад уметник. Такви шанси и во тоа време ретко се добиваа, но жално беше и да се испуштат. Прекрасната прилепска публика уште тогаш имаше разбирање за театарот и знаеше да не награди, но и да не нагрди за она што го правиме. Бевме ансамбл кој од ништо прави нешто. Убаво е чувството дека во мојотот театар можам да влезам, да останам и да излезам кога и колку сакам…

За уметничката трага…
– Многу е интересно како обичните луѓе кои ме среќаваат на улица ја примија наградата која ја добив. Имам чувство дека таа не е само моја, туку и на моите колеги, а пред се – нивна, на прекрасните мои прилепчани. Убаво е да се чуе она што неодамна ми го кажа една продавачка. Едноставно, искрено ми рече: “Растевме со Вашите улоги и многу се радувам на Вашиот успех…”

За наградата…
– Нормално, ми беше драго што не сум заборавена од Претседателството на Фестивалот. Ова е верификација за се она што сум дала во Театарот, а и на Фестивалот “Војдан Чернодрински”…

За аплаузот…
– Иако сум од поодамна во пензија, јас до пред две-три години играв. Сега ми недостасува силината на аплаузот, оној краен чин на (не)успехот кој со сета своја јачина или млакост се прима со срцето и душата…

За пензионерските денови…
– Јас и мојот сопруг Трајче (Ивановски, исто така пензиониран актер на Прилепскиот театар) воопшто не се чувствуваме како пензионери. Живееме во, за и од театарот… Трајче се уште е активен на сцената…

За младите…
– Во Прилеп дојде еден бран на млади и енергични актери и театарски творци, кои заслужуваат внимание. Се почесто правиме претстави со кои се гордееме. Последни два такви примера за успех се “Светилникот” на режисерот Владо Цветановски, каде што игра целиот ансамбл, што значи убав спој на старите и младите актери и “Тапани во ноќта” на младиот режисер Мартин Кочовски, која носи навистина една нова, свежа и убава енергија… На младите колеги би им препорачала да се сакаат и со љубов да работат се на сцената, бидејќи има и падови и подеми, но она што зрачи од сцената е љубовта…

Борче ГРОЗДАНОВ