Ленче ДЕЛОВА (1948), актерка

Актерка со можеби најспецифичен и најавтентичен сценски сензибилитет. На сцената на Драмскиот театар во Скопје, во тоа време Драмски младинско-детски театар, почнува да го живее својот актерски живот од 1964 година, кога има само 16 години. Токму затоа може да се каже, дека Делова навистина целата своја животна приказна ја конструира, ја гради и надградува преку приказните што театарот ги создава

zd_Lence_Delova.

Нејзиниот веќе 42 годишен актерски влог ја инаугурираше како творец со изворен талент и со извонредно чувствување на жанровската сценска разноликост. Моќите на нејзиниот дијапазон и на нејзиното длабоко актерско проникнување во толкуваниот лик се огромни и со фасцинантни амплитудни граници. Она со што Делова најмногу ја обогати македонската актерска сцена, и што може да се вброи во своевидна актерска школа, се ненаметливиот, суптилен лирски и драмски ракопис како и специфичниот, буен третман на комичното и гротескното.

Од позначајните улоги ги одвојуваме: Пере (Дундо Марое, 1966); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996).

Во 1978 година ја добива наградата на град Скопје 13 Ноември, за улогата на Офелија во претставата Хамлет во 1978 година.

ЛИЧНОСТ: ЛЕНЧЕ ДЕЛОВА, АКТЕРКА И ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Театарот е жив процес

ТОКМУ ЗАТОА ЗА ДЕЛОВА ПРОБИТЕ СЕ НАЈИНТЕРЕСНИОТ ДЕЛ ОД СОЗДАВАЊЕТО НА ТЕАТАРСКАТА ПРЕТСТАВА И ДОКАЗ ДЕКА ТЕАТАРОТ ПОСТОИ

“Актерка со можеби најспецифичен и најавтентичен сценски сензибилитет. На сцената на Драмскиот театар во Скопје, во тоа време Драмски-младинско-детски театар почнува да го живее својот живот од 1964 година кога има само 16 години. Токму затоа може да се каже дека Ленче Делова навистина својата животна приказна ја конструира, ја гради и надградува преку приказните што театарот го создава. Нејзиниот веќе 42-годишен актерски влог ја инаугурираше како творец со изворен талент и со извонредно чувствување на жанровската сценска разноликост… Она со што оваа актерка најмногу ја обогати македонската сцена и може да се вброи во своевидна актерска школа, се ненаметливиот, суптилниот, лирски и драмски ракопис, како и специфичниот буен третман на комичното и гротескното…” Вака ја оценуваат плодната кариера на Ленче Делова од фестивалот МТФ “Војдан Чернодрински”, кој за нејзината четиридецениска кариера ја “овенча” со награда за животно дело. Делова наградите ги смета за значајни, пред се како верификација и сатисфакција за сработеното, но според неа “најбитното е да се остане едно минијатурно камче во мозаикот наречен култура”. Добитник е и на наградата “13 Ноември” за улогата на Офелија во претставата “Хамлет”. Делова е горда и на Вечеровата награда за “ТВ лице на годината”, наградата “Војдан Чернодрински” за Трајанка во претставата “Ни ќар ни зијан” и признанието од тогашната Југословенска радио телевизија, за улога во радиодрама. Личното актерско портфолио оваа актерка не го “следела будно”, но со сигурност може да се каже дека зад неа се повеќе од стотина ролји, пред се на сцената на матичниот Драмски театар, како и во многу ТВ и радио драми. Споредбата со времето во кое твореше Делова и модерните театарски текови, таа вели: “Нашата предност беше што можевме да одиме надвор. Не бевме затворени само во нашите граници. Особено во 80-тите години значевме нешто во оној врвен театар во тогашна Југославија. Верувам дека во ова ново време и новите сили кои доаѓаат достојно ќе продолжат и понатаму да работат, заменувајќи не, секако во иднина со малку поинакви, подобри услови од сегашниве”. Во однос на професионалноста, Делова додава дека во последните години од нејзиниот живот на сцената меѓу ретките нешта што и пречеле во театарот е и несериозноста и односот на младите на пробите и честото доцнење. “Сум чекала и по час и половина за некои од младите колеги да дојдат и да почнеме со пробата. Неспорно е дека тие се талентирани, но работата е еден од најбитните предуслови за успех”, додава таа. Театарот за Делова е колективен чин. “Најинтересниот дел од процесот на работа се токму пробите. Преку нив всушност создаваме. Тие се доказ дека театарот е жив и дозволува да се експериментира како и да се пронајдеш себеси како актер и како личност.”

“Сум чекала и по час и половина за некои од младите колеги да дојдат и да почнеме со пробата. Неспорно е дека тие се талентирани, но работата е еден од најбитните предуслови за успех”

“Најбитното е да се остане едно минијатурно камче во мозаикот наречен култура”

Борче ГРОЗДАНОВ