Роден е во Пехчево, 1942 година.
Основно образование завршил во Пехчево, гимназија во Прилеп и Струмица. Академија за филм и театар и радио и телевизија во Белград во класата на Мата Милошевиќ. Во 1967 година се вработува во Куманово, а од 1969, до денот на заминување во пензија во 2007 година, е во Македонскиот Народен Театар. Кирил Андоновски играл во над 200 театарски претстави, гостувал на сцените во Струмица, Штип, Куманово во театарот за деца и млади – Скопје во Македонската опера и балет. Има играно во над триесет телевизиски драми и серии и во пет филма.
Еве, по повод една пригода, што вели за него македонскиот истакнат режисер Бранко Ставрев:
Кралот на епизодата
Дојде Кирил Андоновски кај мене и донесе едни списоци. На своерачниот компјутер беше пресметал колку премиери одиграл, колку претстави, со колку автори, режисери и колеги актери.
Ги разгледав внимателно и открив дека имал над сто премиери и дека преметнал преку глава над две илјади деветстотини триесет и седум претстави, десет помалку, дваесет повеќе.
Кирил Андоновски е најпедантниот и најревносниот пратеник во македонскиот театарски парламент.
Од над двеста одржани седници со гледачите не отсуствувал на ниту една.
Токму затоа е една од присутностите што ќе ги памети и овој театар и ова општество.
Како Исак Кејтен во “Ѕидот водата” беше брилијантен, успеа од дрво да направи мајка и ни вети дека еден ден, по неколку илјади векови, се ќе се дознае.
Како Жевакин во “Женидба” истиска сицилијанско сонце од Гогољевски лимон, збунет дека ова што му се случува само осумнаесет пати.
Како Грклан во “Коштана” извлече песна од виолина без жици, постојано расположен за своебразно пицикато.
Како Медведенко во “Галеб” најде учителска хармонија меѓу материјалните и духовните сили.
Како Хлестаков лебдеше над своето време како пердув, над воздух од аморал, над вода од разградба и над пекол од вредносен хаос, затоа Кирче кај Гогољ се чувствува како дома.
А кај Шекспир?
Е, овде веќе работите се “шутски”, мискиџиски (прашајте го лично за мискиџијата што соѕида чешма на патот кон Пехчево и кој Македонијава ја сврте за едно изгрејсонце и едно зајдисонце).
Како актер кој постојано слободата на играта ја остварува преку – ропството – на закономерноста, Кирил Андоновски трагичната и комичната маска ги зближи во бакнеж.
Кириландоновскиот хумор е испреплетен со универзалната болка.
Преку хуморот тој го допира фантастичното и непознатото и се труди да ги надшегува удрени до срце и така да ги залечи отворените рани на светот и човекот. Шутот на Кирил Андоновски дејствува како хор и со своето инсистирање на хумор само ни ја зголемува маката.
А пратеникот Протиќ?
Погледнете го и ќе видите дека не е место, но е време за книга, а не за пригоден говор кој е слаба форма за живот толку богат со содржина.
Книгата е напишана сценски, филмски, телевизиски, радиодрамски.
Може да носи наслов “кралот на епизодата”.
Ќе преживеам, тука се банките!
* Како би го опишале вашиот животопис во Театарот?
– Главната маска на театарот всушност има две лица – едно што се смее, а едно плаче. Ете и во “Болва во уво” играм два различна лика. Едниот е сериозен Господин, Шандебис, а другиот е човек од народот, слуга, но многу позитивен. Ако еден актер ја сака својата работа, не може да избере дали ќе биде комичар или драматичар. Иако немам играно во трагедии, го знам и го имам одено патот помеѓу едната и другата маска. Го играв Хлестаков, но и го играв и Алексеј Комнен. Го играв Шутот во “Крал Лир”, го играв и Секретарот во “Време за пеење” и тоа во време кога строгоста беше главна одлика на одржување на уметничкиот чин. И така се редеа многу улоги, ликови со разни карактерни склоности – од строгост и дисциплина до комична игра и забава…
*Што значи точноста во театарот и колку инсистирате на неа?
– Во општествено-политичка смисла точноста во театарот е речиси се. Театарот точно знае каде, кога и што треба да се критикува. Но не се работи само за “исполитизираност” на сцената, секако дека она што се игра в театар мора да има повеќе намени. Има и доста едукативност, во смисла на цивилизираноста на односите помеѓу луѓето. Разгледувајќи го списокот на моите одиграни претстави, гледам еден збир на најголемите умови во историјата на драматургијата и литературата. Ете, уште една ненадминлива одлика на Театарот. Во смисол на социјализацијата најбитен е колективниот дух, заедничкото разгледување на она што се работи, преку кое и се доаѓа до посакуваниот добар резултат. Но, за сето тоа да се оствари треба најпрвин да се тргне од себе – да се биде точен, прецизен, да не се остават колегите да чекаат, а за доцнењето и да не зборуваме… тоа е воедно и патот до публиката.
* Има ли нешто што ве притискало и мачело овие четири децении?
– Ми пречи третманот на општеството кон Театарот. Сметам дека треба да се одвојат повеќе пари за културата, не само поради нас како уметници, туку и за народот, бидејќи заради нив и постоиме. Сега по четири децении можам да кажам дека порано со многу работа, со многу работа и хонорарните ангажмани и не чувствуваме криза, но кога повеќето од нас останаа само на плати, сфативме дека всушност сме нискокотирани. Сепак, ни останува љубовта кон професијата.
* Од љубов и празен стомак не се живее…
– Ќе опстанам, ако ништо друго тука се банките…
* Иако сте пред пензија желбата за одмор и не ви е одлика?
– Не ми е! Се уште имам енергија и додека таа не ме напушти ќе играм. Сега во поинаква функција – ќе бидам “хонорарец”.
* Во “Болвата…” ја видовме вашата способност за трансформација. Како се справувате со мигот на промена на ликовите?
– Во мојот живот постојат две фиоки – едната е моја, интимна, лична, приватна, а другата е онаа театарска, сценска… со многу вежба и истрајност, научив кога ќе ја отворам едната, другата да биде затворена. Што се однесува за преминот и трансформацијата во моментот ми помагаат костимот во кој влегувам и сцената што е пред мене, која знам како ќе се одвива.
*Постои ли некоја фиока со неостварени желби?
– По изиграни 120 премиери и над 2.800 претстави многу ТВ драми, мислам на сцената направив и изиграв многу. Од таа страна немам некоја посебна желба. Постои желбата за дружење со младите, за да можам позитивно да ја потрошам акумулираната енергија.
Борче ГРОЗДАНОВ