13 септември 2016

Босанскиот актер Зијах Соколовиќ е 24. носител на наградата за високо актерско остварување на фестивалот на камерен театар Ристо Шишков.
Тој наградата ја доби за улогата во претставата “Мечка” работена по текст на Чехов. Соколовиќ донесе адаптација на овој текст во придружба на џез трио со кое настапува по европските сцени. Тој вели дека за него оваа награда е почеток на еден нов актерски живот.
“Велат дека актерот живее во минливоста во која се собира целиот негов живот. Тоа што тука е направен фестивал во чест на еден актер е доказ дека неговата минливост е поетична или филозовска, но овој фестивал докажува дека актерската минливост сепак има свое траење кое трае бесконечно, 24 години. Тоа е нешто навистина убаво. А тоа што може да му се случи на актерот е да понесе еден дел од минливоста на Ристо Шишков во сопствената минливост и оваа награда нема крај, туку почеток на еден нов актерски живот#, рече Зијах Соколивиќ – добитник на наградата “Ристо Шишков”.
Зијах Соколовиќ единствената награда за високо актерско остварување на фестивалот на камерен театар Ристо Шишков ја доби во конкуренција на околу 50 актери од вкупно 14 претстави од земјата и регионот. Веќе традиционално тој исто како и сите негови претходници доби златен медалјон со ликот на Ристо Шишков, плакета и паричен износ од 1500 евра.