Животот е ќар – желбите се зијан

ТЕАТАР

За “Ни ќар ни зијан” од Братислав Димитров, режија Синиша Евтимов, продукција на УЦК “Антон Панов” Струмица

 

Кога еден микро свет-семејство по својата аналогија наместо како основна клетка, се распаѓа до најситен дел на атомот тогаш бездруго таа слика ја покажува ерозијата на моралното ни општество…

Ако прифатиме дека животот е дар или ќар кој треба да се користи и живее без да гледаме во туѓиот двор, односно да летаме мисловно во непремостени идеи и разлики тогаш ќе сфатиме дека пустите желби се само зијан. А тие, кај обичниот човек во нашиот случај, пензионерот Трајче од пиесата “Ни ќар ни зијан” од Братислав Димитров, се далеку од дофатот бидејќи Трајче алијас Ванчо Крстевски го сонува сонот на здраво и нормално семејство во случајот актерот Ванчо тоа го прави со еден рафинман на искусен владател на сцената кој игра и со поглед, но и со фантастична психофизичка експресија…

Неговата домаќинка Трајанка или Ангелина Тренчева го прави тоа исто така прецизно домаќински, па дури и кога скита по недофатните желби…

А во случајот на Трајче и Трајанка тоа е семицата на лото!.

Колку едноставна нишка за да се прикаже неможноста да се допре недопреното да се биде човек да се избегне црното и непромислено секојдневие… Тука се и Тоше и Теофила вечниот дипломец кој го игра Стојан Велков Трн внесувајќи интересна енергија во ликот допрофилирајќи го со интересен скопски сленг (а да се потсетиме се работи за струмичанец) што дава позитивна оценка на она како изгледаше Тоше или Трн на сцената, додека Теофила на моменти беше преекспресивна токму при изразот на сленгот, па затоа на моменти се губеше силината на актерскиот израз, за што и придонесе костимографското решение, таа да биде облечена како “евтина женска”…, а Теа на Димитров не е токму таква…

Третото дете на ова семејство Тимчо на Коста Ангов ја живее приказната на прогонет гастарбајтер, замислете, само поради една шлаканица. Во неговата приказна односно во онаа актерската на Ангов како да недостигаше малку повеќе живост односно жестокост во приказната, на неговиот херој…

Сличен е ставот и размислата за Тина Јулија Милкова која пак беше презатворена за ликот на една уметничка и наркоманка, како и контролорот на Кољо Черкезов кој само на моменти ја доловуваше бескрупулозноста на ликовите кои власта ја користат за газење преку лешови како и за Боге на Ванчо Мелев кој како полицаец и бизнисмен има “слична судбина” со контролорот. Интересен “епизоден” изблик имавме кај Оливера Иризанова како соседот кодош лик чија искривоколченост и извитопереност ја создава самата актерка преку сопствена ипликација од приватниот живот што е пак доказ за сценска инвентивност вредна за почит…

Токму соседот кодош го има клучот во раката како оној што се знае доаѓа да ги извести дека вечниот дипломец е обесен во визбата и дека како што излегува на крај ниту продадениот бубрег од Трајче ниту седмицата на лото не можат да ја спречат линијата на злото…

Интересната замисла и идејата на режисерот Евтимов надополнета и со неговиот избор на музика дека животот е вртелешка го има единствениот недостаток токму преку тој приказ – движејќи ја ротирачката сцена влегувајќи од слика во слика некои меѓусцени се предолги што битно влијае на динамиката на оваа инаку мошне интересна претстава.

На комплетниот сценски изглед концизно и прецизно свое влијание додал и Ванчо Василев овој пат како костимограф кој е инаку и актер во Струмичкиот ансамбл.

(Б.Г.)