Во вистинската легенда за современиотмакедонски театар актерката Вера Вучкова (24 август 1925, Кнежа, Република Бугарија) влегува на самиот почеток. На сцената на Македонскинароден театар (урнат по земјотресот на 26 јули 1963 година во Скопје) таа ја изговара првата реплика по подигањето на завесата во првата институционална претстава на македонски јазик, одиграна на 3 април 1945 година – Платон Кречетод украинскиот автор А. Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров. Во таа претстава Вучкова го игра ликот на Валја со чија реплика Колку е блиску сонцето и започнува изведбата. А актерката влегува во легендата.
Актерската и животната патека на Вучкова почнува и продолжува и пред и после историскиот настан. Почетоците во театарската уметност и се во Битола, во Партизанската театарска група на АГИТПРОП (1944) во која само рецитирала. Потоа почнува нејзината работа во Македонскиот народен театар во кој е од 1945 до 1946 и во кој се враќа во 1964, за да остане до пензионирањето во 1982 година. Во меѓувреме, со Илија Милчин и Крум Стојанов, учествува во формирањето на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград, Пиринска Македонија (1947/48), работи во театрите во Бугарија: во Благоевград (1947-1959), во Димитровград (1959-1961) и во Бургас (1961-1964), а на Вишата школа за театарско искуство (ВИТЕЗ) во Софија дипломира актерство (1960).
Талентирана, секогаш тивка и толерантна кон сите во театарот, Вучкова главно игра помали ролји, но без кои во театарот не се може. Оценувана е како актерка која својата посветеност и знаење несебично го дели со другите. Во МНТ одиграла околу 40 такви ликови, меѓу кои, покрај Валја, сеСпировица (Народен пратеник, 1945), Марија (Градскиот саат, 1966),Шанел (Стапица за осум бесмпомошни жени, 1966), Ана од Кливс (Хенри VIII и неговите пет жени, 1967), Сестрата за развеселување (Сенка, 1967), Рајна (Печалбари, 1969), Ана (Дабот и ангорските зајаци, 1969),Фроса (Парите се отепувачка, 1970), Мадам Вајнер(Зајдисонце 1971),Прасковја Илинична (Фома, 1972), Мајката на Хелдерлин (Хелдерлин, 1973), Берта (Хеда Габлер, 1976), Фјокла Ивановна (Женидба, 1979),Тетка Савка (Госпоѓа министерка, 1983), Цонка (Чорбаџи Теодос, 1987) …
Почина актерката Вера Вучкова-Жежељ

Родена на 24 август 1925 во Кнежа, Република Бугарија, Вучкова својата актерска дарба ја искажувала уште во училишните години. По матурирањето во Битолската гимназија (1944) ѝ се приклучила на легендарната партизанска театарска група на АГИТПРОП, со која, во ноември 1944, стасала во штотуку ослободеното Скопје. Како и Петре Прличко, Илија Милчин, Тодор Николовски, Василие Поповиќ-Цицо, Димитар Ќостаров, Тома Владимирски, Крум Стојанов…, таа „природно“ влегла во Македонски народен театар, станувајќи една од неговите први актерки.
Првата претстава во МНТ „Платон Кречет“.
Со Милчин и Стојанов, Вучкова исполнила уште една историска театарска мисија – во јуни 1947, учествувала во основањето на Областен македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград. Играла носечки ролји во сите пет претстави што овој театар ги одиграл во својата единствена сезона 1947-1948.
Кариерата ја продолжила во Бугарија, каде, како првенка на театрите во Благоевград, Димитровград и Бургас, играла полни 16 години.
Во 1964 се вратила во Македонија, во ансамблот на МНТ, со кој настапувала и по пензионирањето во 1982 година. Својата последна МНТ-овска премиера ја одиграла на 3 април 1987, како Цонка во обновената постановка на „Чорбаџи Теодос“.
Во 2005 година, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ наВера Вучкова-Жежељ и додели награда за животно дело.
Во понеделник, 1 септември 2014 година, во 11 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржи комеморација. Последното испраќање на Вера Вучкова-Жежељ ќе биде на градските гробишта Бутел, во капела во 12.30, а погребот ќе биде во 13.30 часот, соопштија од Македонскиот народен театар.