Роден е во Прилеп, 1946 – 2015 година.Во Народниот театар во Прилеп работи од 1966 година до пензионирањето. Покрај на театарската сцена настапувал со завиден успех и во поголем број на ТВ драми и серии, во радио драми и во играни филмови. Забележително е, на пример, неговото актерско остварување во ТВ серијата Солунски патрдии.Освен на матичната сцена често гостувал и на сцените во Битола, Куманово, Штип, Велес, Струмица… Благоја Спиркоски е синоним за актерска популарност и омиленост кај публиката. Тој важи и за вонсериски талент со специфични актерски одлики кои несомнено придонесоа за неговото високо реноме на што се должи и неговата ангажираност во сложени сценски задачи. Оттука, во текот на неговата чиетиридецениска кариера тој израснува во еден од водечките актери во матичниот театар, но и пошироко во целината на македонското глумиште. Иако неговиот актерски опус опфаќа широк спектар на ролји од најразличен жанр во дела од светската класика и современа драматургија, сепак најзабележителни се неговите остварувања во делата од домашната драмска продукција. Во овој контекст некои од неговите најзначајни ролји се токму во дела на автори, како што се: Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески-Платнар, Блаже Миневски, Блаже Алексоски и др. Показателни за неговата актерска сензибилност и афинитет се и неговите креации во камернитетеатарскиформи (Ибро Јаране), а неодминлив е и неговиот потфат за опробување на теренот на лизгавиот жанр на монодрамата. Така, ќе остане забележано дека во монодрамата Аз, Маркоод Бошко Смаќоски, Спиркоски ќе го манифестира својот талент и усет за комичните нијанси и созвучја, но и за драмските моменти за кои тој е подеднакво благороден медиум како актерска индивидуалност. Често, неговите креации истовремено се и трагични и комични. На нему својствен начин тој особено води сметка за развојноста на ликот и ситуациите обликувајќи ги ролјите во актерски партитури кои се заокружени и докрај обмислени. Ако накусо треба да се сублимира неговиот учинок тоа е секако виртуозноста и бравурозноста кои секогаш наидуваат на воодоошевено прифаќање од страна на публиката и критиката. Останувајќи најчесто мртов ладен тој засмејува се окулу себе секогаш подготвен за трансформација и менување на ракурсот, подтекстот, приодот и редовно успешниот пласман на зборот, гестот, погледот… Добитник е на поголем број награди на МТФ во Прилеп. |
Итар Пејо е нашиот Хамлет
Еден од незаборавните народни актери и ликови кои бездруго остави неизбришлива трага зад себе е Благоја Спиркоски – Џумерко, меѓу народот познат преку неговиот Итар Пејо од “Солунските патрдии” и приказните, лик што го прави непосреден и тоа како жив и народен човек. Тоа го потврдува и како човек кој живоста и хуморот ја споделува катадневно со народот и еснафот. За популарноста што Итар Пејо и народното творештво му ја донесе, Џумерко ќе рече:
– Итар Пејо е нашиот Хамлет, а Цепенко нашиот Шекспир. Многу често се навраќам на неговиот “Силјан Штркот” и се повеќе и подлабоко доаѓам до сознание дека онаков каков што е напишан и раскажан, невозможно е да е само пренесен од народни преданија. За таква приказна да се срочи треба многу Ум и Душа… Таа приказна е еднаква, па дури и подобра од многу слични приказни во светската литература. Сум го играл и Силјан Штркот и тоа на штули и бев висок 2 метри и 30 сантиметри. Режисерот Бранко Ставрев се плашеше да не скршам нешто, бидејќи верувале или не на нив играв оро. Јас му реков дека не може ништо да ми биде, бидејќи тоа го правам од душа…
Ваквата изјава само ја потврдува непосредноста и предаденоста на својата професија што Џумерко ја поседува и предава. Таа бездруго треба да биде пример и афирмација за младата генерација… Ако се суди дека неговата ќерка Марија Спиркоска-Илијески е актерка, може да се каже дека Благоја Спиркоски успеал да го продолжи театарскиот дух во своето семејство. За конекцијата со својата ќерка, за и на сцената, тој вели:
– На Марија и реков дека академски може да заврши кај сака и кај кого сака, но за она што се вели занает, тука е тато да и помогне, бидејќи постојат безброј цаки кои се случуваат непосредно во моментот на игра и инспирација, а со кои доколку не знаеш да се справиш можеш да се соочиш со низа дупки кои се создаваат при партнерската игра на сцената… Засега сум задоволен од патот по кој се движи Марија, а најзадоволен сум што во меѓувреме успеа да ми подари и внука, која веќе со своите три години почнува да потпрашува и прочепкува по професијата на дедо и и мајка и со низа прашања и потпрашања…
За моменталниот подем на Прилепскиот театар Џумерко е дециден: Горд сум на оваа млада генерација и успесите која таа ги постигнува во последниве неколку години. Но, сепак, некако, мене, на Благоја Спиркоски-Џумерко, тој театар не ми “лежи”. Се на сцената мора да има оправданост. А модерниот театар кој е присутен во моментов, како да не се грижи за ова основно правило.
Каде е Џумерко таму се и анегдотите. Од безбројните случки, згоди и незгоди, тој се реши да ни раскаже како не успеал да стане војвода: Режисерот Стојан Стојановски ја снимаше серијата “Непокорни”. Јас требаше да играм војвода. Но, кога ми кажа дека пет дена треба константно да стојам на дожд и да се валкам во кал, му реков дека некои природни работи кои не се баш примерни јас ги правам громогласно и дека доколку играм војвода можам да ја предадам четата, со смеење коментираше Џумерко.
За наградата која го одбележа неговиот творечки век исто така анегдотски раскажува:
– Три дена по ред мојата ќерка и жена ми, па и мојот син се обидуваа од се срце да ме стокмат за свечениот чин на доделувањето на наградите. Те оваа вратоврска не оди, те оваа кошула не била во тон, те ова палто не било прикладно… сепак, јас најубаво се чувствував во моментот кога на сцената се преоблеков и бев Итар Пејо… А за сатисфакцијата од наградата нема ништо поубаво од аплаузот и воодушевувањето на публиката што таа вечер го доживеавме Јас, Коле и Пепио. Тоа е нешто што не се заборава, завршува Џумерко.
Борче ГРОЗДАНОВ
KОЛЕГИТЕ СЕ ПРОСТИЈА
Тапанот р’зна со надземен екот се до Маркукуле, се до ѕвездите меѓу кои отсега сјае и една нова, една од најсветлите, онаа на Благоја Спиркоски – Џумерко.
Семејството, Прилеп и колегите од македонските театри денеска се простија од доајенот на македонското глумиште Благоја Спиркоски Џумерко. Напладне, на градските гробишта беа погребани посмртните останки на бардот на македонскиот театар.
На комеморативната седница во прилепскиот народен театар, актерот Андон Јованоски рече дека Џумерко беше синоним за актерска игра.
Бравурозен во играта, секогаш подготвен за трансформација на сцената, ќе остане запаметен по улогата на Итар Пејо. Кога ја доби наградата „3 Ноември” на градот Прилеп, рече дека сите улоги му се драги, но најмногу трага во него оставила улогата на Силјан штркот. Овој лик му ја прочепка душата, затоа, летни Силјане, рече Јованоски.
Театрологот Јелена Лужина потсети дека Џумерко на сцената оствари 111 улоги, од кои 105 одиграни на сцената на прилепскиот театар која е митска и има важно место во историјата на македоноскиот театар зашто, во Прилеп во 1943 година режирал и самиот Војдан Чернодрински, а зад кулисите растел писателот Горан Стефановски.
Како 20 годишен актер, Благоја Спиркоски Џумерко почна во прилепскиот театар во 1966 година. Имаше ретка привилегија да старее со своите улоги и да стане легендарна сценска фигура. Замина таму каде е Итар Пејо, во легендата. Благоја Спиркоски Џумерко е најлегитимен наследник на традиционалната македонска глума, на она што 1000 години на овие простори го градат Скомрахите, чиј најстакнат претставник беше Петре Прличко, а Џумерко последниот претставник на Скомрахите, рече Лужина.
Не случајно, додаде, Џумерко во 2006 година ја доби првата награда именувана по Петре Прличко која се доделува во Велес.
Нема полегитимен носител на таа награда од Благоја Спиркоски Џумерко, истакна Лужина.
Телеграми со сочувство до семејството Спиркоски и до колективот на прилепскиот театар испратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска, ансамблите на МНТ, Дрански театар, театар комедија велешкиот театар и другите македонски театри.
Министерката Канческа-Милеска во телеграмата нагласува дека животното дело на Џумерко остави длабока трага во македонската театарска уметност.
Неговото име и животното дело засекогаш ќе бидат запишани во културната историј
ОТВОРАЊЕ НА 50. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”
50 години Чернодрински
Тапанот р’зна со надземен екот се до Маркукуле, се до ѕвездите меѓу кои отсега сјае и една нова, една од најсветлите, онаа на Благоја Спиркоски – Џумерко. Дека на светот постои едно парче во кое традицијата е култура, а културата начин на живеење, се слушна от плоштадот во Прилеп, а во чест на една уметност, онаа театарската, во чест на еден фестивал кој го собира најдоброто театарско од Македонија.
Не потсетија дека хамлетовското театарско огледало е исто толку наше колку и светско… И тие не заборавија уште еднаш со поглед кон небото да го поздрават вистинскиот сценски магионичар кој се движеше од Итар Пејо преку Силјан до Цепенко и се провираше до најистенчените драматични и драмски вкусови на светската драматиргија, Благоја Спиркоски – Џумерко, кој, пак, уште еднаш, од сцената, иако невидлив, тука по дух и со дух, заедно со Чернодрински, ни ја кажа „Абер дојде Донке” од која имаше заледена крв до солзи, но и еден топол аплауз испратен простум до големиот наш, ваш и светски, Џуме.
Да не потсети дека за овие 50 години постоење на „Војдан Чернодрински” се одиграни повеќе од 650 претстави и доделени повеќе од 670 награди со што уште еднаш е верифицирана една уметничка вредност, овојпат театарска која останува за навек!