БЛАГОЈА ИВАНОВ (1931), pаскажувач, романсиер, есеист, драмски автор, театарски критичар, театролог, професор на Факултетот за драмски уметности

Ренесансната личност на Благоја Иванов – ерудит од исклучителен формат, писател со редок (“чеховски”) сензибилитет, космополит по убедување и, како што самиот милува да вели, даскал по вокација – не само што ја збогати македонската театарска критика (со која тој активно се занимавал повеќе од две децении, од 1956 до средина на седумдесеттите години), туку битно придонесе и за втемелувањето и иницијалниот развој на македонската театролошка наука.

Имено, Благоја Иванов ќе биде еден од одвај неколкумината квалификувани, систематски едуциранимакедонски театролози коишто првите сериозни постигнувања од оваа областа ќе умеат не само да ги реализираат (со сопствени сили!), туку и мериторно да ги промовираат/афирмираат и надвор од (сепак!) тесните македонски рамки. Нему му припаѓа заслугата што просто не може да се одмине, не само во оваа свечена прилика: имено, како автор на мошне важната книга “Савремена драма и позориште у Македонији”, објавена во издание на Стериино позорје во Нови Сад (1982), тој го овозможи првото компетентно претставување на македонскиот театар надвор од границите на државата. Успешноста на тоа претставување беше и останува голема имено затоа што е втемелена врз високите научни принципи: прецизност, внимателност, методичност, скептичност, едноставност.И како професор, Благоја Иванов ги почитуваше и применуваше истите тие принципи. Генерации студенти него го паметат како строг, правичен, но (затоа) и исклучително сакан даскал-муабетчија, учител чиишто сериозни, директни, театролошки длабоко втемелени анализи на дузини актерски, режисерски и драматуршки феномени ги усвојувале со доверба и почит.

Прозаист со мошне респективен опус, маркиран и со неколку најугледни награди (Рациновото признание, “Кочо Рацин”…), во текот на своето полувековно пишување Благоја Иванов се потврдил и како суптилен драматичар, одговорен критичар, луциден есеист.

Доделувајќи му ја оваа висока награда, театарскиот еснаф ја искажува својата искрена благодарност кон театрологот Благоја Иванов, еден од своите најдоследни и најпочитувани поддржувачи.