Антигона се живее, игра и коментира

„ Антигона и Креонт“ , во продукција на „Театарот кај навигаторот Цветко“ и Кино Култура

Видовме моќен и повеќеслоен политички ангажиран театарски чин, која гледачот не го остава рамнодушен.

Борбата на поединецот против апсолутната власт, е темата на претставата „ Антигона и Креонт “ , чија скопска премиера се одржа на 04 Октомври во културниот центар „ Кино Култура “, по премиерата на годинашниот -15 по ред интернационален фестивал на античка драма „ Стоби“, во Велес. Претставата ја постави Нела Витошевиќ, според  текстови на античкиот трагичар Софокле,  францускиот драматичар Жан Ануј, напишан во 40-тите години на минатиот век и според „ Креонтовата Антигона“ на хрватскиот драмски автор Миро Гавран. Покрај режисерката Витошевиќ, на адаптацијата/драматизацијата работеше и Ивана Нелковска. Резултатот е драмска структура која на актерите им дава можности да играат и да ја коментираат стварноста , колку глобално, толку и локално.

Режијата на Нела Витошевиќ е фокусирана кон растајнувањето на односот меѓу апсолутниот владетел Креонт и неговата внука Антигона, која му се спротивствавува во борбата за слобода. Тој однос е прикажан низ современ театарски израз и од гледна точка на денешнината. На сцената се открива спектар од различни психолошки профили низ кои се прикажува односот меѓу жртвата и џелатот, кој во текот на изведбата напати се менува. Тоа е доловено преку трите лика на Антигона, што ги толкуваат Ивана Павлаковиќ, Симона Димковска и Наталија Теодосиева и исто толку ликови на Креонт, во изведба на Зоран Љутков, Благој Веселинов и Стефан Вујусиќ. И додека Антигона на Павлаковиќ е бунтовна и во најмрачните мигови на одлука на вујкото да ја ликвидира внука си, Антигона на Теодосиева е цврсто решена да истрае во намерата да го закопа братот Полиник и покрај опасноста дека ќе биде погубена. А пак Антигона на Димковска, е најнежно градена во емотивна смисла, но и не помалку запрашана зошто мора да биде жртвувана, кога како сестра сака само пристојно да го закопа брата си. Таа разлика во нијансирањето на карактерот/карактерите на Креонт, кај Љутков, Веселинов и Вујусиќ не ја видовме . Но збирно, видовме еден Креонт кој има болен ум, кој е колку џелат, толку и жртва на личните одлуки и творец на хаосот што го создава , од кој едвај чека да се избави. Дејството се предава низ отворена форма. На сцената решена во минималистички манир, има едно големо сепаре. Тоа е сценографско решение на Васил Христов, за топосот што го определува градот Теба, каде владее Креонт. Покрај актерската игра во функција на предавање на дејствието, базирана на драматизацијата, режијата гради и театар во театар , во кој публиката гледа како актерите ја подготвуваат претставата, излегуваат од неа и повторно влегуваат и ја коментираат содржината.  На ниво на знаковност, бројни асоциации буди употребата на белата пудра. Од омеѓување на просторот како метафора за стегањето на обрачот околу Антигона, преку ритуални прикази на жртвување, други- различните односи меѓу Креонт и Антигона, до магични мигови кога пудрата тече од Антигона , прикажувајќи ја нејзината физиологија и психологија во деликатните мигови меѓу животот и смртта. Искуството си го прави своето, па досегашните настапи во повеќе претстави базирани на античката драмска литература, го издвојуваат  актерот Зоран Љутков како најдобар Креонт меѓу колегите, особено со чистата и сигурна интерпретација на текстот. А меѓу актерките, негов пандан е Наталија Теодосиева, во истрајноста да биде прецизна, одмерена и јасна, во секој миг од дејствието . Сепак не се за потценување ни напорите на Павлаковиќ и Димковска, уверливо да ја прикажат Антигона како млада жена која пружа отпор против тиранијата и неправдата. Актерите носат костими, креирани од Розе Трајчевска. Со нив е нагласен пред се современиот , но и вонвременски карактер на проблематиката во претставата. А изборот на музиката, што го направија Витошевиќ и Христов, е суптилен но и сугестивен зачин за различните емотивни состојби и ситуации низ кои поминуваат „ Антигона и Креонт“. Со еден збор, видовме моќна, повеќеслојна претстава која гледачот не го остава рамнодушен. Не само поради темата која провоцира, туку и поради чистата и инвентивна режија, која од актерите бара потполна концентрација и чувство за брза трансформација , дури и тогаш кога изгледа дека на ниво на мизансцен се пасивни. Затоа е добар овој политички ангажиран театарски чин. Затоа оваа „ Антигона и Креонт “ ќе се играат уште долго, долго и ќе опоменуваат .

Сотир Трајков