Љубиша ГЕОРГИЕВСКИ (1937 – 2018) режисер, писател, педагог…

Наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, која годинава ја добива Љубиша Георгиевски, не соочува со нужноста да ја рекапитулираме и сумираме раскошната биографија на овој човек кој, во текот на своите досегашни 76 години, евидентно успеал да одживее неколку паралелни животи. И да се справи, маестрално, со неколку напоредни идентитети.

Еве, се обидувам нив да ги соберам на купче:

Љубиша Георгиевски е театарски и филмски режисер, кој, во текот на изминативе 55 (и нешто повеќе) години, потпишал повеќе од 160 претстави, ама и дваесеттина филмови (кратки и долги) и телевизиски драми;

Љубиша Георгиевски е драмски писател, чии што девет пиеси се изведувани на десетици театарски сцени, македонски и немакедонски; десеттата пиеса со загадочниот, малкуцка трилерски наслов „Елсинор кејс“, веќе ја чека својата праизведба;

Љубиша Георгиевски е прозаист/есеист со десет објавени книги – колумните, фељтоните, полемиките и друга публицистичка актива која не ја броиме;

Љубиша Георгиевски е театарски педагог за кого неговите некогашни студенти раскажуваат легенди, се колнат во него и го имаат како репер според кој ги одредуваат личните и професионалните стандарди: естетички, етички, жителски, дури и семејни, интимни…

Љубиша Георгиевски е интелектуалец од онаа вонстандардна, речиси ренесансна, денес веќе изумрена сорта: неуморен читател на недобројни книги, вечен немирник/љубопитник кој секогаш мисли „во тангенти“ (како што вели Крлежа), полиглот кадарен да зборува, пишува, мисли и сонува на еден куп јазици;

Љубиша Георгиевски е глобтротер кој – сам или со своите недобројни претстави – суверено ги крстосува меридијаните и паралелите, не дозволувајќи никој да му наметнува комплекс на граѓанин на мала земја, припадник на мал народ, говорник од мал јазик… Кој мал јазик? Та нели оние двајца свети браќа, изворни говорници на тој јазик и неговите први кодификатори, среќно го описмениле сиот словенски свет!!!

Љубиша Георгиевски е активист од голем формат кој веќе шеесет години, низ сите свои дејанија – театарски, писателски, мисионерско-просветителски и секакви други – ултимативно ја застапува и ја афирмира каузата дефинирана во сосема еднозначна, проста и строга егида: МАКЕДОНИЈА. Светот на Георгиевски, интимен и професионален, отсекогаш е галилејски македоноцентричен;

Згора на сето, Љубиша Георгиевски е – дури – и политичар per definitionem. Овој факт лесно се проверува и докажува преку редица полит-професионални ангажмани со кои тој доброволно се нагрбил во текот на последниве две и повеќе децении. Кога се решил да се вмеша и во политичката прагма – дневна, груба и многупати цинична – тој наврапито тргнал истата да ја театрализира уште од првиот миг.

Потсетете се:

Пред дваесет години, 1994, на првите претседателски избори во Република Македонија, Љубиша Георгиевски освоил нешто повеќе од 203.000 гласови: мошне реални, ниту малку театарски или „божемски“. Ќе победеше за влакно.

Шест години подоцна, 2000, станал дипломат – македонски амбасадор во Софија. Успешна улога.

Потоа, по парламентарните избори 2006, авансирал во претседател на Собранието на Република Македонија. Со тоа, сметано формално-хиерархиски, тој станал втор носител на највисоката власт во државата. Ептен крупна улога. Во хеленистичкиот театарски систем таа улога е типологизирана како онаа на втор актер.

Во моментов, Љубиша Георгиевски го привршува својот втор успешен амбасадорски мандат – овој пат во Република Србија. Тој, нели, е успешен – хронично успешен, повеќе од успешен! – во сè со што ќе се нафати.

Љубиша Георгиевски е креативец plus ultra, позитивец по вокација, фанатик по биоритам, сонувач по раѓање, работохолик по карактер,ѕвездалија кому наречниците му предодредиле секогаш да чекори по сончевата страна на улицата…

Театарџија од исклучителен, речиси ендемичен сој. Еден од најавтентичните што сме ги имале, кога било. Некогаш дури и напорен, ама секогаш тесписовски заигран, драгоцен дотука бидува.

РАЗГОВОР СО ПРОФЕСОР ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ, ДОАЈЕН КОЈ ГОДИНАВА СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ

Ако се разграничи лудилото од разумот, ќе не снема!

Вака во една реченица би изгледал сублиматот од разговорот со професорот, режисер, есеист, драматург, светски театарски патник Љубиша Георгиевски, особено кога е во прашање односот на (и)реалноста во спрега со уметноста, која, според него, ја користат и им треба само на 10 проценти од човештвото, но сепак, токму таа го турка светот напред

 

 

 

 

 

 

 

 

За театарскиот режисер, драмски автор, професор, светски театарски патник, напати и магионичар, Љубиша Георгиевски, е речиси непотребно да се зборува многу, бидејќи тој зад себе остави трага која ретко кој театарски сладокусец ја нема ѕирнато, видено или одено по неа… Затоа, иако имавме директен повод (заокружување на животната и на професионална врвица), заокружена како 77/55 (живот и творештво), разговаравме едноставно, ненаметливо, неизнасилено, затоа што со него секогаш има за што да се зборува…

1. Следејќи ја приказната на вашиот Елсинор, Хамлет, Офелија, Клаудиј, Гертруда и останатите, се наметнува едно суштинско прашање: ќе не биде или не?!

-Јас сум тврдо убеден дека ќе не биде, бидејќи нашиот народ минал низ нашата маќеа историја многу врвици, а тоа што останало или ќе остане е нашата судбинска поврзаност со творештвото. Ние сме следбеници на проклетијата на творештвото, односно сме многу покултуротворен народ, отколку државотворен. Нас не може да не снема, а ако не снема, тоа што сме го створиле ќе остане…
Покрај судбинската поврзаност со светот, човекот, па и ние со него, сме во тесна врска со глупоста, бидејќи е познато и според Ајнштајн дека единствено глупоста и универзумот немаат крај…

2. Сепак, може ли оној што мисли да најде некакво чаре, азил?!

-Точно е дека глупоста, насилието и страста го танцуваат своето оро од памтивек до денес. Во тоа сесрдно им помага и политиката, која е циркуска вештина, а не е во состојба да ги следи сопствените цели, во кои феноменолошки гледано, човекот треба да е зоон политикон, што подразбира свесност за нештата, создавањето… Спротивно на ова, сведоци сме дека светот е една голема стапица, а стапицата е поставена од тврдокорните следбеници на нејзиното величество глупоста!

3. Може ли да се извлечеме барем мисловно во една шах партија од црното во светот?

-Единствен спас во таа партија шах треба, може и мора да биде уметноста. Таа, уметноста, во 90 проценти не му е потребна на човекот. Но, токму тие десетина проценти кои ја живеат, всушност, по идеја и инвентивност го туркаат светот напред.

4. Можете ли своите 55 години творештво да ги сублимирате во четири-пет реченици…

-Тоа не е можно, бидејќи се отвора едно разбранувано море, за кое може да се раскажува со денови… Дали за моите десетина забранети или забошотени претстави, дали за режијата која е моја редовна дневна хигиена, дали за писмото и теоријата, педагошката работа… За сето тоа е потребен тренинг, кој јас во животот досега катадневно го употребувам, без разлика дали мисловно или физички… Бидејќи ние, режисерите, сме еден вид фудбалски тренери, кои мора секогаш да се во беспрекорна кондиција… Е, сега, тоа што не сме платени колку нив е наш проблем, не нивни…

5. Вашата приказна со Шекспир продолжува…

Да, имало многу Шекспири во мојот живот. Почнувајќи од првиот “Хамлет” во Битола (1965), па преку “Отело”, Јулиј Цезар”, па повторно Хамлет”, “Веселите жени виндзорски” и уште многу од нив… Решив малку да се занимавам со поинаквиот процес и приод на Шекспировата мисла и идеја… Не се сложувам со идејата дека ако врз неговите темели градиме нешто друго, ќе се изгуби самиот тој. Затоа, Аферата Елсинор” беше еден предизвик и патување од кое излеговме обајцата како победници …

6. Во вашиот, а отсега и наш “Хамлет”, односно “Елсинор” “видно место” има и кодошлакот…

Па да, тоа по проституцијата е најстариот занает, уште од Јуда, па наваму. И нормално е кога е тука околу нас да не се правиме слепи дека не му обрнуваме внимание. Затоа пристапив кон оваа тема со должна почит и внимание…

7. А можно ли е негово искоренување?!

Не! Апсолутно, кодошлакот постоел и ќе постои и не може да се искорени, но и да може, за тоа време додека се случи тоа, ако се случи, уште многу вода ќе потече низ Вардар…

8. А лустрацијата како можно решение?

На луѓето кои се занимаваат со изнесувањето на кодошите на видело и на нивната работа гледам како на герисџиска работа. Тие, всушност, сакале или не се, герисџии. Но, правно и државнички гледано, лустраторите треба и мора да постојат, а и таа работа, како и секоја друга, мора некој да ја работи…

9. Некако, следствена или кулминативна точка на глупоста и на останатите нејзини придружници е лудилото…

Да, затоа јас преку писмо, збор и сцена се занимавам со него. Но, не нужно лудилото значи изместена реалност. Еве, на пример, во Италија работев еден проект во лудница со бивши актери кои под различен сплет на околности се мрднале од умот. Просто беше фрапантно колку кај нив понекогаш имаше почиста мисла од онаа на нас “здравите”. Затоа, никогаш немојте ни да помислите дека можете или сте ја разграничиле лудоста од разумот. Зашто ако се случи тоа, ќе ја снема уметноста, смислата на постоењето, а и нас …

Авторски манифест 77/55

… Мојот живот, а особено моето творештво, моето 77/55, беше враќање на Одисеј во Итака. Итака е театарот како азил, ако не на самиот живот, барем на неговата загубена смисла. Минав низ театарот на крилја и на тркала како ангел и како магаре од најпустата на светот Зеница, до градот на “Свет-Сон” – Лос Анџелес и ако таму имав кошмари, тоа е затоа што сонував… Минав и низ театарот и како политички азил и ако таму понекогаш блескав, макар и како азилант, тоа е затоа што горев!… Сиот живот, токму како Одисеј, бев гостин: во Прилеп и во Далас; во Штип и во Париз; во Струмица и во Варшава; во Битола и во Виена; во Куманово и во Москва…
Моето 77/55 среде барокниов раскош ќе мине низ еден минималистички театар на метафизика, зашто јас конечно, оддалеку, но јасно, ја здогледувам и својата Итака, додека театарот/Пенелопа верно ме чека.
Благодарејќи ви од срце што ме истрпевте цели 55 години, ве молам само за едно нешто: вечерва да не сеирите, туку додека ја гледате, да ја довршите претставата што јас не ја довршив, зашто од сите мои 161 претстава ниту една не довршив и да не бевте вие, публиката, ќе си останев и самиот недовршен…
Љубиша Георгиевски (извадок од програмчето за најновата премиера “Аферата Елсинор”, МНТ)

Борче ГРОЗДАНОВ