
Покрај изведбата на претставата „Монтеки и Капулети“ (на 28 јуни) и монодрамата „Историјата на принцот Х.“ (на 29 јуни), полскиот куклен театар од градот Бјелосток овозможи уникатна средна меѓу актерите и публиката во Битола. На работилницата „Принтај ја твојата идеја“ за креација на кукли базирани на препознатливиот череп од шекспировата претстава „Хамлет“ беа создадени триесетина уникатни кукли.
Со работилницата раководеа актерите од полскиот театар, а планирано е сите изработени кукли да бидат претставени на заедничка изложба пред почетокот на вечерашната претстава „Историјата на принцот Х.“.
„Целта на работилницата е да се разбијат стереотипите за куклениот театар, но и да се избрише границата меѓу актерот и публиката. За тоа имаме современа технологија што ни овозможува да изработиме 3Д-кукли, како и принтер со кој го изработивме 3Д-каталогот“, објасни Каролина Кумпјаловска, координаторка на проектот „Куклен паноптикум – паноптикум Шекспир“.
Како и претставите, така и работилницата за изработка на кукли не се однесува само за деца, како што наведува името на театарот, туку се однесува за сите возрасти.
„Правењето на куклите е наменето и за возрасните, бидејќи на тој начин сакаме публиката да се почувствува поблиска со театарот, но, од друга страна, со работилницата и со презентацијата сакаме да пренесеме и дел од полската култура на фестивалите кадешто настапуваме“, објасни Бјелостоцкиот куклен театар од Полска.
Куклениот театар во Бјелосток е активен уште од 1953 година и е еден од најстарите театри во Полска, кој од 1972 година одржува куклен репертоар наменет и за деца и за возрасни. Во рамките на театарот има и школа за изработка на кукли, додека продукцијата на театарот опфаќа претстави за деца, претстави за возрасни и експериментални претстави, во соработка со Варшавската академија за театар.
Проектот „Куклен паноптикум – паноптикум Шекспир“ се реализира во текот на 2015 и 2016 година со поддршка на полското Министерство за култура и национално наследство, а со цел да се промовира полската култура и полскиот куклен театар на фестивалите „Вирвар“ во Косице, Словачка, и на „Битола Шекспир фестивал“ во Македонија.