Три грации половина век театар!

МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ” ВО ЗНАК НА ЛАУРЕАТКИТЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Три грации одбележаа половина век театар!

“Она што го добил македонскиот театар од овие три дами Сабина Ајрула -Тозија, Елхаме Билал и Лилјана Мазова е пред се искрена љубов и посветеност, исклучителна способност за поместување на естетските потенцијали, верност и долгогодишна соработка … “, се вели во образложението за наградите

13428036_10153712398888100_3063121109775244283_n

“Од вечерва овде, во Прилеп, на фестивалот “Војдан Чернодрински” жените го менуваат и вртат светот”!- оваа кратка парафразирана реченица од театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова всушност е сублиматот на она што го одбележа отварањето на 51. Фестивал на македонски театар во градот под Марковите кули.

А дека тоа е така се потврдува и во образложението, кусо но ефектно, за наградите за животно дело на актерките Сабина Ајрула -Тозија, Елхаме Билал и веќе спомненатата и цитирана Мазова: “Она што го добил македонскиот театар од овие три дами е пред се искрена љубов и посветеност, исклучителна способност за поместување на естетските потенцијали, верност и долгогодишна соработка … “.

Овие наши три грации речиси половина век го одбележуваат и директно учествуваат во театарскиот живот и уметност во Македонија. Сабина Ајрула- Тозија тоа го прави преку присуството во речиси сите најзначајни и естетски најрелевантни продукции на нејзиниот Драмски театар, но и пошироко (НТ “ЈХ К- Џинот од Велес, НТ Куманово, Тетар за деца и млади Скопје и повеќе независни театарски продукции), а својата популарност ја стекнува и на филмското платно и во повеќе ТВ серии од домашната продукција. Актерката Билал својот печат и респектабилност ги потврдува во некогашната Албанска драма, денес Албански театар од Скопје.

Создавањето ролји на неколку јазици, креирањето ликови од различни профили создале актерка што секој театар или филмска екипа посакува да ја има во својот ансамбл. Лилјана Мазова, пак, преку своето авторско перо (со над 10 000 библиографски единици) преку низата од монографски изданија во кој е директен учесник, соработник или комплетен автор, го посведочува времето кое треба да биде сочувано од ефемерноста и заборавот…

Карактеристично за сите три наши грации е тоа што и тоа како се присутни во нашиот театарски простор и време, а доказ за тоа е фактот што Елхаме е годинешен учесник на МТФ Војдан Чернодрински и тоа публиката може да го види вечерва во “Арсеник и стари тантели” во режија на Куштрим Бектеши , претстава што албанскиот театар ќе ја изведе во 19 ч на сцената на театарот Војдан Чернодрински.

Лилјана Мазова пак, денеска точно напладне ќе има промоција на монографијата за Турскиот театар во Скопје насловена како “Со сигурни чекори до целта” чиј автор и соработник е токму таа заедно со актуелниот директор на театарот Атила Клинче. Сабина Ајрула Тозија, пак, речис и веднаш по враќувањето на наградата, односно наредниот ден сабота се подготвуваше за лет во Турција на завршица на снимањето на нова турска серија во која таа учествува, по учеството во “Величествениот ” кој пак, и донесе поширока домашна и светска слава.

Покрај веќе најавените настани денешниот ден ќе го одбелеи и промоцијата на “Патникот” од нашиот новинар Борче Грозданов -Пандур (12 ч) веднаш по промоцијата на Мазова, а промотер е рецензентот Христо Петровск. Во театарскиот дел се уште и представите “Суд” од Коле Чашуле (22 ч, НУЦК Марко Цепенков) на Штипскиот театар, а во режија на младиот Дамјан Читкушев, во официјалната конкуренција, а за точно на полноќ во придружната програма закажана е “Обѕрни се во гнев” на НТ Битола во режија на Кристина Димитрова (НТ Војдан Чернодрински, 24 ч) .

Досегашната фестивалска програма ги вброи комедиите “Име” на Театар Комедија, со која се отвори фестивалот, “Ревизор” на НТ Куманово, претставите “Јов” на Драмскиот театар и “Прометеј” во продукција на Турскиот театар од Скопје. Придружната програма ја “украсија” Мртви уши” од ФДУ, “Дафина од Серез некрстени денови” на Скрб и Утеха, “Последната ноќ” на НТ Битола и класен непријател на Велешкиот театар.

Органзаторите и годинава можат да бидат задоволни од посетеноста, раздвиженоста и активноста на фестивалската публика која ги посетува претставите за потоа да се поридружи на дружбите кои траат до раните утрински, сеуште фестивалски часови.