Роден е во Прилеп, 1945 година.
Во Народниот театар во Прилеп работи од 1965 година. Во својата досегашна кариера оставил длабоки траги со својот ангажман (редовен и впечатлив) играјќи ролји со предзнакот главни, стожерни…
Настапувал во дела од домашната драмска продукција, но и од светската класика и современата драматургија. Во неговата селективна театрографија секако не би можеле да изостанат ролјите како што се, на пример, Протасов во Деца на сонцето, Креонт во Антигона, Агатон во Нажалена фамилија, Аџи Трајко во Бегалка, Горчин во Скок преку кожа… Во овој ред на нештата спаѓаат и неговите ролји во комедиите на Миле Попоски и во низа водвилји (особено во оние од Реј Куни), а во своето зрело доба остварува забележителен настап во улогата на Киро во Полковникот птица од Христо Бојчев, а настапувал и во претстави за деца. За својата ролја во претставатаСобирен центар од Д.Ковачевиќ ја освојува наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на комедијата во Корча, Република Албанија. Во зенитот на својата актерска кариера особено успешна ролја остварува во дуо-драмата на Ги Фоази Залив во режија на Коле Ангеловски. Тоа е ангажман со тестаментално значење и тежина низ кој до израз доаѓаат специфките на неговиот актерски хабитус. Трајче Иваноски е актер со специфичен сензибилитет кој подразбира воздржаност и суптилно ослушнување на барањата на ликовите кои по правило се карактери со истенчени односи и чувства. Иваноски подеднакво успешно настапува и како комичар, но и во ролји со драмска профилација. Во неговата креација речиси секогаш се пројавува неизбежната луцидност, запрашаност и зачуденост кои на крај резултираат во убави актерски остварувања кои не ја оставаат публиката рамнодушна. Посебно притоа, треба да се истакне неговиот рационален приод во градењето на ликовите без оглед за кој жанр станува збор. Освен на својата матична сцена настапувал и во Драмскиот театар од Скопје и во Битолскиот театар. Неизбежен дел од неговиот актерски опус се и ролјите во други медиум особено во ТВ драми, серии, како и во Радио драми. Во неговата биографија останува забележано дека е еден од основачите на еколошкиот детски театар (1995). Добитник е на поголем број награди и признанија.
Пред нозете ми беше ѕвездата на Џек Николсон
Тој 10 јуни 2011 година ќе остане за цел живот врежан во мојата меморија… Доживеав нешто што не се опишува со зборови… Пред себе гледав преполн салон во “Марко Цепенков” и публика која простум не поздравуваше… А аплаузот… Ете тоа е она што ми го направи тој ден посебен…”, го започнува својот непосреден и жив разговор за ВЕЧЕР, Трајче Иваноски, годинашниот лауреат на наградата за животно дело на неодамна завршениот МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп. Така, Трајче ни ја пренесе онака, актерски, уметнички, непосредно, како што само актерите умеат, вечерта во која тој Џумерко (Благоја Спиркоски н.з.) и Коле (Ангеловски н.з) беа и дефинитивно верифицирани како ѕвезди што не згаснуваат.
А кога само ќе се сетам дека во младоста имав друг филм, сакав да одам во странство, тој младешки ветропирен сон да го остварам преку имање многу пари и ни на крај памет не ми паѓаше да помислам дека ќе бидам актер. Но, во секој случај кога еднаш застанав на прилепската сцена дури и сега по пензионирањето не можат да ме оттргнат од неа…”. Говори за страста Трајче Иваноски – Пепи, прекарот по кој сите го знаат во Прилеп.
Не сакам да се сеќавам на тажното, секако дека имаше и такви моменти, но во секој случај сакам да ги паметам убавите мигови како што беа бројните гостувања на Прилепскиот театар и во најзафрлените краеви на Македонија, сакам да се сеќавам на Екран театар фест, манифестација која го здружуваше “најдоброто од Македонија” и ги тераше театарџиите на дружба. Шетавме низ цела Македонија и се дружевме секој со секого…”, говори за боемско уметничкиот дел на својата професија Иваноски.
Среќен сум што и мојата сопруга Лидија е актерка и дека заедно го делиме и лебот и животот… и особено ми е драго што дојдов во “нејзината лига”, бидејќи и таа пред две години ја доби заслужената награда за животно дело. Можам со гордост да кажам дека токму јас и таа ја “донесовме” дуодрамата на сцената на Прилепскиот театар, најпрвин преку “Кому му е сеедно” од Бранко Илиевски во режија на Ацо Алексов, а потоа и преку “Залив” од Ги Фоази, во режија на Коле Ангеловски.
Особено ми е драго што сум и се чувствувам како камен-темелник на пирамидата на Прилепскиот театар, кој во последните години ниже извонредни успеси носен од младата генерација, пред се, но и од нас постарите, како неизоставен дел од мозаикот…., вели за успехот на својот матичен и театар од родниот град Трајче.
А запрашан општо, што му недостига на театарот во Македонија, Трајче Иваноски потенцира: Недостига поголемо внимание од страна на Министерството за култура за театрите во внатрешноста. Неретко, за жал, се даваат пари за претстави кои на репертоарот се прикажуваат еднаш-двапати, а не се експонираат театри како што е нашиот на пример, кој веќе три-четири години по ред е во евидентна експанзија. Еклатантен пример за успех со малку средства е “Антица”, чие опремување и вообличување на сцена не чинеше повеќе од 10.000 евра, а знам (а и сведоци сме) за енормно скапи проекти кои пропаднале по една, две, максимум три изведби…”.
За своите сеќавања да ги заокружи со своето патување во САД, Холивуд, каде како ментор на својот внук кој живее таму и снимал некоја тинејџерска серија имал можност да го види студиото на Парамаунт Пикчерс и во еден момент пред нозете да му се најде ѕвездата на Џек Николсон во улицата на славните. “Немаше посреќен момент во мојата кариера. Стоев пред ѕвездата со името на човекот кој ми бил урнек во животот од млади години, а и до ден денес навистина на Николсон капа му симнувам”, заврши Трајче Иваноски Пепи, кој својот творечки актерки живот го заокружи и верифицираше на многу убав и доличен начин со наградата за животно дело.
Борче ГРОЗДАНОВ