Спуштена завесaта на 41.МОТ

Невозвратената љубов поради која страдаат Трепљов, Маша, Нина Заречна, Тригорин и Ирина Аркадина како ликови од „ Галебот“ на Антон Павлович, е истото она чувство за кое Мицика од претставата „ Мртовецот доаѓа по љубената “ , во режија на Јернеј Лоренци и во продукција на театрите од Крањ и Птуј, беше спремна да премине од другата страна на свеста за да се сретне со починатиот и сакан Анзел. Во урбаната џунгла останата без сопруг, за љубов страдаше и ликот на Ника, во претставата „ Мртва точка“ на романскиот театар „ Тома Карагиу“, во режија на Раду Африм, со која се затвори годинашниот МОТ. Овие две претстави, естетски сосема различни, осврнувајќи се кон љубовта и смртта , тематски отскокнуваа од востановениот фестивалски концепт. Иако понудија беспрекорна актерска игра, режија и мултимедиа, особено словенечката „ Мртовецот доаѓа по љубената“, останува впечатокот дека тие не морале да се донесат на МОТ, посекоја цена. Можеле барем да бидат пост мотовски гостувања.Играј , играј, играј На МОТ годинава се играше на два пати. Стекнатите знаења во областа на современиот танц пред публика ги прикажаа нашите млади танчери и кореографи од „ Скопје танцов театар“ : Валентино Апостоловски, Анастасија Данчевска, Адријана Данчевска и Александра Петрушевска. Тие на музика од Александар Гроздановски со леснотија и енергичност го изведоа танцовиот проект „ Без наслов- симбол“, базиран на геометриската зададеност, од точка А до точка Б. Сепак, вистинското уживање дојде со настапот на танчерката и кореограф Маура Моралес од Куба. Таа се претстави со физичкиот театар, „ Желба за концерт “, во кој ги спојува современиот танц, пантомимата и актерството, раскажувајќи многу сугестивно низ движења и гестови, приказназа млада жена, која се бори со осаменоста и секојдневната рутина во домот, копнеејќи по љубов, нежност и допир. Иднината на фестивалот
Регионалните копродукциски проекти одамна се карактеристика за МОТ. Овојпат, тој вид соработка беше прикажан низ театарскиот омнибус „ Правда“ , составен од 7 кратки пиеси, на кои од 2013 година наваму работеа студенти во мешан состав, од академиите за драмски уметности од Љубљана, Загреб, Белград, Сараево, Нови Сад, Цетиње и Скопје. Копродукциите секако остануваат карактеристика и за иднината на фестивалот, кога станува збор за соработката и вмрежувањата на професионалните и независни театри кои го делат истиот регионален културолошки контекст. Но она што е поважно за иднината на МОТ, е потребата да се вратат разговорите за одгледаните претстави зашто без нив фестивалот е глува театарска ревија , без дијалог на публиката и стручната јавност со учесниците. Како тоа ќе го реализираат организаторите, останува тие да решат. И уште нешто, крајно време е , покрај Министерството за култура и локалната самоуправа, бизнис заедницата да биде поширокограда во субвенционирањето на овој фестивал.Во време кога квалитетот се поскапо се плаќа, за што говори фактот дека за гостувањето на „ Галеб“ на Остермаер беше потрошена половина од буџетот за годинашниот МОТ, со што успешно беше избегнат впечатокот дека имавме уште едно просечно издание во стилот колку пари – толку музика, останува на организаторите од МКЦ поактивно да ги контактираат бизнисмените , иако е познато дека кај нас естрадата поздушно е спонзорирана и донирана од културата и покрај еднаквите законски можности за ослободување од плаќање данок. Тоа треба да биде предизвик за фестивалот, зашто за повеќе од 4 децении постоење сеуште не се донесени претстави од Брук, Вилсон, Некрошиус… Со нив МОТ ќе го зајакне легитимитетот како релевантен регионален театарски фестивал на меѓународната сцена, а и ќе ги задоволи естетските потреби на неговата информирана и пробирлива публика.Сотир Трајков
За во рамче-антарфиле:

Авторот на овие редови останува со двојбата во себе,околу прашањето која беше најдобрата претстава на 41 МОТ ? Според прикажаната минималистичка естетика и прецизна актерка игра работена според принципите на Станиславски, тоа е претставата „ Галеб “ на Томас Остермаер. Но вметнатите коментари во првиот дел, во продолжението
исчезнаа, па остана впечатокот дека од војната во Сирија и критиката на потрошениот современ театарски израз до самоубиството на Трепљов, драматуршки структурата на претставата не е целосно заокружена. А, „ Ние, европските лешеви“ на Словенско младинско гледалишче, беше најблиску до провокативните и експресивни Mотовски претстави какви што се очекуваат на фестивалот, драматуршки, режисерски и актерски прецизна до детаq. Но останува дилемата, pred se поради многу пати прикажаната ваква естетика на МОТ.

Сотир Трајков