Со шиена нога играв премиера и реприза
29 јули 2016

Актерот Ѓорѓи Јолевски важи за еден од најподготвените и најпосветените на својата професија. Но, дури и на таквите како него, на сцената во театарот, може да им се случат пехови и непредвидени работи. Така, нашиот јунак Јолевски верувале или не, доиграл претпремиера со пресечена нога, а потоа со зашиена рана ги изиграл и премиерата и репризата!
За конкретната случка ни раскажува самиот Јолевски:
“На генералната проба или претпремиерата на претставата “Калигула” во режија на Коле Ангеловски, во сиот жар на играта во еден момент забележав црвени траги на сцената. Не сфаќајќи што се случува отпрвин помислив дека тоа е од лакот за нокти кој го користев во една од претходните сцени. Но, количината на црвенилото беше многу поголема од содржината на шишенцето лак. Дури откако ги видов ужаснатите лица на колегите и техниката зад сцената забележав дека сум ја пресекол ногата. Од необработената сценографија, поточно од еден железен праг на едно од скалилата, заработив рана широка 4 сантиметри, а длабока речиси до тетивата на ногата. Во една од промените иако сакаа да ме однесат во болница јас им реков само да ми ја преврзат со крпа и ја доиграв претпремиерата…
Но овде не е крајот на неволите…
“Откако се се заврши, бидејќи имав само два дена до премиерата заедно со тогашниот директор Благоја Чоревски отидовме во болница и побаравме начин да се смири болката на веќе зашиената рана санирана веднаш по претпремиерата. Ми предложија 12 инјекции за да не чувствувам болка, а да можам да ја движам ногата, но не ми гарантираа 100 отстотен успех. Сепак прифатив, но, најверојатно, од една од инјекциите добив алергиски шок. Почна јазикот да ми се здебелува и ја изгубив контролата над себе. Додека докторите се обидуваа мене да ме повратат од шокот, директорот Чоревски гледајќи ја сцената падна во несвест. Истото и се случи и на мојата мајка која беше дојдена од Битола, специјално за премиерата. Нејзиното онесвестување најверојатно беше реакција на тоа што се вратив дома блед како крпа”, вели Јолевски.
Актерскиот инает и пожртвуваноста се факторите кои влијаеле сепак, да не се одложат премиерата и репризата:
“Едноставно ме зафати ужасен бес и одлучив да ја завршам работата до крај. Така, по вториот обид за санирање успеаја да ми ја мобилизираат ногата и болката и јас успеав да ги одиграм и двете претстави. Дури потоа побарав 15-дневен одмор”, се присетува Јолевски.
Тоа се случило поодамна, односно кога Јолевски беше млад актер во полна снага. Но неодамна на премиерата на “Кирил и Методи Who are you?!” на Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски, Јолевски иако на 52-годишна возраст ги покажал и своите актробатски способности:
“Во една сцена Кирил, ликот кој го играм, се качува на метална конструкција висока 4,5 метри. Значи, растојанието од мојата глава до сцената изнесуваше повеќе од 5 метри. Додека траеше дејствието, забележав дека една од железните шипки се разнишува и има опасност целата конструкција да се распадне. Имав две опции – едната беше да се фатам за неа и да паднам долу ризикувајќи остатокот од сценографијата да се урне врз мене. Но јас ја одбрав втората, ја отфрлив шипката од себе и скокнав и тоа на коцки мраз кои беа распослани долу, расфрлани во една од претходните сцени. Во моментот бидејќи бев полн со адреналин не почуствував ништо ја доигравме премиерата, но резултатот од ова случка беше мое двомесечно накривнување#, раскажува Јолевски.
Овие две случки се уште еден пример дека Театарот покрај естетската убавина што ја има потврдува и дека понекогаш сценските штици навистинат можат живот да значат!