Сега, може да се кладиме дека е хит!

За добра приказна и театар се потребни една мала сцена, бравурозни актери, инвентивен режисер, добар текст… за да се распостели една приказна, која е забавна, но и воедно ги поставува темите и дилемите за раскинатите нишки, прељубата, потрага по патот на маргиналците…

Една мала сцена, гледалиште – кутивче, тројца расположени актери, инвентивен режисер, добар текст… Ова се основните компоненти за добра забава, но и сериозна театарска претстава! Тоа го видовме завчеравечер на премиерата на “Не се клади на Енглези”, работена по текст на Владимир Ѓурѓевиќ, со бравурозните Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски. Тие заедно со режисерот Синиша Евтимов, ни покажаа дека доколку се сака понекогаш театарот може да биде “ѓаволски” лесна работа! Маалските другари Паун (Коцев), Буле (Микиќ) и Пикси (Митковски), чекајќи на “добитно” ливче да заврши натпреварот, стануваат (не)свесни дека всушност, играта завршува или привршува во нивните животи… Значи, оваа пиеса не е само забава која жаргонски и прикладно ја сместил Микиќ во наши услови, туку тоа е слика како една (не)обична спортска игра може да стави крај или да започне нови животни дилеми…
Сето тоа вклопено на малата, но функционална сцена, која прикажува дневна соба ни понуди забава, смеење, но и нож в грб и подголтнување и навестување на солза… Така, добитното ливче е искинато, животните нишки раскинати, прељубата долговечно секојдневие, а изгубените маргиналци продолжуваат во потрагата по својот пат… Тројцата актери кои и по природа се импулсивни и енергични ја “истурија” својата енергија на сцена, ползувајќи го инвентивниот минималистички мизансцен на Евтимов, подреден на вербалното во пиесата, ни понудија нешто што навистина можеме “да се кладиме дека ќе е хит!”… За сите оние (а ги има многу) на кои обложувањето (никако на Енглези!) им е забава, но понекогаш и начин на живот, МНТ како поддршка на овие дечки, во нивната приватна авантура, на малата сцена воедно, отворена со нив, им нуди (не)секојдневна, животна забава! Одете, вреди да ја погледате!