ПОЛСКИОТ УМЕТНИК МАРЕК ВАЗИКЕЛ

Куклата не е само за деца!

Полскиот театарски работник, историчар, критичар и директор на Театарот за анимација во Познањ, Полска, Марек Вазикел, се занимава со еден специфичен сегмент на театарот, а тоа е куклата и кукларството, односно театарот со кукли. Тој, покрај тоа што директорува, уште и е професор по историја за куклена уметност на Театарската академија во Варшава, каде што во еден период (1999-2005) бил продекан на Одделот за куклена уметност во Бјалисток. Член е на многу меѓународни здруженија кои го негуваат кукларството, бил член на жири на многу вакви фестивали, а и целата своја историско-уметничка работа и ја посветува токму на оваа специфична театарска култура. Според него, куклениот театар, односно куклата како изразно средство постои многу поодамна отколку што може да замислиме.

– Верувале или не, првите документи, односно траги за постоењето на куклата од театарски аспект постојат уште од пред 23 века пред Христа. Многу е важно да се каже дека историјата за кукли за деца е само малку постара од еден и пол век (се појавува во 60-тите години од 19 век). Низ вековите претставата со кукли, всушност, била многу сериозна работа и била за секого. Постојат сведоштва дека кралските кругови на Франција присуствувале и го сакале токму овој вид театарски израз. И Шекспир уште од дете на 6-7-годишна возраст гледал токму вакви изведби. За жал, тој не се занимавал со овој вид уметност бидејќи во Англија куклата посериозно се користи кон крајот на 16 и почетокот на 17 век. Во прво време таму се користеле во изведби претежно од комедијантски карактер, за потоа да се прават и “сериозни# проекти. Кукларството во Европа се шири најпрвин од Холандија, па потоа во Германија, па оттаму, логично, продолжува традицијата и во Полска.

За спецификата на ваквиот вид театар Вазикел вели:
– Интересно е што динамиката и дејствието во претставите со кукли е многу побрза и пожестока од вербалните живи претстави. Ваквите изведби се лишени од долги монолози, кои не се интересни. Оттаму, се почесто почнале да се прават комбинирани претстави, па така веќе во 18 век се комбинирале дејствија со живи актери и кукли кои биле водени исто така од актери, но врвни познавачи на овој театарски занает. Од денешен ракурс гледано кукларството го има предзнакот на уметност за деца, но тоа не е така во Европа и светот…

Постојат многу сериозни проекти и театри кои се занимаваат како со митови и легенди, така и со модернистичкото гледање на светот, а сето тоа преку куклата. Во светот, а во Европа особено, има стотици театри, некои дури и се под капата на државата, некои приватни, некои под покровителство на европските градови. Во Полска има десетици вакви театри, кои функционираат одлично и кои имаат своја публика.

Бидејќи кај нас, за волја на вистината, ваквиот тип на претстави (освен пред 50-ина години) речиси го нема, освен во претставите на Театарот за деца и младинци и една претстава во поново време во Кумановскиот театар, го запрашавме Марек Вазикел како да се дојде до поцврста комуникација, односно размена на искуства со Европа и светот:

– Тоа е многу лесно можно, само кај вас да постои заинтересираност за многуте фестивали, форуми, симпозиуми, кои се одржуваат на годишно ниво речиси низ цела средна Европа. Во денешната ера на интернет-комуникацијата тоа е лесно остварливо. Треба само да се има волја и интерес. За жал, јас сум бил учесник на многу вакви настани, но не сум сретнал досега човек од вашата земја кој за занимава или се интересира за овој тип уметност. Ви велам, треба само да се има волја и да се погледне надвор од границите и се е достапно и допирливо. Само така ќе може да го заживеете кукларството кај вас.

Борче ГРОЗДАНОВ