Ни гипсот ништо не ми може!

ЕДНА ПОВРЕДА КАКО ПОВОД

Гораст Цветковски: Ни гипсот ништо не ми може!

Од десетиците ролји речиси сите впечатливи по својата специфичност Гораст, сепак, одбра да ни раскаже едно негово не скопско, не матично, односно битолско патешествие – како скршил зглоб и како играл повреден. Заклучокот му е – Да е жив и здрав Митката (докторот) и како ли не го послушав… ГЛУП!

 

Насловната реченица е премногу строго определена, но сепак, сублиматно (иако изведена) го исцртува профилот на актерот Гораст Цветковски и неговиот (не само) професионален инает кога се работи за она што на актерите, но и на она што на актерите им е најмило – премиерата!

Од десетиците ролји речиси сите впечатливи по својата специфичност Гораст сепак одбра да ни раскаже едно негово не скопско, не матично, односно битолско патешествие:

Во 2010 година режисерот Јован Ристовски ме покани да гостувам во неговата претстава “Градината„ во Битолски театар. Се беше во ред (нормално, со сите театарски барикади за време на секој процес на правење на претстава) додека на 10 дена пред премиера јас не го скршив левиот скочен зглоб. И нормално, штаки од реквизита, дирекно на лекар, снимање и одма гипсирање. Докторот (Митката од Битола) “со пиштол” ми забрани да се движам еден месец, па да дојдам на контрола, па после ќе видиме… Арно ама, како и што бива за секој актер, нели, театарот е најважната работа на светот и ништо не е поважно од тоа да излезе премиерата… Ма какво здравје, каква повреда,… НЕМА! Премиерата мора да излезе.
И така, додека ми го ставаа гипсот, намерно го мрдав зглобот за кога гипсот ќе се стврдне да можам да се движам… и така бидна. Првите два дена офкање и болки, а после тоа на проби. Згора на се на 3 дена пред премиера, со гипсот ја играв претставата “Суд„ на Охридско лето, па назад во Битола.
Премиерата помина одлично, режисерот беше задоволен, публиката пресреќна, а денеска една од малкуте работи што останаа од тоа лето е константната болка која ме потсетува на – здравјето, пред се! Да е жив и здрав Митката и како ли не го послушав… ГЛУП!