Ниту небото не е лимит

МАЈСТОРОТ И МАРГАРИТА – БЕЗГРАНИЧНА ТЕАТАРСКА ПРИКАЗНА

За прекрасното уживање со претставата Мајсторот и Маргарита што по Булгаков режисерски ја создаде Иван Поповски со извонредната екипа на МНТ

Има многу приказни во светот и на светот, има многу дејствија, сега и овде, има многу патишта, трошни и помалку трошни, но земски, а вистинска реткост се оние вонземските за кои и во кои ниту небото не е лимит!

Една од тие приказни ни пружи петчасовно уживање играјќи си со нашите, но и сите умови кои сакаат да си поиграат со темата: Универзалноста на Љубовта, која замислете би ги помирила сатаната и Бог! Неможно нели?!

Епа на сцената на Македонскиот народен театар и тоа стана Вистина, засега само театарска на невидливите темели на фикцијата, на патот кон фантастичното… Постулатите на магот Михаил Булгаков, кој луцидно си поигрува со секое “системско, здраворазумско” размислување, во кој фантастичното и фантазмагоричното е во служба само на единственото можно – заздравувањето во еден свет кој е далеку од нас, но сепак го има некаде, само за нас и треба да го најдеме… Се надградуваат со извонредно живиот поставен како голема слика, јазик, на режисерот Иван Поповски, мајсторот на театарската слика, но и перфекционистот кој буквално ништо не остава на случајот.

Така, бевме сведоци на мноштво слики, но и фантастични колоритно обоени односи и карактери, кои ја создадоа извонредната вонвременска (не само) театарска слика насловена како “Мајсторот и Маргарита”. Во раката или палката Поповски бездруго имаше магионичарско стапче (а за тоа и буквално само навидум минимално потпомогнат и од вистински магионичар – гостинот од Италија илузионистот Гаетано Триџано) со кое ги помири доброто и злото, со кое Волант го призна постоењето на Бог, со кое “Мајсторот и Маргарита” се љубат таму некаде не таму каде што можеме да ги достигнеме, да ги видиме ами и почувствуваме, без ни да помислиме да им додеваме…

Во неговата приказна, како и во онаа на Булгаков, џелатот и жртвата танцувајќи по месецот си муабетат за бескрајот, настрана од земните глупости, стркалани глави, лажни пар, идиотски и скриени (не)морал и сето она што ние како земни суштества го носиме… А, материјалот на повеќедимензионалноста на оваа театарска претстава се секако живите, но и духовни суштества на сцената – Актерите. А за нив едно и единствено БРАВО!

Браво за Никола Ристановски и неговиот Волант, кој играта на Злото за Добро и интелигентниот нерв ги искористи до максимум за да ни покаже што и колку може едно актерско суштество да издржи и да биде верно и точно – макар и зло?! Аплаузи за неговата свита, перфидно магичниот Оливер Митковски, алијас Коровјев, секогаш прагматичниот во зло мачор Бегемот на извонредно живиот Петар Мирчевски, за Азазело на Ѓеорги Јолевски, кој сето свое акумулирано знаење и умеење го даде и предаде на овој лик, од гласот како алат, до целото свето битие, интелигенција вложувајќи ги во моќта за трансформација што фасцинираше…

На овој долг “список” на живи духовни чеда се надоврзуваат и Дејан Лилиќ и неговиот Мајстор, за кој умствената игра на работ помеѓу лудилото и љубовта е хумористично стварна, но и сурово реална, иако завршува таму некаде си високо… Се разбира, со неговата Маргарита на интересно и тивко канализираната Драгана Костадиновска, која атрибутите на нејзината хероина умешно ги користи да го покаже своето актерско умеење…

Во приказната за Џелатот и Жртвата ги имаме извонредно стамениот и дикциски прецизниот Јордан Симонов како Понтиј и Пилат, предаден со точност која ретко ја гледаме на нашите сцени, блажено тивкиот Стефан Вујсиќ како Ха-Ностри (алијас Исус Христос) во кој пленеше смиреноста и покрај неговата млада актерска душа и кој тихувањето го пренесе на нас со тајфунска енергија… Трансферираната енергија во фантастична експресија беше канализирана и од Александар Горгиевски, како Леви Матеј, во својата младешка енергија ја вплете својата професионална сериозност, збунетиот Бездомни или Сашко Коцев, кој својот комичен нерв фино и доследно го канализираше во ликот и играта помеѓу лудилото и стварноста помеѓу жицата на идиотизмот и реалноста…

Во лепезата епизодни остварувања кои ќе останат со извонреден печат се и оние на Емил Рубен како Докторот, Катина Иванова (Прасковја), Кирил Коруновски како Миша Белиоз, па Нино Леви со неколкуте свои ликови, Никола Ацески, кој пленеше со својата колоритност во талентот, Ана Стојановска, која ја изигра Хела, со самата своја појава, професионалната посветеност на Александар Микиќ и неговите креации во кои внесе интересна градба во она што се вели целокупна слика на претставата, а тука беа и доајените Снежана Конеска Руси, Томе Витанов, Стојна Костовски, Александар Ѓуровски кои со својата дисциплина ја надополнија приказната за да го остварат нашиот без здив…

Трајче Ѓеоргиев беше Лиходеев, Лазе Манасковски го оживеа секретарот на Пилат, а беше дел и од Воландовиот бал, а тука беа уште и 20-тина млади актери од ФДУ и ЕСРА, кои ги надополнуваа извонредните слики од Воладовиот бал, каде всушност Маргарина фаустовски се жртвуваше за својот љубен, како и “Теревенките” во Грибоедов, надополнети со умешните режисерски, филмски, стоп-кадри (уште едно мајсторство на режисерот Поповски), а заслужни се и за комплетната слика во Вариетето во кое Волант и дружината не маѓепсаа и нас во публиката…

Сето ова не ќе беше можно без фантастично колоритните и прецизно употребени и функционални костими на Марија Попучевска, како и сценографската моќ на Валентин Светозарев, се разбира надополнета со изборот на музика од класика до луцидност на режисерот Поповски, заедно со кореографските решенија и помош од младата актерка Нина Деан.

Како потписник на овие редови се радувам што бев сведок на едно раѓање на вонвременската љубов преку “Мајсторот и Маргарита” на МНТ.                                    Борче ГРОЗДАНОВ