НЕПОСРЕДНО СО НИКОЛА РИСТАНОВСКИ: Дајте ми малку пченица -гладен сум!

 

НЕПОСРЕДНО СО НИКОЛА РИСТАНОВСКИ, СТОПРОЦЕНТНО УСПЕШЕН УМЕТНИК

Ретки се оние од која било професија кои можат да се пофалат со стопроцентен учинок кога се во прашање наградите како верификација за нивната работа. Еден лик кој ја поседува таа реткост со седум награди од исто толку учества на МТФ “Војдан Чернодрински” е Никола Ристановски. Токму затоа и уште поголемо е задоволство на потписникот на овие редови да помуабети со човекот Никола, но и со и за Подсекаљников, Раскољников, Воланд, Глембај… И уште долга низа на оставени печати во уметничката современост, но и историја. Затоа, во продолжение ви нудиме фрапантна едноставност на муабетење за она што е философија на животот…

Колку Никола Ристановски успеа преку Потсекаљников, “најпресниот” повод за верификација на уметничка вредност да допре до обичниот човек?

Прашањето е многу добро од аспект на тоа дека води во два правца. Колку ликот може да не доведе до обичниот човек во публиката, а колку пак, да го отвори патот до обичниот човек во мене. Во оваа смисла и во оваа фаза на мојата професија размислувам и насочен сум кон откривањето на “обичниот# човек. Наводниците се поради тоа што секој што се родил е доволно необичен штом е во позиција да живее. Од овој аспект пак, мене како Никола ме интересираат и радуваат ликовите и животите кои имаат сличен пристап и само навидум едноставен, кон “обичноста#. А таа пак, подразбира сличен начин на перцепција на среќата, но и на тагата, на угнетеноста, како и на болката, пред се. Затоа мислам дека драматуршките Хамлети, Фаусти, Иванови, иако за овој последниот не може да се каже дека е необичен, треба да го остават просторот на “обичните# луѓе. Да се разбереме обичниот човек не се наоѓа во обична опаковка додека необичниот, да.

Majstor i margarita !

Дали е ова аспектот на Воланд…

Е од негов агол сето ова претходно не важи! Во “Мајсторот и Маргарита# иако тој е ѓаволот лично, тој никому не прави зло директно! Тоа го прават, замислете, обичните луѓе за него. Изгледа и звучи апсурдно, но во илјадавековната борба меѓу доброто и злото, сепак, тоа двојство е чучнато во сите нас. За жал…

Значи ли тоа дека патот до Доброто е невозможен?!

Доброто е идеал! Како што би требало да знаеме, патот до него е често непристапен или трнлив, но не и невозможен. Спасоносна е идејата дека Доброто е етичка категорија, а убавината е естетика. Спасот е во тоа што тие најчесто се преплетуваат творејќи му пат на Идеалот… Мојата среќа е во тоа што во Театарот се е можно, па и допирот до доброто, најчесто преку сонот…

Демистификацијата на некои нешта како што се правците во литературата и драматургијата ми го овозможуваат ова прашање: Можно ли е Раскољников и Глембај со сиот свој багаж да му го расчистат патот на Подсекаљников, и навистина пченицата за душа да му ја направат блага?

Кај Раскољников постои дилемата, на која на крајот и самиот станува жртва, а таа е – дали вреди да се убие една лихварка во името на благосостојбата на другиот. Глембај пак, трудејќи се да докаже дека е нешто друго, односно Даниели сам упаѓа во замката губејќи го идентитетот и тлото под нозете. Затоа, сигурен сум дека никој од овие двајца, па и ниту еден светски книжевен и вистински лик не може никому , индивидуално да му го расчисти патот кон Вистината. Единствено, Потсекаљников самиот може тоа да го стори за себе, доколку ја добие подадената рака на молбата: – Дајте ми малку пченица гладен сум!

page

Да се вратиме на личниот аспект преку прашањето, знае ли Никола Ристановски да се чува па дури и да се трга пред злото?

Доколку сакав и можев да се чувам од актуелниот миг и глупоста немаше да ја работам работата како што ја работам, со посветеност, понекогаш и со навидум налудничаво минување низ ѕид со глава. Мојата среќа ја наоѓам во тоа што сепак верувам во доброто, а верувам, не затоа што морам, туку затоа што вербата ми е единствената, непрекината движечка сила. Но, и осознавањето на вербата како единствениот мотив за продолжување на животот, е борба. Иста онаква како и вечно недоодениот пат до доброто! Во тоа име ги поздравувам сите добронамерници кои се на патот на борбата! Зашто животот е навистина, прекрасен! (Б.Г.)