Мира Фурлан актерka

Трагам по среќата во малите нешта

Во ова време, шака луѓе сите не понижуваат и ни ги земаат парите или смислата на животот и достоинството.

Поканета да биде член во меѓународното жири, за првото издание на фестивалот посветен на младата светска кинематографија – „ Кине Нова 2016“, во Скопје престојуваше актерката Мира Фурлан, една од легендите на поранешниот југословенски филм, театар и телевизија. За безмалку 5 децении кариера, Фурлан има одиграно  шеесетина улоги на филмското платно и на телевизија и многу на театарската сцена. Од Петруњела во „ Дундо Марое“, преку Кате во серијата „ Вело мисто“, Енка во филмот „Киклоп“, Анкица Видмар во наградениот на Канскиот фестивал „ Татко на службен пат“, до синокосата Маријана „ Во канџите на животот“ и Јаглика во „ Убавината на порокот“, Фурлан ги собра симпатиите на гледачите и критиката во поранешната држава , прикажувајќи карактери на жени кои се борат да му дадат личен печат на сопственото време. Поради распадот на Југославија , во 1991 година Мира Фурлан , по националност Хрватица , заедно со сопругот Горан Гајиќ кој е Србин и режисер, емигрирале најпрвин во Њујорк, а потоа се преселиле во Лос Анџелес , каде што живеат и денес со синот Марко Лав. Од тогаш започнува нејзината интернационална кариера , која досега и донесе забележителни остварувања со сериите „ Бабилон 5“ и „ Изгубени“. Од 2002 година наваму, Фурлан повторно е активна на Балканот. Ја толкуваше  Медеја во истоимената Еврипидова трагедија, во продукција на театарот „ Улисис“ на Раде Шербеџија, пишуваше колумни во сплитскиот „ Ферал Трибјун“ што ги објави во збирката „ Тотална распродажба“. Нејзиниот текст „ Додека смртта не не раздели“ го постави Мики Манојловиќ во неговата„ Работилницата за интеграција“ во Белград, а настапуваше и во филмовите и сериите „ Изгубени“, „ Ќе се вратат штрковите“, „ Турнеја“ и „ Циркус Колумбија“. Мира Фурлан во Скопје дојде 25 години по нејзиното гостување со претставата на Слободан Унковски , „ Театарски илузии“, а како што изјави,  продолжува во Ријека каде ќе работи на претставата „ Есенска соната“ од Бергман, што ќе ја режира Ана Томовиќ. Поради нејзиниот густ распоред на филмови и други содржини на „ Кине Нова“, со големата актерка и страсвен борец за правата на луѓето во светот, успеавме да се сретнеме пред крајот на фестивалот и класичното интервју го заменивме со асоцијации на кои таа ги даде следниве одговори:

Театар

  • Трема, страв, возбуда, фантазија, магија…Оливер Фрлиќ, Петруњела, „ Дундо Марое“ , „ Дубровнички летни игри“, мојата претстава во Њујорк од пред неколку години.

Филм

  • Смрзнување, чекање на сет со часови, чувство дека е магично кога сите нешта функционираат, заедништво со екипата, со луѓето што работат на филмот, носење летни пижами во зима, а зимски тешки капути во лето.

Американска телевизија

  • Гума на лицето, иритирани очи од маската, чувство на гордост што можам да функционирам на друг јазик, повторно пронаоѓање на моето филмско, актерско, телевизиско семејство што го изгубив, страшна брзина со која се работи, страв од грешка, воопшто страв.

Ова време

  • Шака луѓе што сите не понижуваат и ни ги земаат парите или смислата на животот, достоинството… Безнадежност, безнадежност кај младите луѓе, нивната изгубеност во овој свет , недостаток на идеи, општо осиромашување и погазување. Денеска прочитав вест дека во Лос Анџелес се продава куќа за 200 милиони долари, што ја изградил американскиот филмски и тв продуцент  Ерон Спелинг. Па и таа куќа за 200 милиони нека влезе во асоцијациите кои го опишуваат ова време.

Смислата на животот

  • Постојана потрага по среќа во малите нешта. Како што рекол Волтер- „ Секој да ја обработува сопствената градина“, враќање кон внатрешното зашто во надворешноста нема многу.

Среќа

  • За мене тоа е природата. Во неа сум најсреќна, опкружена со трева, дрвја и птици… Со животните.

Љубов

  • Блискост, доверба, грижа за другиот, лојалност, одговорност, радост.

Индивидуалност

  • Интегритет, верен кон самиот себе, без откажување од сопствените вредности, борба за сопствената особеност и по цена на голема жртва.

Слобода

  • Слобода или смрт !

Иднина

  • Надеж дека има иднина. И покрај се. Тоа е наша човечка должност , да не ја изгубиме таа надеж и кога губиме се. Ако ја изгубиме надешта дека е возможна промена и дека можеме некако да ја иницираме, тогаш се сме изгубиле.